за

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Од што не може да ни здодее во Македонија, во најубавата земја во светот? Не може да ни здодее од патувања, меѓу другото. Секогаш ќе се најде ново и непознато одредиште или човек ќе посака повторно да види познато место, коешто е сосем извесно дека ќе има да каже нешто ново.

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје 1

Некогаш и самото патување е цел. Го следиме течението на реката Треска од извориштето во кичевскo, преку Македонски Брод и Јасен, до Скопје. На ова несекојдневно патување возиме електричен автомобил, Seres 3, комотен СУВ на кого што тристотини километри со едно полнење му се најмал предизвик.

Езерото Козјак, кањонот Матка, Поречието, Македонски Брод, природниот резерват Јасен, хидроцентралите Света Петка, Матка и Козјак, Пешна, Девини Кули, името на некогашниот гигантски производител на мебел и на приколки за кампување, рекреативно езеро во Скопје. Што ги поврзува сите овие имиња, за коишто веројатно не постои човек во Македонија да ги нема слушнато? Реката Треска. Оваа прекрасна река поврзува места, случувања и градби, што и самите се толку многу значајни, што обично изумуваме дека сето тоа е создадено од една река, од Треска.

Но, каде е извориштето на Треска? Тоа мора да е некое недостапно место, високо во македонските планини, штом местото малкумина го знаат точно. A, тоа не може да биде попристапно. Изворите дури се видливи на гугл-мапи и зачудува како е можно во јавноста толку малку да се зборувало и да се знае за ова место што има вредна симболика и треба да го знае секој во Македонија.

На тоа, ќе поработиме. За патешествието да добие уште толку на важност, возиме електричен автомобил од кинескиот производител DFSK. Тоа е компактен СУВ од класата на Kia Sportage & Co, што се води под специјализираната марка Seres и носи само ознака „3“. Бројката е иста со серијата 3 на BMW или со Tesla Model 3, иако производителот сигурно не се повел од таква замисла при именувањето. Тестот на електричниот СУВ веќе го објавивме, и како пријатно изненадување, комбинацијата од автомобил произведен во Кина, електричен погон и карактер на премиум-модел, повеќе е прифатена позитивно, без да предизвика какви било контроверзи.

Нашето одредиште од каде што ќе го започнеме патувањето долж течението на Треска е 14 километри западно од Кичево, по патот што намерниците за Охрид и околината го минуваат безброј пати, а само малкумина помислуваат дека во непосредна близина се наоѓа изворот на Треска. Народски, на два чекора.

Сé што бараат електричните автомобили за да се постигне ниска потрошувачка на енергија е одржување постојана брзина, Seres 3 е мошне предвидлив во поглед на досегот

Но, до таму имаме долг пат. Долг, затоа што електричниот автомобил го презедовме само ден претходно и не знаеме како тој на патувањето ќе се однесува со енергијата што ја чува во батеријата. И покрај тоа што електричните автомобили се далеку од новина во работата на Аутомедиа, уште останува прашањето: Што ако батеријата ни се испразни прерано? По турата до мариовска Градешница со Peugeot e-208, по турите со Volkswagen ID.3 до Маврово и до соларниот парк na EVN во неготинскo Војшанци, како и по првата тура низ цела Македонија со електричен автомобил, со Mini Cooper SE, што вкупно дава повеќе од 2.000 километри, пак има потреба за возачката психа да се извежба за „новиот“ погон. Од друга страна, по сите електрично извозени километри, ниту еднаш не се случило автомобил да ни остане со празна батерија среде пат.

Производителот декларира 329 километри досег за Seres 3, според реалната норма WLTP. Од Скопје до Кичево имаме нешто повеќе од 120 километри, но до таму не користиме ниту метар автопат, туку целата рута ќе ја извозиме по споредни патишта. Од Кичево до Извор има уште 14 километри пат, па следи враќање во градот, за батеријата да се поднаполни, чисто заради спокој. Потоа почнува вистинското патешествие, ќе ја следиме Треска по целото течение низ Поречието, па преку Јасен се враќаме за Скопје. Тоа е планот.

Патниот компјутер на електричниот СУВ на поаѓање ни предвидува досег од 346 километри. Тоа е повеќе од декларираното, затоа што Seres 3 претходно бил возен штедливо, па електрониката зема предвид дека и ние ќе продолжиме со истата динамика. Возењето по целата тура ќе биде со нормална брзина, како што секој би возел во секојдневието.

Од старт со 346 километри досег, во Гостивар ни останува батерија за уште 277 километри

Како се пристига до Гостивар, без користење автопат, имаме објавено во избраните приказни на нашиот профил на инстаграм. Главните насоки се Групчин, Желино, Тетово, Брвеница, Радиовце, Чегране, Чајле, до Гостивар. По крстосницата кај гостиварските семафори и скршнувањето влево, патот води покрај Вруток, изворот на најголемата македонска река Вардар. Со 132 километри, Треска е трета најдолга притока на Вардар и една од четирите македонски реки што се долги над 100 километри – од вкупно 1.600 водотеци во Македонија

Со одвај триесетина ангажирани киловати, што е една четртина од моќноста на електромоторот, Seres 3 без мака се искачува по угорината кон Стража. Овој СУВ со каросерија во впечатлива боја, покажува благороден карактер на стотината километри досега. Амортизацијата е изненадувачки солидна, пријатно мека на нерамнини во подлогата, а притоа подвозјето пак е вешто стегнато, за возилото да не се тетерави по свијоци. Дека е тивко, тоа се подразбира.

На Стража имаме уште едно пријатно изненадување. Солидно моќниот СУВ ни остави уште 239 километри досег. Надолу, нормално, електромоторот работи како генератор и ја полни батеријата. Seres 3 е реален на долгата удолнина до Кичево, па не пријавува премногу оптимистички вредности за продолжувањето на досегот од спуштањето. Во градот пристигаме со 243 километри досег, електричниов автомобил не престанува да приредува пријатни изненадувања.

Многумина ќе се зачудат колку блиску се изворите на Треска до патот за Охрид

По кусо време се издвојуваме од патот што продолжува кон Охрид, по знакот што го најавува Извор. Логично, Извор, поради изворите на Треска. Одвај еден километар по асфалтираниот, но дебело запрашен пат, доаѓаме до местото, претходно минувајќи покрај огромниот рибник што на гугл-мапи се гледа како масивна градба. Изворите се буквално на чекор до патот. Секако дека е многу пријатно и единствено чувството кога се гледа како тука извира една река, што понатаму станува многу голема и особено значајна.

Се слуша вековен жубор. Местото е убааво оградено со камен и бетон, целиот простор е широк и долг околу педесетина метри. Сé е обраснато, оваа река носи живот. Некој своевремено предвидел дека изворите на Треска ќе бидат привлечно место за посета, па скалила продолжуваат директно од патот надолу до овој прекрасен простор. Има и клупа, која одамна нема добиено нов премаз, има и пристојно бетонирано плато, за оваа убавина да може спокојно да се ужива и моментите кога првпат ќе се видат изворите да останат во трајно сеќавање. Но, зошто е сé толку запуштено? Можеби треба да дојде некој отстрана и да каже колку ова место е значајно и вредно за посета.

Асфалтот и бетонот моментно ѝ се поважни на државата, во време кога целата планета активно се бори, не против климатските промени, туку против катастрофата што е сосем извесна доколку не се преземат драстични мерки. По трите метри ширина на асфалтот над изворот минуваат тешки камиони, тука никнуваат скапи вијадукти, што ќе го носат автопатот до Охрид. Се слуша како татни од кршењето на карпите. Не се користи динамит, токму поради изворите.

Моќна механизација е распослана по целиот простор околу. Четиринаесет столбови се изградени, четири кранови чекаат да ги подигнат масивните траверзи што се подготвени долу на градилиштето. Извесно е дека по автопатот некогаш ќе возат електрични автомобили, работа е на државата да се погрижи преоѓањето во ерата на електромобилноста, кога повеќе нема да се увезува нафта и енергијата ќе биде од сопствено производство (што е голем пропуст на актуелните власти), да се случи со колку е можно поголем интензитет и со најголема брзина.

Во Извор се наоѓа Извор, најголемиот рибник за пастрмка во Македонија, свежа риба пристига за 2,5 часа до Скопје

Многу работи се случуваат на овој мал простор. Точно извор. Веднаш во продолжение на изворите е голем рибник, кој нормално е именуван Извор. Тоа се точно четирисет базени, што произведуваат 300 тони калифорниска, речна и златна пастрмка за една година. Два и пол часа се потребни за рибата да се донесе до Скопје, а се дистрибуира низ цела Македонија. Заедно со рибникот во Белица, Извор покрива половина од производството на пастрмка во Македонија. Ова е еден од најголемите рибници во регионот.

Неколку големи и вешто изградени куќи, со архитектура што е својствена за крајот, укажуваат дека некогаш во селово се создавало многу. Пред да го напуштиме Извор, големата и мајсторски изработена двојна порта на една куќичка повторно ни го привлекува вниманието. Тоа е столарска работилница, што гордо македонски е именувана Треска. Нема латиница, нема имиња што ни се неприродни за изговарање. Во моментов се во тек локални избори, дали некој можеби ветил или барем спомнал дека ќе му посвети внимание на Извор? Еден знак со петнаесетина насоки пред селото најдобро зборува за изобилството: Бошков Мост, пештера Јама, бункер од 2-ра светска војна, ловиште Лопушник, велосипедска патека, тоа се само неколку од одредиштата во овој крај.

Уште една куќичка, веднаш на крстосницата на којашто овој пат се спојува со делницата за Охрид, зјае празна и напуштено, но како и таа да сака нешто да порача, да укаже на тоа дека реката носи живот, но носи и работа. Со убави впечатоци возиме неколку километри кон Кичево, со задоволството од чинот на посета на изворот на Треска, додека се разминуваме со стотици автомобили од кои ниту еден нема да скршне кон Извор.

Автопатот ќе донесе и многу промени во крајов, некои веќе се подготвени да ги пречекаат намерниците

За работите што ги создава реката, одлично сведоштво во духот на сегашното време е хотелскиот комплекс Атва, одалечен околу пет километри од центарот на Кичево. Веднаш зад комплексот надвиснува автопатот. Тоа што менаџментот добро знае дека не треба да го пропушти е организирањето авантуристички тури и прошетки по долината во горниот дел од течението на Треска.

Не мора сé да биде организирано и да чека готово, доволно е да се препознае некое земјено патче што се издвојува од главниот пат. Уште подобро е кога се вози СУВ со добра висина од подлогата, каков што е Seres 3. И совеста е чиста, додека со електричниот погон се вози во овој крај што уште живее природно. По едно такво патче возиме стотина метри во правецот во којшто очекуваме да ја видиме реката. Мештаните ја познаваат како Голема Река. По неколку километри од изворот, реката веќе „пораснала“. Таа низ вековите ја изделкала оваа карпа, малата ширинка на крјаот на патот целосно потсеќа на Треска каква што ја познаваме во Матка. Како што патот ќе нé води понатаму, така реката ќе станува сé поширока и подлабока.

Тоа е чудно, но првпат со електричен погон возиме по терен, подалеку од асфалтот. Овој кус излет по земјениот пат не е проблем за Seres 3, кој се испорачува само со преден погон. Доволен е клиренсот од 180 милиметри. По навика, по малата нагорнина се притиска врз педалата, а будната реакција од контролата на тракцијата и минималното пролигување на тркалата по сувата земја, нé потсеќаат дека ова е електричен автомобил и нема потреба да се „додава гас“ на нагорнина. Електромоторот произведува максимален вртежен момент уште при стотина вртежи во минута. 

Непријатните работи не може да го поштедат ниту овој крај. При претходниот обид да дојдеме до реката, по едно земјено патче што води до неа, можеше да се забележат единствено купишта отпад, пластични шишиња што чудно никнуваат покрај некои наши реки и траги од користење на природата, кога „никој не гледа“. Господо што се повикувате надлежни за крајов, изградете тоалети, отворете одморалишта, наплаќајте, подигнете им ја свеста на намерниците и ненамерниците, избрукајте ги пред народот, но оваа срамота не ја дозволувајте.

Зафатени полначи со обични автомобили се редовна појава, полначите се поставени со години, но државата уште нема преземено нешто за да го поттикне користењето електрични возила

Во Кичево минуваме околу еден и пол час со Seres 3 приклучен на полнач, претходно чекајќи десетина минути за да си замине барем еден од двата автомобили што ги имаа зафатено местата предвидени за електрични автомобили. Не е виновна госпоѓата, управувачка на еден од автомобилите, за тоа што новините од светот ги запознава на некоја пластичарска улица во близина. Нормално, на таа улица уште не пристигнала веста за електричните автомобили. Пријатниот разговор со сопственикот на слаткарницата што е веднаш спроти полначот, направи чекањето да мине брзо. Кога Македонија ќе доживее да има барем малку повеќе електрични автомобили по улиците, овој локал ќе прави уште подобар бизнис. Шампионски бурек и слатки од прва лига, патем. Кичево, впрочем!

На приклучување, батеријата уште располагаше со 57% од капацитетот, доволно за 160 километри и повеќе. За целосно полнење ќе требаше да се чека четири часа. Дури воопшто и немаше потреба од полнење, но мора да се има резерва, затоа што на еден дел од патот не би сакале да останеме без „гориво“. Пред Скопје нé чека Јасен, а пред тоа дваесетина километри свет во којшто инаку постојат само карпи и езерото Козјак долу.

Околу 15:30 часот, со 68% наполнетост на батеријата и предвиден досег од 236 километри, почнува вистинското возење долж коритото на Треска. Кај крстосницата на излез од Кичево, на којашто обично се продолжува за Охрид, ние се упатуваме влево кон Македонски Брод. Одвај километар подолу се отвора сосем нова глетка, Македонија од уште една нова перспектива. Напред е широка долина, плодно земјиште, бујна природа. Реката уште не се гледа од патот кој штотуку добил нов асфалт.

Ова е Поречеието во полно светло, природата дава, човекот работи

Глетката честопати наведува за човек да запре и да го овековечи моментот. Сето ова е во најголема мера дело на Треска. Се минува покрај ранч што се рекламира дека нуди можност за јавање коњ, потоа следат Челопеци, Лисичани, изворот кај Питрани, погон на млекарницата Маврово во Ижиште. Покрај патот се гледа, не само обработливо, туку и обработено земјиште. Земјата тука дава, луѓето работат. Самиот пат е пријатен за возење и доживување е да се вози по него, со благи свијоци, со нова слика зад секој свијок. Но, реката уште чекаме да ја видиме покрај патот.

По Ореовец, конечно се покажува и тоа задоволство. Меѓу дрвјата што се израснати густо во тесен појас покрај патот, почнува да се наѕира река. Тоа е веќе течение широко околу пет метри, со физиономија на река. Треска! Сé е зелено и бујно, почнуваат шумите пред Македонски Брод, ова е толку често споменуваното Поречие во полно светло. Кога ќе прочитате знак дека патот десно води за Латово, не пропуштајте го патот. Тој ќе Ве донесе до една ширинка од двете страни на брегот покрај Треска, којашто тука тече спокојно и мирно, создавајќи слика како за на филм. Добро е барем тоа што просторот е релативно чист. Тука може да се мине убав излет, ова место е доволно да биде одредиште за викенд.

Нашето патување мора да продолжи. Патот неосетно нé носи до Македонски Брод. Нормално, реката што тече тука е Треска. Нема ниту триесет километри пат од Кичево. По Македонски Брод, точно кај Суводол, правецот на течението на Треска се менува нагло и продолжува на север. Еден огранок од патот тука се двои за Прилеп, доколку се пропушти временски регулираниот пат преку Јасен, или ако некој едноставно се чувствува покомотно да се спушти до Пелагонија, па оттаму да си продолжи до одредиштето.

А, штотуку почнува најпиторескниот дел од нашето патување. Тука Треска оставила најпрепознатлив печат. Може да се направи убава починка во Мотел Пешна, каде што за разлика од скопските шоурум-ресторани не мириса на помфрит, туку на риба, свежа и зготвена без потреба од многу перипетии. Просторот околу ресторанот е уреден за подолг престој, има и бунгалови. Нормално и дека местото е посетено. Доаѓајќи по патот ќе ја здогледате и пештерата Пешна, високо во планината, до којашто води убава пешачка патека. Во близина се наоѓа и манастирот Свети Архангел Михаил.

Марко Крале, Пешна, Девини кули

Колку што е значајна Пешна горе во планината, толку се значајни и Девините Кули, од спротивната страна на Треска, изградени пред векови на врвот на карпестиот гребен околу којшто се извива реката. Пешна и Дева биле две од четирите сестри на Крале Марко, едната живеела во тврдината во пештерата, другата во Девините Кули. Покрај кулите се наоѓаат и остатоци од црква од 14-от век, што по градбата е слична на Св. Андреја и Св. Никола – Шишевски на Матка.

Многу историја има долж рекава. Знаци постојано укажуваат на селата што се распослани околу, на цркви и манастири. На големиот мост по кого што води патот кон Самоков и поранешната „Сувенир“, последен пат на ова патешествие ќе погледнеме реката како реката тече директно под нас. Во овој дел веќе се препознава јасно дека ова е Треска, каква што ја знаеме во Матка, на триесетина километри северно.

Уште едно место кон коешто се упатуваат намерниците во овој крај секако е Белица, село на Беличка Река, десна притока на Треска. Повторно миризбата на зготвена риба ја открива причината за посета на местото. Кусо потоа следи таблата којашто укажува на временски утврдениот режим на возење во делот што води кон природниот резерват Јасен. Зимскиот период започнува на 1-ви октомври и тогаш во правец од Македонски Брод кон Скопје може да се вози само меѓу 06:00 – 07:00 часот и 16:00 – 17:00 часот. Реално, единствено во тој период може да се мине низ резерватот во одредениот временски период.

Патот потоа почнува да се искачува благо, а долу се гледа како Треска постепено преоѓа во вештачкото езеро Козјак. Во времето кога го минувавме патот, езерото беше веројатно дваесетина метри под нормалната линија. До мостот кај Близанско (инженер Караѓорѓев детално зборува за мостот во објавата на Porta3) има околу дваесетина километри кривулест пат. Мостот е инженерски потфат и уживање е да се погледне езерото од средината, а воедно и да се почувствува силниот ветар што фрчи на осумдесетина метри над водата.

Крајно внимателно по патот, едно остро камче врз патот може да предизвика кинење на гумата; Проверка во каква состојба е резервното тркало и проверка дали алатот уште е во автомобилот, не е на одмет пред да се појде на ова патешествие

Назад на нашиот пат, кој продолжува кон североисток и прво се искачува, за потоа да почне да се спушта, додека во заднина се прикажува Јакупица, преубава и велелепна, моќна и застрашувачка, уште под сонце, додека по патов веќе станува замрачено. Потребно е многу внимание, од камчињата што се одронуваат, може да се налета на некое што ќе ги скине гумите. Еден автомобил имаше таков дефект и беше запрен на патот, но немаше потреба од помош, одговорниот возач веќе привршуваше со замената на тркалото. Прашање е колкумина се впуштаат по овој пат, а претходно имаат проверено во каква состојба им е резервното тркало.

Моќна е оваа македонска природа, се слуша колку силен станува молкот на планината, пред да настапи ноќта. Нашиот електричен автомобил нé успокојува. По рампата на влезот во резерватот Јасен, на дисплејот се покажува дека имаме досег за уште 171 километар. На триесетина километри воздушна линија од Скопје, повеќе нема неизвесност дали понатаму ќе треба да внимаваме на потрошувачката на енергија, или ќе можеме да притиснеме малку повеќе.

Патот бара вешт и вреден возач, тесен е, одвај има пет-шест места за една кола да запре, предвидени за вонредни случаи. Се минува низ резерват и тоа се забележува, природата е единствена, каква што Бог ја дал. Убаво е кога во ваква заштитена средина се вози на струја, нашиот целосно електричен Seres 3 не испушта ниту грам штетни материи. Ништо не испушта. Откако се потврди дека подвозјето поседува одличен баланс и за овие предизвикувачки свијоци и лакти, може да се притисне малку повеќе.

Seres 3 доби позитивни оцени за комфорот, а сега по тесниот пат низ Јасен покажува и одличен баланс на подвозјето

Колку лесно Seres 3 се пробива нагоре, се покажа по тоа што светлата на возилата во колоната назад ниту еднаш не се појавија повторно. Горе на планинскиот превој, на висина од 1.100 метри, електричниот СУВ пријави дека располага со енергија за уште 147 километри. Надолу следи уште еден долг спуст, а тоа значи дека енергијата во батеријата само ќе се зголемува.

За турата да се заокружи, од Нова Брезница треба да се продолжи до ХЕ Козјак или до ХЕ Света Петка, па потоа Матка и прочуениот „џорчепетровски састав“, каде што Треска се влева во Вардар. Ние избравме да се вратиме во Скопје, еден ден сепак е премалку за целата тура да се извози во еден цуг. Во секој случај, во Скопје пристигнавме со 140 километри преостанат досег или 37% од капацитетот на батеријата. По точно десет часови полнење на обичен домашен приклучок, Seres 3 ќе биде подготвен за следната долга тура.

Можеме да го препорачаме ова патешествие, што не се сведува само на уште едно убаво возачко искуство, туку носи и единствено чувство додека се следи Треска од изворот до вливот во Вардар. Доколку ни споделите фотографии или видеа од ваши моменти по оваа тура, секако дека со задоволство ќе ги објавиме на нашите профили на друшвените мрежи.

>>> Тест на Seres 3 · СУВ од Кина, електричен и премиум

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Индијанополис доживеа трка на болиди без возач

Без страв од темнината: Intelli-Lux LED светла од Opel