за

Тест на Seres 3 · СУВ од Кина, електричен и премиум

Македонскиот пазар има солидно искуство со автомобилските марки од Кина. Некои марки исчезнаа, некои останаа и напредуваа солидно. Seres 3 е автомобил кај кого што напомената дека е произведен во Кина станува сосем нерелевантна. Автомобилов, патем, вози чисто на струја.

Скапите и технолошки супериорни марки со електрични автомобили зад коишто стојат моќни кинески компании, од типот на Nio, Xpeng или Aiways, деновиве пишуваат големи наслови на светската автомобилска сцена. Seres долго пред нив започна со производство на електрични автомобили. Уште една предност на Seres е тоа што марката во својата понуда има релативно достапни електрични модели. Тоа уште не се автомобили што се нудат во „супермаркет“, но се зрели и сосем конкурентни електрични автомобили. Македонија е меѓу неколкуте европски држави, покрај Германија, Франција, Италија, на коишто возилата од марката Seres се во редовна понуда. Македонскиот увозник меѓу другото ги увезува автомобилите директно од фабрика, без посредништво. Што може да понуди ново компактниот СУВ со погон на струја, Seres 3?

Ете колку брзо се менуваат работите на автомобилската сцена. Додека повеќето уште си замислуваат дека автомобилите што се произведени во фабриките во Кина се евтини колку непретопен германски отпад што завршил на бугарски автоплац и изгледаат како да се изработени на час по техничко образование, во стварноста е сосем поинаку. Овој автомобил со каросерија лакирана во благородничка темносина боја, со длабочина и сјај како болоњски кватропорте, мошне верно ја отсликува стварноста. Оваа згодно обликувана каросерија на СУВ е изработена во Кина, а под неа работи чисто електричен погон. Згора на тоа, големиот кинески концерн што го произведува автомобилов, цени дека тој е премиум модел. Значи, место евтини автомобили, од Кина во реалноста ни пристигаат електрични автомобили со премиум аспирации.

Марката на овој СУВ со големина колку Tiguan, 3008 или RAV4 е Seres, моделот е „3“, исто како лимузината на BMW и исто како калифорнискиот електричар Model 3, името на концернот e DFSK (од Dongfeng Sokon Automobile), а цената е фантастични 30.000 евра. Ако веќе се гледа толку во „ситници“, основниот модел чини 31.090 евра, додека примерок како на тестот, во нивото Premium, чини точно 34.000 евра.

Електричниот модел од кинески концерн, што во Македонија го познаваме многу подобро по еден друг модел и друга марка, во тестираната изведба чини приближно колку Mini Cooper SE (33.390 евра) и малку е подостапен од електричен Peugeot e-208 Active Pack (35.090 евра) или од Volkswagen ID.3 Pure Performance (35.253 евра). Французите имаат електрична изведба и од бестселерот Peugeot 2008 (38.200 евра), премиум електро-евергринот BMW i3 чини 40.090 евра, електричниот СУВ Volkswagen ID.4 Pure заокружува со 41.609 евра. Постојат уште неколку чисто електрични модели на македонскиот пазар, вклучувајќи го секако и Porsche Taycan, меѓутоа што се однесува до кругот на конкуренцијата на Seres, тоа е прилично комплетната слика.

Сцената очекува дека автомобил што пристига од Кина нема што да понуди во ценовната класа над 30.000 евра. Во очекувањата може и да се погреши

Постои еден детал што му дава „шанса“ на Seres 3, ако се цени според критериумот во којшто сцената навива најмногу за автомобилите од кинеските производители, според цената. Seres 3 сепак е најдостапен чисто електричен модел на македонскиот пазар, а уште подобро, тој е најдостапен чисто електричен СУВ-модел на македонскиот пазар. Но, зарем сé мора да се сведува на пониска цена, ако автомобилот не е произведен во Штутгарт или Минхен? Можеби автомобилов сепак нуди и соодветна противвредност за парите. Како што спомнавме, автомобилскиот свет се смени и продолжува да се менува уште порадикално, така што денес најмалку може да им се верува на предрасудите.

Однадвор е тешко да се најде забелешка, некаков белег дека автомобилов е произведен во Кина. Секако дека тоа е по малку наивна мисија. Стотици модели што ги познаваме во Европа, денес имаат свој близнак што се произведува во Кина и се продава таму, почнувајќи од Škoda Octavia Pro до Mercedes E-Class. Во истиот тон: Електричниот BMW iX3 од Шенјанг ништо не го спречи во првите осум месеци да се продаде во 1.650 примероци само во Германија, што е повеќе од серијата 7.

И уште еден пример: Првите 864 примероци од електричниот Tesla Model Y, СУВ-изведба на шампионскиот Model 3, што во август пристигнаа во Германија, компанијата на Илон Маск ги донесе директно од фабриката на Tesla во Шангај. Додека не стартува фабриката во Берлин, целиот европски пазар ќе се сервира од фабриката во големата азиска земја. Затоа, кога ќе слушнете некој да зборува дека тој и тој автомобил е произведен во Кина, придавајќи негативна конотација, бидете сигурни дека тој „експерт“ е далеку од реалниот автомобилски свет денес.

Кина и „кинески“ повеќе нема да спомнуваме, ова е тест на Seres 3, електричен СУВ од компакт класата

Тоа ќе биде воедно и последниот пат во овој тест да ја спомнеме земјата на потекло на овој СУВ – иако и тоа е многу релативно. Првото што нé интересира е колку „скапо“ е изработена каросеријата на Seres 3. Дизајнерите и шефовите задолжени за проектот го прикажуваат тоа на местото што е најочигледно и каде што ќе се забележи прво. Тоа е зјајот на преодот од хаубата во маската. Последнава, реално не е маска, туку е панел. Електричниот СУВ нема потреба од воздух за ладење на „моторот“. Од друга страна, можноста за комплетно затворање на носот годи и за аеродинамичноста.

Позитивниот впечаток од зјај-тестот се задржува и по уверувањето во квалитетот на поликарбонатот за предните и задните светла. Хромираните лајсни во предниот браник и под прозорците се вметнати примерно врз гумена подлога. Исто како што металните панели се соединуваат педантно, така и гломазните пластични делови, како што се заштитата на арките на крилата и самите браници, се одликуваат со преоди за коишто нема што да се забележи. Дури, предниот и задниот браник се дводелни, односно при оштетување може да се смени само делот на којшто му нема спас. Покрај тоа, долната половина од браниците е нелакирана. При излети по терен, тоа е благодат. Еден мал, но значаен детал може и да се пропушти. По страничните прагови и на спојот на двата дела од задниот браник може да се забележи една светло сина лента. Тоа е „бојата“ на струјата, производителот многу суптилно укажува дека автомобилов користи електричен погон.

Уште еден детал што причинува задоволство во поглед на изработката на каросеријата и на додатоците. Хаубата се отвора со двојно повлекување на рачката, така што потоа не мора да валкаат прстите додека се бара каде е внатрешната рачка за ослободување. Пријатно е кога хаубата потоа ќе почне да се отвора сама, со помош на двата амортизери, но најпријатното чувство е кога хаубата ќе се пушти да „падне“. Звукот сугерира недвојбено. Seres 3 е солидно изработен автомобил.

Каросеријата и целото возило се конципирани за електричен погон, не постои детал да посведочи дека некаде е направен компромис

Во непрегледната производствена програма на концернот Dongfeng, нашиот компактен СУВ на струја е претставен како припадник на фамилијата модели под името Dongfeng Glory, односно модели на DFSK, што е заедничка компанија на Dongfeng и Sokon. Значи, комплицирано. Потребна е специјализација за да се добие вистинска претстава за одделните „фамилии“, меѓутоа автомобилските модели што македонскиот увозник АБЦ Бротхер ги има во својата понуда во основа спаѓаат во фамилијата Glory. Таму е познатиот Dongfeng Glory 580, кој веќе беше на тест во Аутомедиа, таму спаѓа и купе СУВ-моделот Dongfeng Glory IX5 SUV (во Македонија под ознаката F5). Dongfeng Glory E3, односно Seres 3, практично е електрична изведба на Dongfeng Glory 500.

Можеби е поверодостојно Glory 500 да се води како бензинска изведба на Seres 3, затоа што е очигледно дека електричниот погон бил предвиден за овој модел уште пред да биде познато името на моделот. Во кабината, вклучувајќи го и багажникот, апсолутно не постои подрачје што ќе укаже дека требало да се направи компромис за да се вгради електричниот погон. Сé е изведено беспрекорно, од старт е проектирано безрезервно, тоа е голема предност на Seres 3. Батеријата е вградена ниско во подот, по целата површина, што ги објаснува одличните возни својства на овој СУВ, но за тоа подоцна.

Под хаубата се прикажува чиста слика. Тука ниту по 100, 200 или пестотини илјади километри нема да се појават траги од масло, од издувни гасови, од течност за ладење. И миризбата ќе биде иста, затоа што ја нема. Во споредба со кош на дваесетгодишен дизел, тука глетката повеќе личи на куќиште на бесен компјутер. Тоа што се забележува прво е компактноста на целиот систем на електричниот погон, во споредба со обичен мотор. Напред има место за уште толку компоненти. Реално, тој екстра простор е поради верзијата со бензински мотор, што не се нуди во Европа.

Динамиката на возење и релаксираноста од погонот се споредливи со дволитарски дизел, но затоа постојат суштински разлики во секој друг критериум

Електромоторот со моќност од 120 киловати (161 КС) и вртежен момент од 300 њутнметри, црпи енергија од батерија со капацитет од 53,61 бруто киловатчасови. Погонот е напред, батеријата овозможува досег до 329 километри. На нашето тест возење можевме да се увериме во веродостојноста на податокот. Seres 3 е автомобилот со којшто го возевме патот за репортажата од изворите на Треска во Кичево, до Скопје. Сцените од репортажата може да се погледнат во издвоените приказни на нашиот профил на инстаграм. Крајната брзина е ограничена на 155 km/h, заради економија со енергијата во батеријата, спринтот од место до темпо сто трае 8,9 секунди. Просечната потрошувачка по патешествието, вклучувајќи и враќање за Скопје преку резерватот Јасен, изнесуваше 16,9 – секако не литри, туку киловатчасови на сто километри.

Во просторноста на кабината, во изработката и функционалноста, Seres 3 не приредува спектакли. Тоа секако дека не зборува против, туку зборува токму во корист на електричниот СУВ. Многу поважно од тоа дали кокпитот изгледа како кај Audi Q3 од претходна генерација е фактот што за време на целото патешествие по Поречието, Seres 3 ниту на момент не покажа слабост, во форма на крцкање, тропање, гмечење, чкрипење или какво и да е непријатно звучно искуство, што од друга страна е доказ дека ништо не се случува со структурата на возилото. Компактниот СУВ на струја покажува цврст карактер. Колку што каросеријата остава солиден впечаток, така и изработката на кабината остава таков впечаток. Отсуството на несакани звуци во кокпитот всушност е одлично сведоштво за цврстината на каросериската стурктура. Долу сепак е поставена масивна и тешка батерија, за којашто се неопходни соодветни темели. Seres 3 не престанува да изненадува.

Атмосферата во кокпитот е вообичаена, Seres не отстапува од тоа што се добива кај другите СУВ модели во оваа класа. Во бројни подрачја има дури и „надградба“, од типот на надолжен гребен на арматурната табла што вешто е обложен со вештачка кожа, па е изведен и мајсторски убедлив штеп во сина боја. Секоја површина е надградена, вклучувајќи ги и дебело поставените потпирачи за лакт во вратите, широкиот средишен потпирач за рака, па и перфорираниот дел на воланот или полето околу бирачот за возење што е лакирано во црна боја со висок сјај. Бирачот за возење? Тоа е спектаклот на оваа „тројка“. По пример на Jaguar, вртливиот бирач со помош на електромотор излегува од своето лежиште во средишната конзола кога ќе се даде контакт и меѓу другото укажува дека возилото е подготвено за возење. Овој своевиден перформанс на бирачот е воедно и моишне корисен, затоа што светилката што кажува „ready“ кај останатите возила што возат на струја не делува толку убедливо.

Подвозјето што неевропските производители долго време имаа проблем да го погодат за европскиот вкус и за тукашните патишта, кај Seres 3 станува предност; Автомобилов амортизира мошне комфорно, тивко, но без да изгледа „расклатено“

Можеби кокпитот покажува по некоја година плус, меѓутоа судејќи според тоа што Seres 3 го покажа досега, треба да се случи сериозен пропуст, за одушевувањето од овој електричен автомобил да спласне. Но, некако се чини дека тоа нема да се случи. При поаѓање, електричниов СУВ покажува господски манир. Веднаш се покажува дека недостиг од моќност нема да се почувствува тука. Радува и кога ќе се открие дека подвозјето мазно ги минува нерамнините на патот – секако, освен во случај ако станува збор за кратери на патот. Звуците од подвозјето се примерно потиснати. Ако се погледне настрана, поточно ако се ѕирне во просторот зад шарките на предните врати, таму ќе се забележи дека целата шуплина е пополнета со пенест изолациски материјал. Ништо не е случајно во Seres 3, сé е работа на внимателен инженеринг, и очигледно, на искуство во производството на автомобили.

Комфорот е во ред, простор има во изобилство, седиштата се одлични, задната клупа има висок потпирач за грб и место е каде што може да се минат многу километри. Можеби сепак ќе се покаже некаков пропуст во возните својства? Можеби при нагло сопирање во остар свијок, на праг на стабилноста, ќе се наруши балансот и опашот ќе излизга? Ништо од тоа. Seres 3 покажува примерни манири, а ако по виша сила се влета во некое опасно сценарио, тогаш е тука системот за контрола на стабилноста, што е стандард кај Seres 3, исто како кај секој друг автомобил што е хомологиран за Европа.

Во механиката, во сетапот и во нивото на префинетост што веќе е неопходно во оваа ценовна рамка, електричниот автомобил на DFSK нема да разочара. Во електриката, пак, најмалку. Има само неколку ситни забелешки. Точно е дека воланот се мести само по висина и нема длабинско местење, но во сите тие часови поминати во еден „цуг“ зад воланот при работењето на репортажата за Треска, отсуството на длабинското местење не се покажа како недостаток. Може да се посака и повеќе колорит во дисплеите или убаво тапацирани страни на багажникот, за острите рабови на багажот или којзнае што друго ќе се најде таму, да не остава траги врз пластиката. Чисто козметика.

Seres 3 е електричен автомобил – тоа мора секогаш да се има предвид, а реално, покрај сосем новото чувство и не може да се превиди дека погонот е електричен

Но, едно нешто не смее (реално и не може) да се превиди кај Seres 3. Тој сепак вози електрично, чисто на струја, исто како Tesla, Taycan, BMW iX или Mercedes EQS. А, во начинот како „тројката“ го прави тоа, нема ништо лошо. Дури е одлично. Seres 3 е одлично (електро)моторизиран и не отстапува од динамиката што ќе се постигне со дволитарски дизел во друг компактен СУВ. Затоа, пак, клучна е разликата во звукот. Работата на електромоторот се пренесува акустично во вешто дозирана доза до кабината, меѓутоа надворешните звуци се потиснати. Каросеријата има одлична изолација, а исто и стаклата учествуваат во пријатната звучна кулиса внатре. Тоа не се најтенките и најевтини стакла што можеле да се најдат на пазарот.

Совладувањето угорнини секогаш е уживање, главно поради постојаното ниво на вртежен момент, почнувајќи буквално од најниски вртежи. За надолу, електромоторот се „префрлува“ на генерирање струја и ја полни батеријата. Патниот компјутер не е премногу оптимистички и не покажува дека Seres 3 генерирал струја за 10 километри по три километри спуштање, туку може да пријави најмногу два или три километри екстра, но затоа го задржува подолго податокот за преостанатиот досег. Од Скопје појдовме за Кичево со 347 километри досег, пристигнавме со 56% преостаната енергија во батеријата, за по околу еден час полнење и прогноза за 236 километри да продолжиме по течението на Треска, и преку ресерватот Јасен, да се „симнеме“ до Нова Брезница со преостанати 146 километри досег.

Единствена забелешка за погонот е упорното „навалување“ на електромоторот да се префрли на полнење на батеријата, притоа подзабавувајќи го возилото, кога педалата за забрзување се држи одвај притисната. Едно копче во средишната конзола сепак го решава тој „проблем“. Оваа будност на погонот за врвна ефикасност е својствена само кога е избрана програмата за возење Еко. Во останатите две програми, нормал и спорт, сé функционира беспрекорно.

Камера што го снима возењето и случувањата на патот e само еден од многубројните „камерни“ таленти на Seres 3

Во возењето е корисна и можноста да се избира меѓу три степени на рекуперација, односно на интензитетот со којшто електромоторот ќе генерира енергија за полнење на батеријата. Во град може да се избере најсилниот степен, со тоа што Seres 3 во голем број случаи ќе запира без потреба да се притиска сопирачката. За спуштање одговара средниот степен, додека при патување со повисока брзина е корисно да се избере најслабиот степен. Место да се влегува во менито преку средишниот дисплеј и да се менува степенот на рекуперацијата, можело тоа да се реши со копче на воланот. Но, не може да се има сé во животот.

Неколку екстра моменти во Seres 3 приредуваат вградената камера за снимање на возењето и на патот пред возилото, како и виртуелниот приказ на возилото од неколку различни агли од горна перспектива. Камерата е мошне корисен уред, особено кога ќе се имаат предвид квалитетот на снимката и резолуцијата. Може да се намести камерата постојано да снима до најмногу десет триминутни секвенци, со тоа што последната секвенца се брише самостојно. И повторно нагласок, уредов е (и може да биде) исклучително корисен. Истото важи и за екстра аглите од камерите, како што е на пример прикажување на аголот на завртување на предните тркала и на просторот околу тркалата, што се прикажува мошне прегледно од камерите во ретровизорите. Тоа е добредојдена можност кога се вози по терен. Секако дека не недостига и можност за избор на три различни стилови на дигиталната инструмент табла, од класичен, преку спортски, до техно-прогресивен.

Во поглед на опремата, кај Seres 3 секака дека не се зборува за електрика на сите прозорци или за централна брава со далечинска команда, туку за многу понапредни ставки. Тоа важи за системот за предупредување при опасност од судир, за системот за задржување во лента, за задржувањето на брзината при спуштање по стрмна надолнина, но и за безжичното полнење телефон, спомнатите камери на сите страни и сите нивни функции, за паркинг сензорите напред и назад, за електричната паркирна сопирачка, огромниот сончев покрив, греењето во предните седишта, пристапот без клуч, електричното собирање на ретровизорите. Очигледно е дека за опременоста нема што да се забележи. Само неколку од овие ставки се дел од нивото Premium, повеќето од нив се вградени стандардно уште во основното ниво: Автоматски клима уред со две зони, дигитална инструмент табла и средишен дисплеј од 10,25 инчи, Android Auto и Apple CarPlay, навигација, седишта и дел од кокпит обложени со вештачка кожа, електрика за местење на предните седишта, алу-тркала од 18 инчи со гуми 225/55, затемнети задни стакла, магленки – сето тоа е „основна“ опрема на Seres 3.

Seres 3 е победник уште во старт, ова сепак е електричен автомобил

Најголемата предност на Seres 3 не е во цената, во опремата или во противвредноста, во големината на каросеријата, во изгледот или во изработката, туку е во погонот. Автомобилов е електричен! Тоа секогаш ќе му обезбедува предност на Seres 3 како автомобил, без разлика дали се споредува со петметарска луксузна лимузина што пред дваесет години му припаѓала на угледен германски директор и сега е донесена на умирање во балканските простори, или дали се споредува со конкурентски модел со обичен мотор, од марка што им е повеќе звучна на купувачите. Да не се повторуваме, тонот на заклучокот се надоврзува на се’ што е кажано претходно. Само еден податок, за заклучок. Audi Q4 e-tron, во изведбата 35 e-tron, со 125 kW, батерија од 55 kWh, досег 338 km и девет секунди за спринт до сто, во Германија чини 41.900 евра. Бојата како на Seres 3 чини 700 евра доплата. Еден момент ќе направи сите објаснувања и појаснувања околу марката Seres да станат непотребни. Увозникот АБЦ Бротхер најавува дека ќе го вклучи поголемиот и репрезентативен Seres 5 во својата понуда. Во меѓувреме и техно-гигантот Huawei се јавува како партнер. Добар ден, Seres.

Цена на тестираниот модел Seres 3 Premium · 34.000 евра

Цена на основен модел Seres 3 Standard · 31.090 евра

Гаранции: Високонапонската батерија и електричниот мотор се со гарантен период од 8 години (96 месеци) или максимум 120 000 километри, кое прво ке дојде; Гаранцијата на производителот за возилото е 5 години (60 месеци) или максимум 120.000 км,
кое прво ке дојде.

Технички податоци · Seres 3

•Тип на батерија – Литиумска LiFe (PO4)

•Капацитет на батеријата (kWh) 53.61

•Автономија (NEDC) 405 км

•Автономија (WLTP) 329 km

•Нормално време на полнење 8 часа

•Брзо полнење (20%-80%) 30 минути

•Електричен мотор PMS мотор

•Максимална моќност (KW) 120 (161 коњски сили)

•Максимален вртежен момент (Nm) 300

•Забрзување (0-100 km/h) 8.9 секунди

•Максимална брзина (km/h) 155

•Потрошувачка на електрична енергија (kWh/km) 17 kWh / 100 km

•Регенеративно кочење •

•Трансмисија Автоматска

•Погон На предни тркала

•Режими на возење (3) Normal / Eco / Sport

•Кабел за полнење Тип 2

•Ширина (мм) 1850

•Висина (мм) 1650

•Меѓуоскино растојание (мм) 2655

•Висина од тлото до најниската точка на возилото (мм) 180

•Волумен во багажниот простор (л) 526

•Седишта 5

•Тежина на празно возило (кг) 1690

•Техничка дозволена максимална тежина (кг) 2.065

•Максимална дозволена тежина по оски (кг) П 1.030 / З 1.035

•Димензии на пневматици 225/55 R18

Сериска опрема · Seres 3 Premium

•Предни воздушни перничиња за возач и совозач

•Странични воздушни перничиња за возач и совозач

•Странични воздушни завеси за возач и совозач

•2 ISO – FIX приклучоци

•“Child lock” на задни две врати

•Аларм

•Имобилизатор

•ABS + EBD

•ESP

•Hill Start Assist (Систем за помош при тргнување во нагорнина)

•Hill Hold Control ( Систем за контрола при стоење во нагорнина)

•Hill Descent Control ( Систем за контрола при возење во надолнина)

•Forward Collision Warning and Protection ( Систем за предупредување и спречување на можен преден судар)

•Lane Departure Warning ( Сиситем за предупредување при напуштање на коловозна лента)

•BAS (систем за помош при сопирање)

•Елелктронска рачна сопирачка

•Систем за мерење на притисок во пневматици

•Рекордер на патот и на настаните

•Панорамски сончев кров

•18 “ алуминиумски фелни

•Заден спојлер во боја на каросерија

•Затемнети задни стакла

•Кровни шини (алуминиумски)

•Бодикит (екстензии на браникот и праговите)

•Хромирани истакнувања на предниот браник

•Хромиран трим на прозорите

•Браници и рачки на вратите во боја на каросерија

Внатрешност

•Кожен ентериер

•Електрично подесување на седишта во преден ред

•Греачи на предни седишта

•Мултифункционален серво управувач обложен во кожа

•Серво управувач подесив во висина

•Преклопливи задни седишта (60/40)

Комфорт

•Автоматска климатизација

•Адаптивен темпомат

•Влез без клуч + Старт/Стоп копче

•Предни паркинг сензори

•Задни паркинг сензори

•360 панорамско паркирање

•Сензор за дожд

•Потпирачи за раце во преден ред обложени во кожа

•Електрично преклопливи надворешни ретровизори со функција за одмрзнување

Мултимедија

•10.25” инфо-забавен систем осетлив на допир

•Навигација

•DAB + / FМ Radio

•Bluetooth

•2 УСБ приклучоци

•6 звучници

•Безжично полнење на мобилен телефон

Врска до вебсајтот на македонскиот увозник

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првиот Mercedes надвор од Германија е произведен во Аргентина пред 70 години

Новиот Kia Sportage е најпродаван автомобил во Кореја