Моделското освежување на BMW X7 беше подготовка за изгледот на новата Серија 7. Како што долго и гласно се шпекулираше на сцената, светлата се на два ката. Разликата е во тоа што сцената сé помалку негодува за новиот стил на баварската марка. Тоа е доказ дека дизајн-стратегијата на Минхен напредува, паралелно со електро-стратегијата. На кругот на купувачи за којшто се наменети овие автомобили, очигледно му се допаѓа новиот дизајн на BMW.
Серијата 7 на BMW своевремено возеше со првиот повоен 12-цилиндарец од германско производство, сега првпат вози со електричен погон. Mercedes-Benz прв го направи тој чекор со EQS, по којшто во втората половина на годинава ќе следи и стартот на продажбата на EQS SUV. Додека Штутгарт користи две тотално различни платформи и два радикално спротивставени дизајнерски стилови за S-Class и EQS, електричната верзија на Серијата 7 кај BMW користи иста платформа со верзиите со хибриден и обичен погон што ќе следат подоцна.
Новата „седумка“ на германскиот пазар ќе биде достапна од ноември годинава. Прво ќе се нуди чисто електричниот i7. Во следната пролет доаѓаат дизел и два модели со приклучен хибриден погон, од коишто едниот ќе има улога на знаменосец – барем привремено. Гамата ќе ја заокружи i7 M70, којшто ќе стартува веројатно налето. Цените уште не се објавени, меѓутоа почетниот модел, со дизел мотор, сосем извесно ќе надмине 100.000 евра.
Разликата во изгледот меѓу електричниот i7 xDrive60 и верзиите 735i, 740i и 760i xDrive се сведува само во сината боја на каросериските додатоци
Радикални зафати се направени во изгледот на предниот дел. Дневните светла се издвоени високо и речиси се легнати како кај суперспортско купе, додека под нив се главните светла, коишто се целосно темни кога се исклучени. Исто како кај X7, опција е заднинско осветлување на џиновските бубрези. Тука дополнително се добиваат и светликави кристали сваровски во дневните светла. Ласерските светла се минато, техничарите оценија дека новите диодни светла се толку делотворни, што нема потреба да се нуди друга технологија.
Страничната силуета е импозантна, но и крајно непрепознатлива за BMW, со висок појас и со ново толкување на традиционалната форма на „хофмајстеркник“ во задниот прозорец. Повеќе нема верзија со продолжено меѓуоскино растојание, сега секоја Серија 7 е во долгата верзија. Светлечката лента меѓу задните светла е напуштена, таму сега има место за големо лого.
Во внатрешноста повеќе не владее атмосфера на кокпит, туку на луксузен салон што располага со врвна технологија. Кожа на седиштата повеќе не е „стандард“ во лимузина од овој ранг, таа улога сега ја презема волна, природна и изработена со најпримерна вештина. Главната улога во арматурната табла ја има светлечката лајсна по целата ширина. Оваа техно-лајсна се приспособува според расположението во кабината и прикажува анимации. Во неа се впуштени и отворите за проветрување, што остануваат одвај забележливи.
Заоблениот дисплеј што се состои од дигитални инструменти од 12,3 инчи и средишен дисплеј од 14,9 инчи, секако дека не смее да недостига, а заедно со тоа следува и BMW оперативен систем 8. Тоа значи дека ракувањето со функциите во најголем дел се врши преку говорни команди.
Во лимузина од врвна класа, најважни се задните седишта. Според Баварците, просторот назад е изведен со намера патниците да добијат впечаток дека целата кабина се ориентира според задната клупа. Со избор на опцијата „Excecutive Lounge“, задните седишта се претвораат во лежај, којшто со комоцијата не заостанува зад авионска бизнис класа. Функциите назад се контролираат преку досплеи од по 5 инчи во рачките во вратите.
Овие дисплеи се користат и за Серијата 7 да се претвори во домашно кино на тркала. Уште една импресивна опција назад е мега-екранот од 31,3 инчи, со резолуција 8K и со целосна поддршка за Amazon Fire TV. Така патувањето на задната клупа се претвора во сосем ново доживување. BMW го најави тоа преку студијата што беше прикажана на салонот за електроника ЦЕС во Лас Вегас, во почетокот на годинава.
Списокот на опции е речиси бесконечен, со тоа што сега се нуди и можност за нарачка на двобојна каросерија. Исто така е достапно и автоматско затворање на вратите
Моделските изведби 735i, 740i и 760i, со бензински мотор и благ хибриден погон, не се планираат за Европа. Продажбата ќе ја стартува електричната варијанта i7, по неа ќе следат останатите моделски изведби. Електричниот погон во BMW i7 xDrive 60 располага со 544 КС и вртежен момент од 745 Nm. Батеријата има нето-капацитет од 101,7 kWh, што во најдобар случај е доволно за 625 километри досег.
Дизелот 740d xDrive ќе вози со 300 КС и вртежен момент од 670 Nm. Привремениот топ-модел M760e ќе користи приклучен хибриден погон, со системски 571 КС. По него ќе следи и планираниот топ-модел i7 M70 со преку 600 КС.
Технички податоци · BMW i7 xDrive60
Погон |
|
Вид |
Електричен погон на сите тркала, со по еден електромотор за предните и за задните тркала |
Системска моќност |
400 kW/544 КС |
Системски вртежен момент |
745 Nm |
Менувач |
Два едностепени менувачи |
Електромотори |
|
Технологија на мотори |
BMW eDrive од петта генерација, синхрони мотори со струјна побуда; електромотор, електроника и менувач во заедничко куќиште |
Електромотор напред |
Максимални 190 kW/258 КС, трајни 70 kW/95 КС, 265 Nm |
Електромотор назад |
Максимални 230 kW/313 КС, трајни 95 kW/129 КС, 380 Nm |
Батерија |
|
Вид |
Литиум јон, 376,4 V, нето капацитет 101,7 kWh |
Полнење 10-100% |
<9,5 h на 11 kW, AC |
Полнење 10-90% |
34 min на 195 kW, DC |
Подвозје |
|
Напред |
Две алуминиумски водилки, приспособлива пневматска суспензија со автоматско дотерување на висината, електронски регулирани амортизери |
Назад |
Алуминиумска оска со пет водилки, приспособлива пневматска суспензија со автоматско дотерување на висината, електронски регулирани амортизери |
Сопирачки |
4-клипни напред, 1-клипни назад, сите вентилирани |
Управување |
Електрично серво, Sevotronic и променлив преносен однос; опција интегрално активно управување |
Гуми |
245/50 R19 105Y XL |
Тркала |
8,5J x 19 LM |
Димензии |
|
Д х Ш х В |
5391 х 1950 х 1544 mm |
Меѓуоскино растојание |
3215 mm |
Ширина на трага напред / назад |
1714 / 1735 mm |
Круг на вртење |
13,1 m (12,3 со управување на сите тркала) |
Празно возило |
2640 kg, DIN |
Носивост |
610 kg, DIN |
Приколка |
2000 kg |
Багажник |
500 L |
Отпор на воздух |
Cx 0,24 |
Перформанси |
|
0-100 km/h |
4,7 s |
Највисока брзина |
240 km/h (лимитирана) |
Потрошувачка |
|
Просечна, WLTP |
19,6 – 18,4 kWh/100 km |
Досег, WLTP |
590 – 625 km |
BMW е поголем извозник на автомобили од САД отколку General Motors