Вообичаена атмосфера во матичниот салон на Kia. Гости заинтересирани за новитетот, десетината возила со отворени врати и поклопци, луѓе седнуваат зад воланот, се проверува, се доживува моделот.
Така функционираат одомаќените марки, а Kia недвојбено е меѓу марките што македонските возачки и возачи, ги чувствуваат како „свои“. И автомобилот е одомаќен. Директорот на македонската Kia, Владо Билбилов, објавува дека од претходната генерација на моделот за којшто се организира овој настан, продадени се повеќе од 1.100 примероци. Станува збор, значи, за мошне важен модел. За подобра претстава, на гостите што со внимание го следат говорот на директорот им се соопштува и податокот, дека моделот лани постигнал учество на македонскиот пазар од преку 45 проценти меѓу СУВ-моделите во својот сегмент. Секако дека станува збор за Kia Sportage, чијашто четврта генерација беше испратена со максимални почести и заслуги, за сега соодветно да ја пречекаме петтата генерација.
Предизвик е да се задржи шампионското темпо на генерацијата што повеќе нема да излегува од салон, но секако дека предизвикот ќе биде прифатен. Специјалните серии се своевидно обележје за Kia Sportage, почнувајќи од „нави-серијата“, кога СУВ-бестселерот меѓу првите на пазарот почна да се испорачува стандардно опремен со систем за нацигација, преку последната Black Series, што наиде на одличен интерес до последниот ден во продажба, така и Sportage NQ5 уште од првиот ден е достапен во специјалната серија First Edition.
Директорот Билбилов цени дека „Sportаge за нас e како посебен бренд“
https://photos.app.goo.gl/g3J6hGXJLzHdPpEA7
Очигледно дека овие специјални серии се делотворни пред автомобилската сцена, затоа што токму преку обезбедувањето на тие серии на нашиот пазар се прикажува тесната поврзаност на македонската Kia директно со европската централа на марката во Франкфурт. Претходно имавме таков случај со Launch Edition на кросоверот XCeed.
Целта на Kia Sportage во специјалната серија First Edition е на почетниот бран купувачи да им се понуди уште поголема противвредност на возилото, преку дополнителни ставки во опремата и неколку стилски белези плус. Така и се случува, моделите од First Edition стартуваат со пониски цени од моделите што ќе бидат редовен дел од гамата на Sportage.
Основниот модел вози со 1,6-литарски турбо бензинец со директно впрскување и 150 КС. Наспроти редовниот модел со овој мотор, што чини 25.500 евра во основното ниво Reference 1, во серијата First Edition, истата погонска комбинација чини 26.500 евра. На тоа следи акциски попуст во висина од 1.600 евра. Според тоа, моделот од специјалната серија First Edition, со своите 24.900 евра е 600 евра под Reference 1, иако нуди повеќе опрема и неколку ставки екстра во изгледот во внатрешноста и надворешноста.
https://photos.app.goo.gl/fjgxutxAmLVaGUJF6
Уште еднаш се докажува вешто скроената моделска политика на македонската Kia. Основните мотори, бензинецот со 150 КС и дизелот со 116 КС, се испорачуваат во класична изведба, односно без дополнителен стартер-генератор, што значи дека не се нудат во верзија со благ хибриден погон. Тоа прави моделот да биде подостапен. Од друга страна, посилните верзии, бензинецот со 180 КС и дизелот со 136 КС, стандардно доаѓаат со благ хибриден погон, односно со стартер-генератор – тоа е всушност мал електромотор, што не е толку моќен за сам да го движи возилото во одредена ситуација, но сосем е делотворен да ја смали потрошувачката, без истиот да влијае врз цената на моделот.
Се препознава политиката на Kia, да се понуди основен модел со којшто ќе се живее подобро од одлично, но во исто време да се понуди и „надграден“ модел, којшто со релативно мала разлика во цената во споредба со основниот модел, ќе нуди многу повеќе. Така е со менувачот со двојна спојка, што е стандард кај посилните верзии на моторите, значи кај бензинецот со 180 КС и дизелот со 136 КС.
https://photos.app.goo.gl/2yubdV5jfPgw3QXR6
Од македонската Kia најавија дека во вториот квартал ќе биде понуден хибриден модел, а понатаму ќе следи и модел со приклучен хибриден погон, што без проблем ќе мине вообичаена дневна рута чисто со погон на струја. Со новиот Sportage почнува електрификацијата.
Кај посилните варијанти има избор на модел со погон напред и модел со погон на сите тркала. Разликата во цената е точно 2.000 евра, јасно и прегледно како што сцената е навикната кај оваа марка. Тоа што посебно ги радува во Kia е изведбата GT Line, со спортски нагласок. Пазарот, сосем очекувано за менаџментот на Kia, покажа голем интерес за GT Line, посебно кај освеженото моделско годиште на Ceed, така што од десет продадени Ceed, осум се во нивото GT Line. Во гамата на Sportage, ова ниво го поставува врвот во понудата.
https://photos.app.goo.gl/z85WngECancr2GS67
Во распонот што почнува од 24.900 евра за Kia Sportage 1.6 T-GDi First Edition и завршува со 41.900 евра за Kia Sportage 1.6 CRDi 4WD GT Line DCT7, се случуваат буквално чуда. Задржано е името Reference на нивоата на опрема, коешто според Билбилов им е „препознатливо на купувачите на Kia, коишто знаат што добиваат под тоа име“. Постојат три степени, од Reference 1 до Reference 3. На безбедноста и комоцијата на возачот се посветува многу внимание. Стандардно во секоја Kia Sportage работи самостојно запирање при опасност од судир, кога сензорите ќе препознаат возило, пешак, велосипедист, објект на патот. При возење по автопат нема потреба возачот да посегнува по рачката за светлата на секои три секунди, затоа што и автоматската работа на долгото светло е стандард.
https://photos.app.goo.gl/jScQWjK5pRnaMiZK8
Во секојдневието се важни и паркинг сензорите напред и назад, во комбинација со задна камера. Клима уредот е автоматски, тризонски, средишен дисплеј од 8 инчи се вградува уште во старт. Reference 1 доаѓа уште со тркала од лесен метал од 17 инчи, електрично собирање на ретровизорите, диодни предни светла и со затемнети задни стакла.
Во поглед на дизајнот, Sportage донесува сосем нова приказна, дизајнот впрочем е впишан во генетскиот код на маркава. Приказните од типот „личи на овој, на оној“ тука не минуваат. Sportage носи дизајн од прва лига, различен и свеж дизајн. Во внатрешноста се применети начелата и стандардите од Kia Sorento, така што не е далеку од вистината ако Sportage се цени како смален Sorento.
https://photos.app.goo.gl/dARw6bTuLgB8ve9A9
Повеќе за новата Kia ќе објавиме по тест-возењето, откако моделот ќе биде понуден во нашата редакција.
Во меѓувреме ги внесовме сите податоци за новата Kia Sportage во нашиот онлајн-каталог https://avtosalon.mk/, вклучувајќи ги сите технички податоци и главните ставки во сериската опременост. Како посебна функционалност на онлајн-каталотот е можноста за директна споредба до три модели, по избор, без разлика на марката, моделот или моторот.
Следниот линк води директно до прегледот на сите моделски изведби на Kia Sportage:
















