за

Тест-возење на Peugeot 308: Колку француски може да биде еден автомобил?

Европа сака да се вози кралски, со марката со лавот. На Peugeot 208 и 2008 им припаѓаат првите места во нивните сегменти, и 3008 е високо. Следната титула се очекува од новиот Peugeot 308.

Тоа е автомобилот што во почетокот на месецов привлече 45.000 прегледи на нашата инстаграм приказна за Лавовската Осумка. Со новиот Peugeot 308 извозевме рута во форма на бројот 8 низ Македонија, во должина од 500 километри, по снег и кал, по сонце и ветер. Впечатоците од возењето на компактниот GT откриваат зошто оваа кола е убава со причина.

Се случуваат моменти, кога човек ќе се праша, зошто производителите на автомобили уште им посветуваат толку големо внимание на класичните компакти со дводелна каросерија? Во европскиот Топ 25 за минатата година, постојат само три модели од тоа што го познаваме како компакт класа, голф класа. Прв е Golf, со пад од 50% во чудната 2021 година, за дури на самиот опаш на листата да се појават серијата 1 на BMW и Mercedes A-Class. Значи, два премиум модели, меѓу најпродаваните три компакти лани во ЕУ-28.

Модел на Peugeot трипати се појавува меѓу најпродаваните 25 автомобили во Европа. Peugeot 208 е вицешампион, со мал заостаток следи неговиот СУВ-братучед Peugeot 2008 на петтото место, а годината ја мина солидно и Peugeot 3008, како 18-ти најпродаван модел – едно место пред VW Tiguan. Зошто сега морало толку многу значење да му се придава на Peugeot 308, кога луѓето се сосем задоволни и со 208-2008-3008, што се продаваат шампионски?

Светот не ќе смееше да го пропушти овој Peugeot 308, затоа што Французите со него докажуваат дека уште ја владеат вештината на правење добар компакт. Automobiles Peugeot, со деловна адреса на 2 10 10 Boulevard de l Europe, 78300 Poissy, Ile de France, France, со новиот 308 ја врати смислата на постоењето на компакт моделите. Ако се имаат предвид сите промени со коишто доаѓа автомобилов, повеќе е верно да се каже дека производителот од Поаси одново му даде смисол на постоењето на добар компакт од нова генерација. Peugeot 308 од трето колено е автомобил што ќе смени многу работи на сцената, тоа е сосем извесно.

Серијата 300 на Peugeot само во последните четири генерации има направено многу за автомобилската сцена: Кабриолет 306 со потпис од Pininfarina, тркачки 306 Maxi, Peugeot 307 автомобил на 2002 година, купе-кабриолет 307 CC, бескомпромисно купе 308 RCZ… сите тие гени сега се пренесуваат во новиот Peugeot 308

Моќен е духот на промените што провејува во носечката марка на целата групација Stellantis. Дури се чини дека Peugeot сега првпат ја именува серијата модели со тројка на првото место во ознаката, како серија 300. Моделите досега секогаш се спомнувале одделно, 306, 505, 404, 604, 205, никогаш не се зборувало за серија 200, 400, 500, итн. Многу е уверливо е за сцената, кога ќе препознае дека создателот е горд на своето дело. Кој уште не забележува колку Французиве се горди на својот нов Peugeot 308?

Секоја линија и секој потег во овој дизајн се повикуваат на историските модели на Peugeot

Промените почнуваат од најважното место, од логото. Новиот Peugeot 308 е прв модел што го вози новото лого. Реално, тоа и не е лого, туку повеќе личи на грб. Така одговара, затоа што марката Peugeot се поврзува со една долга семејна традиција, па ова е како семеен грб. Целата маска, заедно со логото, во една суптилна форма се повикува на стилот на легендата, Peugeot 404. Рамката на логото има иста форма, меѓутоа со големината победува 308. Дури и таа фина игра со испрекинатите ламели со променлива должина во маската се повикува на 404. Дизајнерите нацртале Peugeot во секоја форма на овој автомобил.

Одушевувањето штотуку почнува, кога и во формата на хаубата ќе се препознае по некоја линија од 404, можеби од 504 или 304. Во секој случај, Peugeot. Нагласените вовлечени подрачја во краевите на хаубата, што исцртуваат дополнителна трапезна форма во нејзините контури, пак се цитат од легендарните лимузини од 1960-те и 1970-те. Нагласените гребени со коишто завршуваат предните крила и започнува хаубата, и тие влечат инспирација од „четворките“. Збирот од сите овие зафати му даваат идентитет на 308, секој препознава Peugeot во овој автомобил.

Дизајнерите постигнале впечаток како носот да е многу ниско до асфалтот, тоа неодоливо потсеќа на мачка што го демне пленот

За тоа секако дека придонесуваат и веќе задолжителните лавовски очници, со функција на дневно светло. Дизајнот е долго поглавје и возбудливо поглавје. Не се пропушта впечатокот, колку е низок носот. Тоа секако не значи дека Peugeot ќе закачува на секој тротоар, туку се однесува на визуелното поместување на носот надолу. Зарем тоа ќе биде изненадување, кога ќе се види уште една порака од дизајнерите и од продукт менаџерите: Замислете мачка што го демне пленот. Најдобро е човек да си понесе столче или скала и да ги проучува сите рабови, линии, површини, агли што ја сочинуваат појавата на Peugeot 308, поместувајќи го столчето метар по метар. Потоа, нов круг, за сите форми да се погледнат под друго светло.

Оваа пинакотека на тркала има и практична примена во секојдневието. Неисцрпната дизајнерска приказна за новиот Peugeot 308 ќе направи да заборавите на фејсбук и инстаграм, додека чекате сопругата да си ги среди ноктите. Место да чмаете со телефонот в раце, ќе излезете и ќе го гледате автомобилов, споредувајќи го со околината. Така најдобро ќе се осознаат исклучителните и несекојдневни пропорции.

Новиот 308 е подолг 11 сантиметри од претходникот, со 5,5 сантиметри повеќе растојание меѓу оските. Ветробранот е поместен наназад и налегнат е повеќе, со цел да се нагласи должината на хаубата. Колку што линијата на хаубата е елегантна и шланк, толку патничката кабина изгледа како да ќе препукне од тоа што го содржи. А, тоа што кабината го содржи најмногу, тоа е простор. Комбинирајте 11 сантиметри екстра должина во споредба со претходникот, со ширина од 1,85 метар, додајте го во просторноста на кабината тој дел што е добиен екстра, со тоа што каросериската структура е проектирана за мотор со зафатнина од најмногу 1,6 литар, место од два литри, и ќе добиете верна претстава за просторната понуда.

Тоа што ја создава одушевеноста од изгледот на Peugeot 308 не се „само“ формите, туку и изработката; Овој автомобил е изработен квалитетно и тоа се воочува уште однадвор

Од претходно се добива уверлив впечаток дека каросеријата е изработена со огромно внимание. Зјаевите се доведени до апсолутен минимум, светлата совршено преоѓаат во ламарината, рамките на прозорците повеќе личат на работа на врвен занаетчија, отколку на лента за големосериско производство. Звукот од бравата на задниот поклопец сведочи за моќен електромотор што е ангажиран за задачата. Тоа се само неколку од многубројните сведоштва за квалитетната изработка. Французите работат на премиум статусот за својата марка и тоа се забележува. Кога Peugeot 308 ќе се најде тркало до тркало со A-Class, со серијата 1 или со A3, тој сигурно не е автомобилот што треба да се крие од такви споредби. Напротив, 308 посебно во нивото GT, како на тестов, зрачи со премиум и оддава впечаток на вредност.

Палетата за Peugeot 308 нуди само седум бои: Еликсир црвена, вертиго сина, бисерно бела, снежно бела, артенс сребрена, оливин зелена и црн бисер. Тие бои се посебно дизајнирани за најверно да ја пренесуваат дизајнерската приказна, односно најдобро ги нагласуваат формите на Peugeot 308

Кокпитот има таков ефект, возењето на враќање од работа да го продолжува за десетина километри. Ако треба да извозите од Аеродром до Центар, ќе изберете рута преку Железара. Сето тоа со цел да се продолжи времето поминато зад воланот на Peugeot 308. Квалитетно поминато време, тоа е јасно.

Француската марка вешто го „припитоми“ средишниот дисплеј, што е неизоставен во новите генерации автомобили. Додека во минатите неколку години гледавме како бројни производители жонглираат со средишниот дисплеј во кокпитот, што никогаш не завршуваше на природно место, на Французите мора да им се признае дека подобро владеат со осмислувањето на работното место на возачот. Секако дека не може да мине без иновација. Новината во 308 се i-Toggles. Тоа е практично втор дисплеј под главниот средишен дисплеј од 10 инчи, поделен на шест сензорски полиња: Дома, музика, клима, навигација, телефон, апликации. Кога полето ќе се задржи притиснато подолго од 3 секунди, се вклучува можност на полето да му се додаде функција според сопствените потреби или желби. Откако ќе се додели „новата“ функција, со само едно притискање на полето за радио ќе се вклучи омиленото радио, полето за клима ќе ја намести температурата по желба, со едно притискање на полето за навигација ќе се вклучи водење по вашата омилена рута. Исто и на полето за телефон му се доделува омилен контакт. Сензорските копчиња се дел од i-Connect, комплетно нов инфо-забавен систем.

i-Cockpit продолжува да се развива, новината што ја донесува Peugeot 308 се i-Toggles, како дел од новиот инфо-забавен систем i-Connect; Мошне досетливо и корисно

Тоа е прилично генијално, од марката што покажа дека не се колеба да направи промени од корен, кога ќе се процени дека има ново и подобро решение. Малиот волан што е позициониран малку пониско, со зарамнет горен и долен дел, и инструментите што се подигнати поблиску до видното поле, како темел на i-Cockpit, не само што станаа стандард во Peugeot и се продолжи со развојот, туку и браншата почнува да покажува симпатии за слични концепти.

Не постои обична површина и форма што е позната од претходно; Посебен е мирисот на кабината, што и не треба да изненадува, имајќи ја предвид земјата што е синоним за парфеми

Сé укажува на тоа дека се седи во нов автомобил. Арматурната табла не изгледа како да е составена од лего коцки, со правилни и унифицирани форми што се гледаат во секоја марка. Тука буквално во секој агол е внесена свежина и нов пристап, не постои површина или зафат што изгледа рутински и здодевно стандардно. По целата ширина на кокпитот се нагласени отворите за воздух, што и визуелно ја шират кабината. Peugeot вели дека тоа е архитектура High-Vent, што има предности во поглед на комфорот и ефикасноста.

Потврдено: При целото тест-возење и по студ и по пек од зимско сонце, во кабината владееше пријатна атмосфера, без да се почувствува провев или замор од слушањето на работата на вентилацијата. Инженерите на Peugeot најдоа мошне делотворен начин, за мирисот од издувните гасови на автомобилите напред, да не доспева во кабината, заедно со сите „штетници“ во воздухот. На дисплејот може да се повика оцена за квалитетот на воздухот во кабината. Кога сензорите ќе вклучат аларм, автоматски се вклучува рециркулација. Разликата во начинот на Peugeot е во тоа што системот е делотворен, не е само за реклама.

Марката од Поаси не го комуницира поимот премиум толку често, место тоа повеќе се преферира „најдоброто што може да се понуди од генералистички бренд“

Нивото на завршна изработка ќе ги прави горди сопствениците на 308, кога на пријателите ќе им ги покажуваат деталите во својот автомобил. Средишната конзола во делот меѓу седиштата, во горната половина е уредно тапацирана и обложена со кожа. Љубителите на свијоци ќе празнуваат, кога ќе го видат тој детал, што спречува десното колено да ги боли од нагмечување при подинамично возење. Исто и вратата е обложена доволно меко. Како врв, седиштата, воланот, средишната конзола и вратите, штепувани се двојно, во боја на адамит, заштитната боја на Peugeot Sport. Така е барем во нивото GT.

Француска обработка: Тапацираната облога по работ на конзолата меѓу седиштата е детал што најверно го отсликува степенот на завршна изработка во новиот Peugeot 308. Секако, тоа важи и за штеповите во карактеристичната адамит зелена боја

Во кокпитот на Peugeot 308 има толку нови функционалности, што нивниот опис веќе влегува во обем на научна дисертација. Затоа во најкуса можна форма: Дигиталните инструменти од 10 инчи (3D-ефект во GT) имаат неколку различни прикази што се менуваат преку страничното копче во левата рачка на воланот, средишниот дисплеј работи со висока резолуција и фантастично е брз, подржува и вклучување мени со допирање со три прста, лентите од амбиенталното осветчување менуваат боја зависно од програмата на возење, а може и дополнително да се избира меѓу 8 бои.

Посебно одушевува миризбата што ја ослободува кабината, конкретно спортските седишта што се обложени во комбинација од алкантара и кожа. Разликата е во тоа што не се чувствува силна миризба од хемикалии и вештачки технолошки процеси, туку се пројавува некој нов мирис со природна нишка. Тоа повеќе потсеќа на мирис на нов домашен мебел од производител што држи до квалитетот и до цената. Француска работа, секако дека мирисот на Peugeot 308 е дизајниран, исто како што се дизајнирани Absolu de Parfum или YSL Opium.

Peugeot ѝ даде нова смисла на француската школа на конструирање автомобили, со новиот 308 направи францускиот печат да биде моќно присутен во секое подрачје што е меродавно

Најновата „тристотка“ е исклучително просторна, функционална и практична. Багажник од 412 литри е добра големина во компакт класата, а поправилна форма од оваа ретко се наоѓа. Одлични оцени заслужуваат и предните седишта во спортскиот GT, со цврста и правилна поддршка и со добра пропустливост на воздух. Лавовската Осумка, рутата во форма на бројот 8, во должина од 500 километри, беше извозена во еден потег, без одмор, со едноминутни паузи само заради фотографирање. Тие осум часови поминати во возење, ќе беа мачни осум часови, доколку седиштата беа поинакви од овие во 308 GT.

Новиот Peugeot 308 пред крајот на рутата Лавовска Осумка, како што го нарековме патувањето по траекторија во форма на бројот 8, долго 500 километри низ Македонија, за поздравно возење за пречек на новиот модел

Веднаш по поаѓањето, прв впечаток е чувството дека се управува многу полесен автомобил, отколку што е овој F (тоа е фабричкиот код на Peugeot за новиот 308) со своите 1.361 килограми. Кусо потоа, следи уште еден впечаток што радува посебно. Амортизацијата работи мошне комфорно. Нема суви удари што се придружени со непријатни звуци во кабината, во овие амортизери има многу „масло“. За време на целото патување, остана впечатокот дека амортизацијата работи комфорно, тивко, добро избалансирано, без притоа да се жртвува од динамичноста во возењето.

Погонската комбинација во тестираниот Peugeot 308 вклучува 1,5-литарски дизел со 130 КС и 8-степен автоматик, класичен и одличен автоматик со претворач на вртежен момент. Дизелот е традиционална вештина на маркава и тоа уште се чувствува. Реално, пазарот се префрлува на бензински мотори и на хибриден погон. Нашето искуство вели дека е подобро да се заштеди екстра трошокот за дизел, и сумата да се вложи или во фамозниот 8-степен автоматик или во повисоко ниво на опрема. GT со бензинец од 130 КС и автоматик чини околу 2.000 евра помалку од дизелот. Во поглед на уживањето во возењето што се должи на моторот, практично нема разлика во динамиката. Турбина работи и ваму и таму, исто како и директно впрскување на горивото. Потрошувачката по целата тура се движеше околу 5,5 литри. Максимално коректно, посебно кога ќе се земе предвид возењето во втор степен по снег, во Малешевијата и по Огражден.

Дизајнот што претходно создал одушевување и кокпитот што отстапува од секакви големосериски стандарди, создавајќи чувство дека ова е модел од најнова генерација, се само загревање пред да се почувствува карактерот на гран-туризмо крстосувач во овој француски компакт

Сите тие единствени сензации од дизајнот, од материјалите, изработката, миризбата, префинетоста, иновацијата, се евалуираат кога Peugeot 308 во изведба GT ќе се почувствува во возење. Тристоткава вози посебно, вози токму како гран туризмо. Крстосувач за долги патувања, со комоција на лимузина, а димензии на компакт автомобил што се практични во секојдневието, тоа е новиот 308. Французите конструирале и изработиле автомобил што со зрелоста се издвојува во класата, па дури може да убеди и купувачи што попрво би барале модел во средната класа.

Тоа е „андерстејтмент“, двете букви заслужуваат да бидат многу поголеми и повпечатливи; Место тоа, дизајнерите оставиле каросериската форма да говори за тоа што го претставува овој автомобил, и без ознаката GT е јасно

Возните квалитети ги заокружуваат останатите квалитети. Свежината, вистинското чувство на ново, во 308 се доживува во возењето. Во Peugeot не се штеделе ниту во вложувањето, ниту во проектирањето и во изработката на овој модел. Во развојот на платформата EMP2 (Efficient Modular Platform) своевремено беа вложени 630 милиони евра. Во 308 III работи усовршена изведба на платформата, а истата ја користи и новата генерација на Opel Astra, на којашто исто така ѝ се ближи стартот на продажбата. Следат и Citroen C5 X, DS4.

Тоа што повеќе модели од повеќе марки во концернот (и надвор од него) се базираат врз платформата EMP2, дозволи да се развие напредна платформа. PSA, а сега Stellantis, не ја развиваше платформата за да заштеди, туку за „истите пари“ да понуди повеќе. Пример, концернот Volkswagen.

Автоматски двозонски клима уред, диодни светла, средишен дисплеј од 10 инчи и дигитални инструменти од 10 инчи, паркинг сензори, автоматски светла и бришачи, сето тоа уште од старт

Наспроти цените од 25.000 евра, со коишто Peugeot 308 стартува во Франција или Германија, во тој поглед имаме пријатно изненадување од Еуроимпекс. Почетокот на гамата на Peugeot 308 ѝ припаѓа на изведбата со бензинец од 110 КС и ниво на опрема Active Pack, којашто чини 21.420 евра. Тоа се должи на повеќе од дведецениското искуство на македонската компанија и на традиционално високиот пазарен удел на автомобилите со лав во маската на нашиот пазар.

Автомобил што изгледа како постојано да е на некое долго патување; Компактот на Peugeot нуди исклучителна противвредност и зрелост на модел од средна класа

Во тест возилото работи 1,5-литарски BlueHDi со 130 КС и вртежен момент од 300 њутнметри. Доколку се работеше за основното ниво Active Pack, овој 308 ќе чинеше 24.440 евра. Верзијата со 8-степен автоматик додава уште 2.340 евра. За споредбата со бензинецот што ја спомнавме погоре. Бензинецот што исто така располага со 130 КС, во верзија со автоматик чини 24.250 евра. Незначителна е разликата меѓу дизел со мануелен менувач или бензинец со 8-степен вистински автоматик од врвна класа (не е со двојна спојка). Ние навиваме за бензинецот.

Нивото GT, тоа е веќе за „професионалци“. Секое евро вреди, секоја ставка што Французите ја вградуваат стандардно во нивото GT му дава екстра вредност на 308 и уште толку го облагородува. Бензинецот чини 29.910 евра, дизелот 32.040 евра. Тест возилото дополнително е опремено со џиновски стаклен покрив во познатиот манир на марката со лавот, со камера што го прикажува целиот простор околу возилото, вклучувајќи и приказ директно од камерата доли во носот, како и панорамска слика, а третата ставка е оваа спектакуларна еликсир црвена боја. Вкупно 34.390 евра.

За повисока моќност, Peugeot ги сервира приклучните хибриди со 180 и 225 КС, што со полна батерија возат педесетина километри на струја, пред да се активира бензинецот; За нив во Македонија се плаќаат 50% од редовно пресметаниот данок на возило

Неколку ставки од арсеналот од опрема за гран-туризмирање на 308 GT: Тркала од 18 инчи со оптимирана аеродинамичност, Peugeot i-Cockpit со 3D-ефекти на дигиталната инструмент табла, алу-плочки на праговите, ергономски спортски седишта во комбинација од вистинска алкантара и кожа, матрични диодни светла што се приспособуваат според условите, задни светла со три нагласени линии, алу-педали, црн таван, контрола на чистотата на воздухот во кабината, спортски волан, и како посебен детал, грбот на Peugeot поставен на предните крила.

Има многу автомобил во овој автомобил. Пристигањето на новиот Peugeot 308 делува помоќно дури и од премиерите на Peugeot 306 и 307. Ова е серија 300 на Peugeot за „профеционалци“

Кој бара екстра моќност, ќа ја добие во форма на двата приклучни хибриди, едниот со моќност од 180 КС, вториот со 225 КС. Чисто електрична изведба по пример на e-208 и e-2008 следи веќе в година, со уште поголем досег. По некакво чудо, државата за приклучните хибриди наплаќа само половина од данокот за возило, односно ослободува целосно од оваа давачка во случај на чисто електрични автомобили. Стилското комби SW засега не е во редовна понуда, но не е исклучена можност со нарачка. Тоа што би сакале да го видиме во гамата на 308 е „уште повеќе“ GT-модел, можеби модел PSE, со втор електромотор за задната оска и со системски 300 КС. Одделението Peugeot Sport Engineered сигурно не е за украс.

Peugeot повторно се докажа како специјалист за компакт, за француски компакт; Посебноста на Peugeot 308 е токму во силното присуство на францускиот печат во секое подрачје на автомобилот

Според одушевувањето што го предизвика на сцената, многумина ќе коментираат дека доаѓањето на Peugeot 308 III потсеќа на времето кога Французите ги претставија 306 и 307. Реално, еуфоријата е уште поголема. Peugeot 308 од трето колено е рок-ѕвезда на автомобилската сцена, топ-ган на генерацијата. Внатре лимузина, надвор компакт, а во целина гран туризмо што вешто балансира меѓу комфор и спортска нота. Ако тоа се споредува со уште поимпресивниот дизајн на каросеријата и со свежината во кокпитот, вагата секако дека повеќе натежнува на страната на првиве, на возните својства и на чуството во возење, за возачот и за сите патници. Како што рековме, Французите уште владеат со вештината да направат добар компакт. Ова им е десеттиот компакт, патем. Специјалисти за компакт. Со нагласок на француски.

Серијата од 62 приказни на инстаграм од патувањето долж Лавовската Осумка можете да ја погледнете на нашиот профил на инстаграм:

https://www.instagram.com/stories/highlights/17926625099090697/

Кон веб-страницата на Peugeot за новиот 308

https://peugeot.com.mk/vozila/peugeot-308

Технички податоци · Peugeot 308 BluHDi EAT8 130 GT

  • Марка Peugeot
  • Модел 308 1.5 BlueHDi 130
  • Тип GT EAT8
  • Моделска серија 308 (III) (од 01/22)
  • Фабрички код F
  • Старт на моделска серија 01/22

МОТОР И ПОГОН

Вид на мотор Дизел

Код на мотор YH01

Моќност во kW 96

Моќност во КС 130 при 3.750/min

Вртежен момент 300 Nm при 1750/min

Вид на гориво Дизел

Погон Напред

Вид на менувач Автоматски

Број на степени 8

Класа на издув Euro 6d-ISC-FCM (WLTP) 36AP-AR

Мотор положба / Конструкција Напред / Во линија

Пречистување на издувни гасови SCR-кат. и NOx-акумулациски кат. со DPF

Број на цилиндри 4

Подготовка на смеша Common Rail

Натполнење Турбо

Број на вентили 4

Работна зафатина 1499 ccm

Старт/стоп Стандард

ДИМЕНЗИИ И ТЕЖИНИ

Должина 4367 mm

Ширина 1852 mm

Висина 1441 mm

Меѓуоскино растојание 2675 mm

Круг на вртење 10,5 m

Багажник 412 l

  • со соборена клупа  1323 l

Празно возило 1361 kg

Дозволена тежина 1940 kg

Носивост 579 kg

Приколка со сопирачки, до 12% 1550 kg

Тежина врз кука 70 kg

Носивост на покрив 85 kg

Димензија на гуми 225/40R18Y

ПЕРФОРМАНСИ

0-100km/h 10,6 s

Највисока брзина 207 km/h

Бучава во возење 68 dB

Потрошувачка во град (NEDC) 4,2 l/100 km

Потрошувачка на пат (NEDC) 3,5 l/100 km

Потрошувачка просек (NEDC) 3,8 l/100 km

CO2 (NEDC) 100 g/km

Потрошувачка во град (WLTP) 5,2 l/100 km

Потрошувачка на периферија на град (WLTP) 4,4 l/100 km

Потрошувачка по спореден пат (WLTP) 3,9 l/100 km

Потрошувачка по автопат (WLTP) 4,8 l/100 km

Потрошувачка просек (WLTP) 4,5 l/100 km

CO2 (WLTP) 117 g/km

Резервоар 53,0 l

Количина на AdBlue 17,0 l

>>> Peugeot 3008 Hybrid4 е лав со одмерен залак

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Пешаците не ги сакаме, најдобро е сите да одат со автомобил?

За работа да е, ѕвезда да носи: Новиот Mercedes Citan во Мак Аутостар