за

Кинески DFSK во мај стартува со Glory 500, цена под Dacia Duster

Од марката DFSK досега ги познаваме седумседот Glory 580 и купе-СУВ крстосувачот Glory F5. Македонскиот увозник во следниот месец започнува со продажба на Glory 500. Тоа е бензинска варијанта на електричниот Seres 3.

Се оформува моделското семејство на DFSK на македонскиот пазар. Увозникот ABC Brother го најавува почетокот на продажбата на третиот модел во понудата на кинескиот концерн во мај. DFSK Glory 500 ни е познат од друга марка од концернот, од електричниот СУВ-модел Seres 3, со којшто лани извозевме 100% електрична тура од изворот на Треска во Кичево, до Скопје. Glory 500 во основата е идентичен со Seres 3, разликата е во погонот. Под хаубата работи бензинец. Цената е мала сензација.

Автомобилскиот пазар секогаш е во движење. Додека европските концерни се префрлуваат на електричен погон и го придружуваат тоа со дигитализација на кокпитот и системи за асистенција, што веќе се способни самостојно да го преземат управувањето, а секако и со соодветно покачување на цените, во исто време се отвора пазарот за кинеските производители. Трите главни теми на автомобилската сцена – електрификација, дигитализација, автономно возење – секако дека се развиваат и кај „новата“ автомобилска велесила, меѓутоа примената на тие теми кај неа се одвиваат со поприродно, побавно темпо.

DFSK, заедничката марка на Dongfeng, еден од најголемите производители на автомобили во Кина, и Sokon, еден од помалку големите производители на автомобили во земјата, но доволно голем да ги засени половината европски производители во поглед на продукцијата, „гази“ солидно на сите три полиња. Нивниот електричен СУВ-модел од компактниот сегмент, Seres 3, располага со електричен погон со 163 КС и досег за 350 километри, располага и со дигитален кокпит, има и системи за асистенција во врвните нивоа на опременост.

Со моќноста и перформансите, со комоцијата и возните својства, Seres 3 на ланското возење низ еден од најмалку гостопримливите терени за автомобил, низ резерватот Јасен и во подножјето на Јакупица со врвот Солунска Глава, покажа дека е сосем способен да се мери со СУВ-моделите од познатите европски марки. „Мала“ разлика: Seres 3 чини околу 30.000 евра, значи исто колку Kuga или Tiguan во нивните најосновни изведби, меѓутоа за истата цена нуди електричен погон. Стилскиот СУВ со тоа е во голема предност, дури и без да се земат предвид богатата опременост, изненадувачки солидната завршна изработка, и комфорното подвозје.

New item by Automedia MK / Google Photos

Како што дознавме во разговор со увозникот ABC Brother, од Seres 3 во меѓувреме се продадени три примероци. За електричен СУВ со цена на десет години стар Range Rover Autobiography од автоплацевите за користени автомобили, патем и со предрасудата дека се работи за автомобил произведен во Кина, трите досега продадени примероци од Seres 3 се „бројка“.

Каква врска има Seres 3 со најавата за новиот модел во гамата на DSFК?

Третиот модел што ќе се придружи во гамата СУВ-модели на DFSK, што се води под моделската ознака Glory 500, ја користи истата каросерија, истото подвозје, истите седишта, кокпит, електроника и електрика, системи за асистенција и безбедност, опрема, финиш, како Seres 3. Разликата е во тоа што во Glory 500 не работи електричен погон, туку добар и солиден бензинец, каков што го познаваме од седумседот Glory 580 и од СУВ-купето Glory F5.

За точни детали околу понудата од моделски изведби, нивоа на опрема и погонски варијанти ќе почекаме додека ABC Brother го објави почетокот на продажбата на моделот, што треба да се случи веќе во мај. Затоа, во продолжение ќе ги користиме информациите за Glory 500 што ги добивме од производителот.

Главната разлика во надворешниот изглед на бензинскиот модел е во маската, којашто е целосно затворена и стилизирана кај електричниот Seres 3

New item by Automedia MK / Google Photos

Станува збор за СУВ-модел од компактната класа, со должина од 4.385 милиметри, ширина од 1.850 милиметри и висина од 1.645 милиметри. Меѓуоскиното растојание изнесува 2.655 милиметри, најмалото растојание од подлогата изнесува 191 mm. Ширината на трагата на предната оска изнесува 1.580 милиметри, односно 1.582 mm на задната оска. Празно возило тежи 1.380 килограми, во основната варијанта. Багажникот има зафатнина од 318 литри.

Моторот е 1,5-литарски, носи ознака SFG15A, работи без турбонатполнење и постигнува 116 КС при 6.000/min. Вртежниот момент достигнува мамсимални 147,5 Nm во подрачјето меѓу 3.600 и 4.000/min. Четирицилиндарецот располага со две брегасти вратила, впрскување во повеќе точки и комбиниран е со 5-степен мануелен менувач. Погонот е напред. Во резервоарот собира 50 литри гориво, просечната потрошувачка според кинеското министерство за индустрија и информатика изнесува 6,4 L/100 km. Квалитетот на издувни гасови ја исполнува националната норма VI.

Seres 3 во меѓувреме се продава во Германија, Италија, Франција, на бројни пазари ширум Европа

New item by Automedia MK / Google Photos

Предната оска е мекферсон, назад работи торзиска оска, предните сопирачки дискови се вентилирани. Управувањето користи елеткрична сервоподдршка, променлива според брзината на возење. Гумите во основната варијанта на моделот имаат димензија 205/65R16.

Според нивото на опременост на основниот модел за кинескиот пазар, Glory 500 1.5 поседува задни паркинг сензори и камера, алу-тркала, преден потпирач за раце, мултимедиски систем со 2 звучници и средишен дисплеј од 7 инчи, електрика на сите прозорци и на ретровизорите, клима уред, патен компјутер, команди за радио на воланот, централна брава со далечинска команда и системот што ни е познат од Seres 3, можност за камерата постојано да снима пред возилото во секвенци во времетраење по избор.

Втората погонска варијанта е 1,5-литарец со турбонатполење и 150 КС, максимален вртежен момент 220 Nm и 6-степен мануелен менувач. Двата мотори може да се комбинираат и со менувач CVT, значи со менувач со бестепено променлив преносен однос, принцип познат од хибридите на Toyota. Автоматскиот CVT-менувач минимално ја зголемува тежината, на 1.410 килограми, што значи за само 30 килограми во споредба со мануелниот менувач. Стандардно со автоматскиот менувач следува електрична паркирна сопирачка.

Впечатливо е прекршувањето во линијата на каросеријата над задните тркала

New item by Automedia MK / Google Photos

Врвното ниво на опрема, коешто е достапно само со посилниот мотор, располага дополнително со алу-тркала од 17 инчи, сончев покрив, пристап без клуч и стартување на мотор на копче, темпомат, самостојно паркирање, систем од камери за приказ во 360 степени, помош при поаѓање на нагорнина и спуштање по надолнина, кожа на воланот, навигација, говорни команди, обновување на софтверот по пат на OTA, диодна техника за сите функции на светлата, електрично собирање на ретровизорите, автоматски клима уред и уште низа ставки.

Основниот модел на македонскиот пазар, со 1,5-литарец со 116 КС и мануелен менувач, според првичните најави од македонскиот увозник ќе стартува од 16.200 евра. Dacia Duster стартува со повисока цена и помалку опрема. Тоа ќе биде новата сензација.

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Тест на Seres 3 · СУВ од Кина, електричен и премиум

Тоа е најкомплетното претставување на Glory 500, со вклучен превод се добива добра претстава за моделот

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Toyota RAV4 Plug-in Hybrid: Приклучен хибрид за хибрид, како дизел и турбодизел

Нов бонус за електричните возила во Германија, исплата секоја година