за

Седум денови во Kia Sportage: Први впечатоци

Сцената долго време ја гледаше новата генерација на Kia Sportage на слики, пред десетина денови се случи македонска премиера во салонот во Скопје, сега веќе ги имаме и првите впечатоци од тоа како вози новиот модел.

Тоа е веќе излитена реплика од холивудските филмови од Б-продукција, но важноста останува непроменета: Не постои втора шанса за да се остави прв впечаток. Автомобилите изгледаат добро, но тоа не е најкорисното и суштинското во еден автомобил. Kia Sportage вози добро, и не пропушта да го покаже тоа уште во првите метри.

Новата генерација на Kia Sportage, со фабричка ознака NQ5, изгледа одлично, и тоа не е ново. Во овие неколку месеци откако Kia првпат ја прикажа „петката“ од Sportage, веројатно секој ја искористи шансата да каже свое мислење и да даде оцени за несомнено храбриот дизајн на моделот. Ризик дека сцената нема да го прифати новиот изглед на Sportage практично не постоеше. Луѓето веруваат во дизајните што излегуваат од оваа куќа.

Значи, дизајнот одговара, бројките се познати, податоците се споредени, кабината е одлична, багажникот е огромен и приспособлив. Единствено што недостигаше е информација за тоа каков е новиот Sportage во возење. Македонската Kia регистрираше половина дузина примероци од новиот модел, коишто ќе служат како демо возила за медиуми и клиенти. Во Аутомедиа ќе возиме два различни модели. Првиот е со основниот бензинец од 1,6-литар со турбонатполнење и со 150 КС. Посебно е нивото на опрема, тоа е First Edition, коешто ќе биде достапно во првите три месеци и коешто ја нуди предноста да се добие повеќе опрема по пониска цена од моделот од редовната понуда. Сето тоа ќе биде опфатено во посебна објава, сега единствено се работи за првите впечатоци во возење.

Во Kia во последно време се чини дека психолозите работат тет-а-тет со инженерите. Точно е „програмирано“ тоа што човек ќе го почувствува прво. По мало разочарување како разгален тинејџер, зошто вратите на тест-возилото не се отклучуваат додека возачот се приближува кон возилото и зошто нема копче за старт, туку уште мора клучот да се вовлекува во брава, следи првиот аха-ефект. Ниту минимална вибрација не се чувствува во оние десетинки додека проработи моторот. Sportage уште од првиот момент остава впечаток како на зрела лимузина, како модел од висока класа. Тоа е резултат од врвна инженерска работа и вешто изведена изолација на звук и на вибрации. Во секој момент во возењето ќе се чувствува тоа отсуство на вибрации и резонирања – поточно, нема што да се чувствува. NQ5 е како едреник по мирно море. Фантастично, посебно кога станува збор за модел што сепак спаѓа во СУВ-сегментот во компакт класата.

Kia долго укажуваше на тоа дека европскиот модел ќе има посебен сетап – не нé интересира сетапот за моделите за Азија и Америка, важно е дека овој Sportage е одличен

Балансот во подвозјето е следното што ќе се открие. На големи нерамнини, главно по лежечки полицајци што не се крвнички настоени кон автомобилите, се чувствува дека пружините дозволуваат поголеми одови и прикажуваат помека работа од очекуваното. Наспроти тоа, при влегување во свијоци, истите тие пружини не попуштаат и ја држат каросеријата право. Несомнено станува збор за прогресивни спирални пружини, што се комбинирани со амортизери кои не се рандом-извадени од регал на добавувач што понудил најниска цена.

>>> Сите технички податоци и опременоста на тестираниот модел може да се погледнат во нашиот каталог за сите нови модели на автомобили што се нудат на македонскиот пазар, на следниот линк

Kia Sportage 1.6 T-GDi 2WD First Edition

Уште во првите стотина метри, веројатно уште додека се чека колоната да го мине семафорот, ќе се почувствува таа врвна мајсторија во танакаренечото NVH-подрачје (Noice, Vibration, Harshness). Sportage вози прецизно, точно остро колку што е потребно, зрело и тивко, без вибрации и шумови. Тоа е големо изненадување и пријатно изненадување.

Од Kia (сега без Motors во името) неколкупати посочуваа на тоа дека европскиот модел ќе се разликува од азискиот и американскиот, од моделите за тие пазари. Ако некој поверува дека разликите ќе се однесуваат на некои детали во дизајнот или на скусената каросерија, тоа е само 5% од вистината, затоа што главните разлики, останатите 95 проценти, се во подвозјето, во реакцијата на погонската спрега, во начинот како моторот реагира при притискање на педалата за гас, во чувството при сопирање, во повратната сила во управувањето – прилично во сé, што прави европските возачки и возачи да бидат среќни со својот автомобил.

За Kia Sportage може да се зборува за надворешен и внатрешен дизајн, но дополнително и за возен „дизајн“

Тука не станува збор за „дилеми“ од типот на тоа дали е подобар 1.9 или 2.0 TDI, тука се зборува за уметност на создавање автомобил. Светот досега зборуваше за дизајн на надворешноста на разните модели на автомобили, за дизајн на внатрешноста, тоа што новата Kia Sportage го наметнува да се зборува дополнително, тоа е „дизајн“ на чувството во возење. Ова не е автомобил што е проектиран да вози, ова е автомобил што е дизајниран да вози. Возен дизајн, тоа е новиот поим.

Одушевувањето е вистинско и не е претерано. Сите оние стотици илјади километри, што тест-возачите ги имаат извозено со прототипите, за на инженерите да им соопштат уште колку треба да се смени и дали уште нешто треба да се смени или дотера различно, сé тоа се чувствува во возењето.

Kia Sportage во петтата генерација прави сé како што посакува добар познавач на автомобили, искусен возач, уживател во возењето, техно-ентузијаст. Како моторот ги крева вртежите, колку моментната доза на вртежен момент во погонските тркала се чувствува во управувањето, како се чувствува резервата што останува во опашот, кога премногу оптимистички ќе се влезе во свијок и мора нагло да се отпушти гасот, тоа го прави овој Sportage да биде добар Sportage. Секоја чест за тоа, Kia впрочем одамна не е марка во којашто се бара повеќе опрема за парите или повеќе автомобил за помалку пари.

Проблемот со слабата прегледност во хронично проблематичното подрачје на СУВ-моделите, десно од возилото при скршнување вдесно на крстосница, кај Kia Sportage е надминат речиси целосно

Секако дека одговара и ергономијата. Дури е надминат и оној недостаток на високите СУВ-каросерии, што оставаат добар дел од рабникот да остане опасно невидлив кога се скршнува вдесно – опасно, затоа што возачите на СУВ ја имаат таа практика, „махинално“ да го отворат свијокот, влегувајќи во правецот на движење на возилото што доаѓа отспротива. Во Sportage се гледа многу повеќе отколку во повеќето модели во неговиот сегмент, заслугата за тоа е во вешто поставените предни столбови.

Како резиме од првиот ден од тест-возењата на новиот Kia Sportage, автомобилов изненади многукратно. Ова не е автомобил за којшто се „присетувате“ дека е најнов модел, откако ќе излезете од него и ќе го видите однадвор, туку е автомобил што во секој момент ве уверува дека е од новата генерација. Возењето е класа. Дизајнот, тоа посебно. Продолжуваме да собираме впечатоци во следните денови.

Голема премиера во Kia: „За нас, Sportage е како посебен бренд“

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Салоните на Toyota ширум Европа со нова шема

Зад новиот амблем на Peugeot 308 се крие многу технологија, буквално