Десет делегатки од жирито на Автомобил на годината во избор на дамите, допатуваа во Париз, за највисокото одликување во изборот, што му припадна на Peugeot 308, да ѝ го предадат на шефицата на Peugeot, Линда Џексон.
Новиот Peugeot 308 е севкупен победник во годинешниот Автомобил на годината во избор на дамите. Францускиот компакт што го врати вниманието на сцената кон матичната каросериска форма на европскиот пазар, победи во конкуренција од 65 модели од целиот свет. Врвот од долготрајната постапка на тестирање, оценување и гласање за сите автомобили што се кандидираа за борба за титулата, се случи на приватна прослава во Париз. Извршната директорка Линда Џексон лично присуствуваше на настанот.
Претседателката на жирито Марта Гарција, коментира: „Ова е историски момент, бидејќи првпат во 13-годишната историја, главната награда ја освои марка што е предводена од дама. Но, тоа не е причината зошто жирито на Автомобилот на годината во избор на дамите е во Париз. Причината е во тоа што 308 е изгласан за најдобар автомобил во светот, од автомобилски новинарки од пет континенти. Peugeot 308 е универзален и прагматичен автомобил, возило што ги исполнува очекувањата на клиентите, почнувајќи од младите, преку фамилиите, до повозрасните возачи.“
На тоа се надоврза и најмоќната дама во браншата, Линда Џексон: „Оваа награда претставува голем извор за гордост за целиот тим на Peugeot и ја движи нашата мотивација за сите идни проекти. Гледаме како се исплатува нашиот труд. Освојувањето на оваа награда е двојна чест: Прво, чест е марката Peugeot да добие признание од светски новинарки, коишто се вистински автомобилски експертки. Но, исто така е чест признанието од жирито што е составено целосно од новинарки. Ме радува тоа што дамите добиваат сé поважна улога во нашата индустрија. Со награди како оваа, знаеме дека се движиме во вистинскиот правец.“
Десетте новинарки на настанот го претставуваа жирито од близу 60 уреднички на автомобилски медиуми од преку 40 држави, што учестуваа во гласањето. Peugeot 308 прво се издвои во почетната селекција и се покажа како модел што има големи шанси да ја освои титулата. Така и се случи на крајот, откако минаа сите тестирања и оценувања на безбедноста, квалитетот, дизајнот, цената, возните својства и влијанието врз животната средина.
Следниот линк ве води до нашата инстаграм серија приказни од легендарното возење на Peugeot 308 низ Македонија
https://www.instagram.com/stories/highlights/17926625099090697/
За модел да учествува во светскиот избор, мора да се продава на најмалку два континенти. Тоа важи и во случаи кога истиот модел има различни имиња на повеќе пазари. Сите гласови се заверуваат од адвокатската канцеларија Grant Thornton.
Трофејот за Автомобил на годината во избор на дамите е дизајниран од шпанската уметничка Скарлет Мартинез Гаридо. Тој се состои од дрвена основа, во којашто е впишана победата на Peugeot. Металната плоча озгора е осмислена да претставува дел од моторот и го носи логото на WWCOTY.
Претходните модели што ги освоија гласовите на дамите:
2021 Land Rover Defender
2020 Mazda3
2018 Volvo XC40
2017 Hyundai Ioniq
2016 Jaguar F-Pace
2015 Volvo XC90
2014 Mercedes-Benz S Class
2013 Ford Fiesta
2012 Range Rover Evoque
2011 BMW Series 5, Citroen DS 3
Како честитка за 8-ми Март: Peugeot 308 е избор на дамите за 2022
Тест-возење на Peugeot 308: Колку француски може да биде еден автомобил?