за

Зад новиот амблем на Peugeot 308 се крие многу технологија, буквално

Peugeot има нов амблем, поточно има нов грб на марката со лавот. Колку што е импресивна големината, толку е импресивна и технологијата што е дел од амблемот.

Многу технологија стои зад новиот амблем на француската марка, што Peugeot 308 го донесе на светлото на денот. Тоа не се однесува само на изработката, туку буквално на технологијата што работи будно зад знакот на лавот. Станува збор за радарски систем, што ги снабдува со информации процесорите на системите за асистенција.

Peugeot го заслужува големиот амблем, вреден за промените во пропорциите и формите во носот на новиот Peugeot 308, што беа направени за тој да се вдоми соодветно. Добриот впечаток што го остава изгледот на амблемот не е единствениот ефект. Зад амблемот работи радар што е задолжен за работата на повеќето системи за асистенција, кои се грижат за безбедноста и за комфорот.

Амблемот, односно повеќе е верно да се нарекува грб на Peugeot, содржи тенок слој од индиум, редок метал со висока спроводливост, којшто не ги попречува радарските бранови и се одликува со висока отпорност на корозија. Хромираниот слој прави амблемот да изгледа уште поблагородно.

Peugeot 308, што од почетокот на годинава е во продажба во Македонија и веќе беше на тест во Аутомедиа, вози како прв модел на француската марка под новиот амблем. Истото беше претставено на посебен настан пред точно една година. Како дел од големата кампања за пошироко претставување на новиот амблем, менаџерите на Peugeot на своите профили на друштвените мрежи поставија фотографија во профил, со контурите на главата на лавот во преден план.

Тест-возење на Peugeot 308: Колку француски може да биде еден автомобил?

Грбот на марката Peugeot доаѓа уште повеќе до израз преку дизајнот и мустрата на маската. Бројните ситни хромирани елементи во маската го насочуваат погледот кон лавот. Оваа нова комбинација од дизајн на маска и голем грб во истата, претставува основа на новиот лик на Peugeot, со којшто се нагласува позиционирањето на марката повисоко на пазарот.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сé е сменето во чест на добредојде за големиот лав. Регистерската таблица е поставена долу под маската, па дури и целиот труд околу посебната конструкција на амблемот беше направен за радарот и сензорите да се сокријат зад грбот на Peugeot и да не го попречуваат чистиот изглед на маската.

Две изведби на грбот се користат кај новиот Peugeot 308

Грбот се вградува во моделите во гамата на Peugeot 308 во две изведби, што се исти на поглед, но имаат различна техничка содржина. Едната изведба се користи кај моделите во нивото на опрема Active Pack. Другата изведба е посебна за највисоките нивоа на опрема Allure и GT, и содржи радар за системите за асистенција.

New item by Automedia MK / Google Photos

При конструирањето на грбот, инженерите мораа да имаат предвид две нешта:

  • Дебелината на површинскиот слој мораше да биде иста по целата површина на грбот.
  • Компонентите не смееја да содржат метални честички

Производството на новиот грб исто така се одвива на посебен начин:

Прво се изработува мазна предна плоча со рамномерна дебелина, од поликарбонат што се нанесува со прскање.

Потоа се изработува задната страна од индиум. Оваа ретка легура се користи посебно за моделите na Peugeot 308 со новиот амблем, што се опремени со радар. Тоа е единствениот материјал, што одговара и од техничко и од оптичко гледиште. Површината природно изгледа како да е хромирана и самиот материјал не им пречи на радарските бранови.

Ласерска технологија се користи за амблемот на Peugeot да стане видлив. Притоа со ласерски зраци се отстрануваат делови од површината од индиум, за лавот да стане видлив низ поликарбонатот.

Црна боја се нанесува од задната страна на амблемот, за таа да претставува заднина на грбот.

Врз предниот дел се нанесува заштитен лак, што штити од надворешни влијанија (удари, сонце, температурни промени).

По целата сложена постапка околу изработката, грбот се лепи на специјален носач, што потоа се поставува во маската и се прицврстува. Ова е првпат Peugeot да користи толку сложена процедура за изработка на амблемот.

Радарот зад новиот амблем претставува основа за работата на многубројни системи за асистенција

Адаптивен темпомат со функција STOP&GO (во моделите што се опремени со автоматски 8-степен менувач), со можност за нагодување на растојанието што се одржува од возилото напред

Адаптивен темпомат со ознака ACC 30, за моделите со мануелен менувач, што автоматски го одржува растојанието од возилата напред и самостојно запира и повторно забрзува до наместената вредност, доколку брзината не падне под 30 km/h

Самостојно запирање при опасност од судир Active Safety Brake Plus. Системот препознава пешак и велосипедист на пат, дење и ноќе, во зависност од изведбата меѓу 7 и 140 km/h, вклучувајќи предупредување при опасност од судир.

Новина во следните месеци ќе биде полуавтоматскиот систем за возење Drive Assist Plus. Тој ќе биде достапен за изведбите со 8-степен автоматик и неговата функција се состои во тоа што ги комбинира Stop&Go со систем за самостојно следење на лентата на возење, вклучувајќи и зафати во управување, за следење на свијоците по патот.

Унапредената изведба на Drive Assist нуди уште две нови функции:

Полуавтоматско престигнување и враќање назад во лента, на автопат, при брзини од 70 до 180 km/h.

Препорака за приспособување на брзината на возење, било да е тоа забавување или забрзување, раководејќи се според знаците за дозволена брзина на патот.

Целата понуда од модели на Peugeot на македонскиот пазар можете да ја погледнете во нашиот онлајн-каталог, со цени и податоци за сите марки и модели

Peugeot 308 PureTech 110 Active Pack

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Седум денови во Kia Sportage: Први впечатоци

Илон Маск најавува Ден на батеријата на 22-ри септември

Во Калифорнија се регистрирани 1 милион електрични автомобили