Турата по трите планини со највисоки врвови се погоди во време кога Македонија се учи повторно да се одушевува и ужива во своите природни убавини. По Кораб и Шар Планина, следно одредиште ни е Баба Планина. Претходните возења минаа во знакот на иновирањето и издржливоста на Toyota, потоа беше ред на спојот меѓу возниот комфор и возните возни својства. По патот за Пелистер ќе откриваме кои се следните две посебни обележја на Toyota и на RAV4.
Секоја планина со својата убавина. Добро е кога и автомобилот ќе се погоди како одличен придружник, речиси како член на семејството или како дел од „експедицијата“. Дури и самото возење со Toyota RAV4 долж горното течение на Радика и по уживателски проектираниот пат за Попова Шапка беше вредно доживување. Тоа е дело на напредната технологија и на искуството стекнато по стотици милиони произведени автомобили. Точно тоа е посебноста на СУВ-пионерот во петтата генерација, меѓу своите патници да посредува чувство на релаксираност и на згриженост на сигурно, додека се вози буквално по карпа или се истражува до каде води патот низ шумата.
Toyota ја познаваме одлично, по безбројните гостувања на нејзините автомобили во редакцијата, а во меѓувреме напредуваме и во запознавањето на RAV4. Имајќи ги во свежо сеќавање сцените кога СУВ-пионерот, без мака и со асистенција на двата електромотори, се пробиваше по калливиот шумски пат по Кораб, прави големо задоволство кога возењето продолжува по нормален пат, по асфалт.

Инженерите, дизајнерите и сите експертски профили што учествувале во развојот и „одгледувањето“ на RAV4, како сите да добиле налог да ги проектираат и чувствата што возачот и патниците ќе ги стекнуваат во автомобилов. Далеку е од случајност тоа што се гледа како хаубата продолжува напред речиси рамно и на совршена висина – на тој начин се стекнува впечаток како во старите Land Cruiser. Тоа е совршеноста на јапонскава марка на дело, додека возачот гледа како каросеријата останува смирена, а тркалата во исто време газат по крпеници на патот. Чувството е како хаубата буквално да го пегла патот, како да се вози „валјак“, но многу побрз и неспоредливо пософистициран. Како што кажавме, тоа исто така било дел од дизајнерскиот и развоен процес на моделот.
Со воведувањето на TNGA-платформите за сите свои нови модели, Toyota направи возењето на нејзините автомобили да биде придружено со силни емоции. Резултатот од спојот меѓу прочуената издржливост и динамичното, а пак комфорно возење, се продажните рекорди.
Подвозјето со одличен баланс меѓу спортски возни својства и лимузински комфор, прави да биде сеедно дали од Скопје до Битола ќе возиме користејќи ги споредните патишта или автопатот. На „монте-карло“ делницата од Катланово до Велес уште еднаш се чувствува делотворноста на платформата TNGA. Станува збор за напредна платформа, конструирана за постигнување врвни возни својства и за поттикнување чувства кај возачот и патниците. И уште еднаш: RAV4 е меѓу СУВ-моделите што причинуваат најголемо задоволство во возењето. Тоа не беше најсвојствено за старите генерации модели на Toyota, кога беше доволно возилото „само“ да не се расипува, да трае бесконечно, да биде едноставно за одржување, практично за семејството и штедливо.
По пат ни е план да се увериме во делотворноста на системите за асистенција. Автопилотираното возење е голема тема во Toyota и во RAV4. Во основа станува збор за автопилотска технологија од 2-ро ниво, највисоко ниво што моментно го достигнува технологијата за сериско вградување и што го дозволуваат законите. Уште во основното ниво на опрема, овој СУВ доаѓа со приспособлив темпомат и со систем за задржување на возилото во лента. Тоа значи дека RAV4 ќе подзапре самостојно кога ќе наиде на возило напред што е побавно од брзината поставена на темпоматот и значи дека возилото може самостојно да се одржува во сообраќајната лента, вклучувајќи и самостојно свртување во свијоци.

На искачување на Плетвар, со вклучен приспособлив темпомат, возачот напред практично вози за нас. Toyota самостојно забавува и забрзува, следејќи го возилото напред. Автомобилов дури и самостојно ја следи лентата и вешто управува во свијоците. Доволно е само дланките да се држат на волан. Во спротивно, системот се исклучува. Тоа за Toyota Satefy Sense 2 значи дека возачот е активен и будно го следи сообраќајот пред себе. Овие системи за автопилотирано возење добиваат сé повеќе обожувачи. Некогаш едноставно се случува возачот да биде преморен, и тие десетина минути, колку што возилото ќе се пушти да вози со асистенција, претставуваат куса, но делотворна починка. Истото важи и обратно. Системите за асистенција придонесуваат возачот помалку да се заморува при долгите или чести возења.
Системите за асистенција помагаат возачот да се заморува помалку, а воедно помагаат и возачот по подолго возење да ја задржи концентрацијата на патот
Работата на приспособливиот темпомат и на „држачот во лента“ има повеќе смисла на следната делница, на правиот пат од Прилеп до Битола. Четириесетината километри пат се како измислени за оваа проба. Тоа што претходно секогаш ни се чинело здодевно и бескрајно долго, сега како да мина за миг и забавно. Неколкуте секунди слобода да се погледне крајоликот, да се види родот по нивите покрај или едноставно да се погоди кој од врвовите што се гледаат е Пелистер, менуваат многу. Во половината час, има и време да се слушне локално радио, да се дознае што во моментот се случува во Битола. Возењето многу се смени во овие денешни времиња. Незаинтересирано и непровоцирано ги забележуваме лимузините што пролетуваат покрај.
Градот под Пелистер во викендот не пречекува во некое блажено спокојство. Се вози бавно и смирено, како што личи за град, и тоа што најмногу имресионира, никој не се обидува да се втурне по десната лента, никој не свири, сите знаат каде се имаат упатено и се почитуваат меѓусебно. Во споредба со скопското улично секојдневие, особено во викендите, тоа се два различни света. Човек да посака да остане тука и да вози.

По Булевар 1-ви Мај, минувајќи покрај препознатливите стари градби и долж течението на Драгор, продолжуваме петнаесетина километри по патот за националниот парк Пелистер. Скршнувањето влево кај Билбил Камен е обележано да не може да се утне. Пред „Царската градина“, патот продолжува десно, до местото кадешто личи како цел град да е дојден во моментот. Иако има полно паркирани автомобили пред трите хотели Дренка, Шумски Фенери и Шатор, нормално дека битолчани почитуваат манир, да нема автомобили што ќе го попречуваат патот.
Возењето во Битола е речиси нереално, колку што е смирено и цивилизирано
Како професионални патувачи, го имаме стекнато тој сенс да забележиме кога возењето во некое место се разликува. Додека на други места, кадешто има голема голема циркулација на туристи, посетители, народ општо, одвај може да се зборува за сообраќај, тука е како во учебник за возење. Кога возите по нагорнина, отспротива подзапираат и се повчекуваат во страна да ве пропуштат.
Луѓево тука очигледно се дојдени да уживаат во природа. Нема возење колку што држи гасот, нема подвижни турбо-музичари со спуштени прозорци за сите да им се одушевуваат на вкусот, сé е природно, човечки. По асфалтираниот пат што води до хотел Молика, на 1.420 метри, се минува покрај дузина патеки што се издвојуваат и нудат можности за пешачење, возење велосипед или за зимски спортови: Дрвена чешма, Голема ливада, Мала ливада. Уште следново што ни остави впечаток: Нема отпадоци, не се забележуваат насилни оштетувања, сé е природно чисто. Битолчани, браво!

Назад во Toyota RAV4. Во досегашните тури не му посветивме внимание само на едно нешто. На изгледот. Дизајнот на овој СУВ е толку доследен на очигледната идеја да направат секој дел да се разликува од унифицираната иконографија во сегментот, што дури кога погледот ќе падне на само одредено подрачје или дел се забележува колку всушност е различен автомобилов.
Дури откако RAV4 ќе се загледа во детали, се забележува колку различно се изведени тие
Почнува уште од светлата, што со формата и поставеноста создаваат лик на вонземјанин. Има многу внатрешна игра и во графиката на самите светла – заедно со двете лајсни што го формираат знакот VW :) Двете светла ги спојува впечатливо изведен жлеб, со рустикално исправена маска под него, со груб растер и со масивно лого на Toyota, во сина боја, како стандарден знак дека погонот е електрифициран.
Стилот продолжува со лајсните на арките во крилата, лакирани во црна сјајна боја и во контраст со сивниот каросериски лак, со бандажите од 17 инчи и со покривот што во оваа варијанта на RAV4 исто така е лакиран во сјајна црна боја. Изведени се потези и во површините. Како точно е разиграна формата на оваа Toyota, најдобро се забележува во работ што кружи околу задните странични стакла. Сите овие детали се забележуваат дури отпосле. Тоа е мајсторијата на дизајнерскиот тим, да создаде изглед што не е евтино различен, а во исто време не е ниту дрско раскошен.

Ова поглавје за дизајнот всушност ѝ дава вистинска смисла на нашата излетничка посета на Баба Планина. Качувањето на Пелистер го посветуваме на стилот што Toyota денес го негува во своите модели, а второ го посветуваме и на задржувањето на традиционалните вредности. Така ја заокружуваме оваа наша „планинарска“ тура. Симболичното искачување по Кораб го посветивме на иновирањето и издржливоста на Toyota, додека „освојувањето“ на Шар Планина беше во знак на успехот на инженерите на маркава, да спојат возен комфор и спортски возни својства во еден автомобил.
Хибридниот погон го оставивме во заднина, но само во нашата приказна – тој придонесе секој момент од возењето да биде порелаксирано, покомфорен, поштедлив – кусо, хибридот е Toyota и Toyota е хибрид
Пелистерското возење мина во стил, впрочем тоа е општа одлика и на градот под планината со третиот највисок врв во Македонија. Што е со хибридниот погон? Тоа беше воедно и идејата на целата оваа трилогија. Комбинацијата од мотор и електромотор ја оставивме во заднина на приказната, иако е факт дека хибридниот погон придонесе, возењето во најразличните услови што ги минавме на патешествието, да биде покомфорно, попријатно, порелаксирано – и поштедливо.

По турите од Скопје до Стрезимир и до Попова Шапка и назад до Скопје, како и по турата до Битола и назад, во резервоарот на Toyota RAV4 остана гориво за уште сто километри. Тоа дава просек под 6,0 литри. Хибридниот погон денес се подразбира, не само во Toyota, туку и општо во целата бранша. Нов автомобил без хибриден погон, во која и да било форма, денес не е „нов“ автомобил. Ако не е полн хибрид, како на јапонскиот пионер, тогаш или е благ хибрид, или е приклучен хибрид, или е целосно електричен погон. Тоа беше идејата на Toyota уште пред повеќе од 20 години, со првиот Prius. Веќе размислуваме за нова тура.

Претходните два дела од нашата планинска тура
По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Кораб (1. дел)
По највисоките македонски планини со Toyota RAV4: Шар Планина (Втор дел)