за

Hyundai Ionic 5 е нереално реален автомобил

Не е новина, кога нештата на слика и во реалност изгледаат различно. Обично реалноста е таа што изневерува. Освен кога станува збор за Hyundai Ionic 5. Овој автомобил „изгледа“ со причина.

Дизајнерите во овие денови постигнуваат вистински чуда. Електромобилноста му се допаѓа на светот, возачките и возачите сакаат радикални промени, во дизајнот, во ракувањето, минува сé што ќе се препознае како одржливо и технолошки вредно. Во каква форма е автомобилскиот свет во моментов – надвор од чип-криза, рокови, прекинати синџири од добавувачите – најреално прикажува овој автомобил, Hyundai Ionic 5. Оваа машина е толку моќна, што и увозникот за Hyundai во Македонија не се двоумеше да обезбеди примерок и да го изложи во салон. И сосем е извесно дека и супер-електричниов автомобил наскоро ќе добие сопственик.

Дизајнот на Hyundai Ionic 5 се разликува од дизајнот на автомобилите што добро ги познаваме од улиците, исто колку што неговиот електричен погон се разликува од обичниот погон. Големо одушевување е изгледот на овој техно-кросовер во реалност. Многумина ќе се обидат да го воспеваат дизајнот и да опишуваат како сето тоа изгледа, но сиот тој труд ќе биде залуден. Hyundai Ionic изгледа различно, изгледа како да е цртеж во две димензии со некој 3D-ефект, изгледа како оние шематски прикази на силуетата на автомобилот што ги имаме гледано во проспектите и каталозите, да се пренесени 100% во реалност. Фантастично.

Клучниот поим во овој „E-CUV“, за каков што го смета Hyundai, претставува 800-волтната технологија. Двојно повисокиот напон од повеќето електрични автомобили на сцената, овозможува ултрабрзо полнење, доколку има на располагање и соодветно брз полнач. Овој спој на купе и СУВ долг 4,64 метри, прв е од ново-старата подмарка за електирични возила на Hyundai. По него ќе следат лимузината Ioniq 6 и голем СУВ-модел со ознака Ioniq 7.

Зависно од електромоторот, од видот на погон (назад или на сите тркала) и од големината на батеријата (58 kWh или 72,6 kWh), ова дизајнерско парче минува меѓу 400 и 485 километри. Доколку стои на располагање полнач со моќност од 350 kW, тогаш полнењето на батеријата до 80% ќе трае само 18 минути. Затоа Ioniq 5 изгледа така, барем тоа е една од причините.

New item by Automedia MK / Google Photos

За пример, дури и на најстарите полначи, што ЕВН уште пред долги години ги има поставено во Македонија, со моќност од 11 kW (повеќето се 22 kW), полнењето ќе трае меѓу пет и шест часови.

Уште една „музика од иднината“ на Ioniq 5 е двонасочното полнење (Vehicle-to-Load). Тоа значи дека на приклучокот за полнење на батеријата се поставува адаптер, на којшто потоа најнормално се приклучува електричен уред. Тоа може да биде телевизор, ладилник, па ете нека биде и електрична скара.

Мрежата со напон од 800 волти досега беше достапна единствено во најексклузивните електромобили, од рангот на Porsche Taycan или Audi RS e-tron GT. Разликата е во тоа што Ioniq 5 е двојно „поевтин“. Во македонскиот Hyundai, електричниот кросовер стартува од 44.900 евра. Тоа важи за погонска конфигурација со електромотор со 125 kW (170 КС) и батерија од 58 kWh, за досег до 400 километри.

New item by Automedia MK / Google Photos

За 53.000 евра, се добива варијанта со втор електромотор, што ја впрегнува предната оска и ја качува моќноста на 235 КС. Најдолг досег постигнува варијантата со поголемата батерија, со 72,6 kWh, со заден погон. Најдостапната варијанта со макс-досег чини 47.900 евра. Четвртата конфигурација е максимална батерија и максимална моќност, што значи 72,6 kWh и два електромотори, со заедничка моќност од 305 КС. Оваа варијанта стартува од 55.900 евра.

Постојат вкупно четири нивоа на опрема Premium, Impression, Ultimate Sun, Ultimate Cell. Опременоста е вообичаено импресивна и повеќе е умесно да се праша, што нема вградено во автомобилот, отколку што сé e вградено. Во врвното ниво, Ultimate Cell, на пример, стандардно се вградени соларни ќелии на покривот, проекциски дисплеј, Bose, кожа и вентилација во седиштата, стакла со дополнителна изолација, алу-тркала од 20 инчи.

Во поглед на субвенциите, во Македонија уште отсуствува интелигентно поставен систем за поттикнување на електромобилноста, меѓутоа има мала помош. Електричните автомобили се ослободени од данок на возило. Реално, тука не станува збор за „ослободување“, што води до намалување на цената на автомобилот, туку единствено државата решила да не ја наплаќа акцизата како кај автомобилите со обичен погон.

Еден одличен пример за тоа колку македонките возачки и возачи се импресионирани и предизвикани од електричниот погон. Seres 3, електричен СУВ од кинески автомобилски гигант, со којшто лани ја возевме турата од изворот на Треска, во кичевски Извор, преку Јасен, до Скопје, со цена од 30.000 евра, досега се има продадено во три примероци. Токму Seres, марка што е далеку од звучните имиња на Porsche, Mercedes или Lexus, продаде три 100% електрични возила со досег од 350 километри, што чинат колку десет години стар Range Rover Autobiography од бугарски плац за користени автомобили. Тоа е една од малкуте убави вести во овие денови, во нашата најубава Македонија.

Линк до моделот на вебсајтот на македонскиот увозник на Hyundai

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Volkswagen може да се купи онлајн во Германија

Новата Серија 7 е спој меѓу BMW и Rolls-Royce