за

Подобар од Opel Frontera пред 30 години беше само Opel Monterey

Frontera беше инстантен успех на Opel, рано во ерата на СУВ-моделите. Успехот толку ги маѓепса менаџерите на германската марка, што уште во следната година по премиерата на Frontera, Opel стартуваше со втор модел, Monterey.

Комфорна лимузина или цврст теренски автомобил? До почетокот на 1990-те, во Европа имаше многу ограничен избор од модели. Покрај Jeep Cherokee, се нудеше уште Nissan Terrano. Тоа се смени во 1991 година, со претставувањето на Opel Frontera. Моделот беше најавен како „автомобил за слободното време со погон на сите тркала“ и со тоа ги соединуваше двата света. Успехот беше зашеметувачки за целата бранша. Не мина долго време додека Opel претстави уште еден, поголем модел: Monterey следеше во 1992 година.

Пред точно 30 години, Opel Monterey имаше мисија да ја претставува германската марка во сегментот на теренските возила од виша класа. Дизајнот беше повеќе класичен, без премногу отстапувања од шаблонот, како што налагаа тогашните правила кај престижните модели. Подвозјето со погонот на сите тркала беше подготвено за сите теренски предизвици, но и комфорот не остануваше кусо. Целиот тој пакет се заокружуваше со изобилство од простор во кабината.

Дел од тоа наследство, денес се пренесува во актуелниот СУВ-модел, Opel Grandland, којшто можеби не е толку габаритен и класичен во појавата, но затоа е сосем способен за комфорно и безбедно возење, вклучувајќи и излети на терен. Исто и нишката луксуз што се препознава во Grandland, со тоа што секоја површина во кабината е облагородена и доработена, било да станува збор за украсна графика или меко обложување, потекнува од Monterey.

Со почетокот на продажбата на Monterey во 1992 година, Opel ја комплетираше својата понуда со теренски погодни, привлечни теренски модели во повисоките класи. Исто како Frontera, основата за Monterey потекнуваше од тогашната посестринска компанија на Opel, од јапонскиот Isuzu, дел од General Motors. Изгледот на големиот теренец беше приспособен според вкусот на европските возачи.

Opel Monterey покрај Frontera: Тука добро се забележува разликата во масивноста на двата модели

New item by Automedia MK / Google Photos

Тукашниот пазар бараше од моделите од класата на Monterey да поседуваат солидни теренски способности, но во исто време да имаат возен комфор како патнички автомобил, како и многу простор во внатрешноста. Monterey ги погоди сите тие очекувања. Во дизајнот не смееше да се експериментира. Големиот теренец се одликува со јасна и чиста линија. Уште еден детал што не смееше да отсуствува кај тогашните теренци: Резервно тркало поставено на задниот поклопец.

Monterey се произведуваше во две каросериски изведби и во три нивоа на опрема: Како модел Monterey RS, со три врати, кусо меѓуоскино растојание и четири седишта, како и во изведба Monterey LTD, со пет врати, долго меѓуоскино растојание, со пет или со седум седишта.

Лимузински стандарди во кокпитот на престижниот теренец

New item by Automedia MK / Google Photos

Високото седење е едно од најголемите ужувања во универзалецот на Opel. Добрата прегледност беше предност и на асфалт и на терен, а патниците на сите седишта уживаа во простор како во висока класа. Потрпирачите за рака најверодостојно го претставуваа комфорното возење. Имаше и практична страна: Со соборена клупа, назад се создаваше товарен простор со зафатнина од 2.548 литри. Покрај тоа, на куката можеше да се закачи приколка тешка до 2.600 килограми.

Подвозје за секоја пригода: Суверено на пат, моќно на терен

Monterey е проектиран за секојдневно возење по улица, но и за теренски возења. Подвозјето се снаоѓа со двете задачи. Напред работи независно водење на тркалата, со две триаголни водилки, додека задната крута оска е опремена со надолжни водилки и панардов лост, плус прогресивни навојни пружини за сигурен контакт со подлогата.

New item by Automedia MK / Google Photos

Сé е димензионирано екстра. Работниот óд на предната амортизација изнесува 205 милиметри, што заедно со 230-те милиметри óд на задната оска се грижи за приспособливост на подвозјето за тежок терен, вклучувајќи и минување преку раседи. Теренската редукција е стандард и со неа се гарантира совладување нагорнина до 76 проценти (34,2 степени). За теренски предизвици одговара и длабочината на понирање во вода длабока до 600 милиметри. Импресионира и теренската геометрија: Аголот на пристап изнесува 40 степени напред, 31 степен назад, плус агол на рампа од 45 степени.

Секако дека моторот е главен. На избор стоеја 4-цилиндарски турбодизел од 3,1 литри и V6-бензинец од 3,2 литри. За лимузински превоз посебно беше погоден 6-цилиндарецот со 177 КС. Спринтот до темпо сто со овој мотор трае 11,5 секунди, највисоката брзина изнесува 170 km/h.

Усовршување со времето: Систем „No Stop Allrad“ и нови мотори

Меѓу главните моделски освежувања во 1996 година се вбројуваат електропневматскиот погон на сите тркала „No Stop Allrad System“. Погонот на сите тркала можеше да се вклучи директно од возачкото место, до брзина од 100 km/h. Претходно беше потребно да се излезе и рачно да се префрлат главчините на тркалата. Новиот погон се вградуваше сериски, и освен за комфор, се грижеше и за безбедно возење. Во случај на силен дожд или снег, возачот можеше да реагира веднаш и да го активира погонот на сите тркала.

Новите моделски годишта се разликуваат најдобро по логото, коешто е без темна основа

New item by Automedia MK / Google Photos

Во 1998 година, на салонот во Женева, беше претставена новата генерација на тогашниот теренски знаменосец на Opel. Покрај новиот изглед, беше постигнат и голем напредок во моќноста, безбедноста и во економичноста. Главната новина беа моторите. Бензинскиот V6 располага со 3,5 литри зафатнина, а 4-цилиндарскиот дизел порасна на 3,0 литри. Со дизелот, Monterey во 1998 година беше прв теренски автомобил, што поседуваше четиривентилска техника и директно впрскување со Common-Rail. Во споредба со претходникот, моќноста беше зголемена за повеќе од 40 проценти, заедно со вртежен момент повисок за 28 проценти. Сето тоа беше заокружено со намалена потрошувачка. Со 3,3 тони дозволена тежина на приколка, Monterey дополнително се издвојуваше.

Моделската серија заврши во 1999 година, по седум години производство. Најпродавана изведба низ сите години беше Monterey LTD со највисокото ниво на опрема. Тоа покажа дека клиентите уште тогаш ставаа посебно значење на комбинацијата од спортска елеганција, со висока приспособливост и иновативни технологии. Истите начела се почитувани и за актуелниот СУВ-знаменосец, Opel Grandland. Кај него исто така се најпродавани изведбите од врвот на понудата.

New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos
New item by Automedia MK / Google Photos

Тестот на Opel Grandland можете да го прочитате тука:

Тест · Opel Grandland 1.2 DI Turbo GS Line Automatic

Сите модели на Opel што се во понуда на македонскиот пазар, со цени и детални технички податоци, како и можност за споредба, можете да ги погледнете на нашиот онлaјн-каталог Автосалон МК, на следниот линк https://avtosalon.mk/inventory/?marka=opel

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

GLC: Бестселерот на Mercedes-Benz, уште еднаш

Најдобрите автомобилистки во светот му ја разубавеа годината на Peugeot 308