Во фабриката на Ford во Зарлуи започна производството на Focus EcoBoost Hybrid. Новата изведба на компактниот модел со благ хибриден погон заштедува до 17 проценти гориво.
Фабричките одмори завршија, продолжува производството во фабриката на Ford во Зарлуи. На фабричките ленти има и нов модел, Ford Focus EcoBoost Hybrid. Електрифицираната погонска спрега комбинира 48-волтен стартер-генератор со 1,0-литарски бензинец. Купувачите можат да избираат меѓу две различни моќности на моторот, со 125 или 155 КС. Стартер-генераторот располага со моќност од 11,5 kW (16 КС) и помага главно при поаѓање и кусо при забрзување, растоварувајќи го моторот.
Во споредба со изведбата на Focus со 1,5-литарски EcoBoost со 150 КС, новиот Focus со благ хибриден погон во верзијата со 155 КС заштедува 17 проценти гориво. EcoBoost Hybrid може да се добие со сите нивоа на опрема, цените во Германија стартуваат од 22.774 евра.
Од повторното отворање на фабриката на Ford во Зарлуи во 1970 година се произведени над 15 милиони возила
Ford до крајот на следната година ќе нуди 18 електрифицирани модели во Европа, а до завршетокот на 2022 година, повеќе од половина од продажбата на европскиот пазар ќе ја сочинуваат возила со електрифициран погон, односно благ хибриден, приклучен хибриден или чисто електричен погон.
Фабриката во Зарлуи има искуство во производството на автомобили со електрифициран погон. Уште во 2013 година, во оваа фабрика во Германија започна производството на Ford Focus Electric. Тоа беше воедно и прв автомобил со целосно електричен погон што се произведуваше во Германија.

















