за

Тест · Opel Grandland 1.2 DI Turbo GS Line Automatic

Кај СУВ-моделите, единственото прашање до скоро беше: А, колку е дизелот? Во меѓувреме се сменија нештата и по цена на дизел се добива уживање. Автоматски менувач со 8 степени и ниво GS Line го прикажуваат Opel Grandland во сосем ново светло.

Opel во моментов спроведува едно од најефективните моделски освежувања. Визор-маска и дигитален кокпит, заедно со спортска изведба GS Line. Како знаменосец во понудата од СУВ-модели на Opel, Grandland од март вози во освеженото издание. Наследникот на Frontera и Antara вози на тестот со 1,2-литарски бензинец со 130 КС и прикажува една нова слобода во поглед на изборот на погонот и опременоста.

Многу големи моделски имиња од подалечното и поблиското минато на Opel се соединуваат во овој денешен Grandland. По три успешни генерации, Германците повеќе не ја нудат Zafira во форма на ван, затоа што повисокото седење, приспособливоста на кабината и просторноста во кабината денес ги нуди Grandland. Заедно со тоа доаѓа и имиџот на автомобил што се издвојува во масата, како несекојдневен модел. Единствено недостигаат седумте седишта и системот Flex7 „измислен“ од Porsche, но има замена и за тие вонредни сценарија, во форма на Zafira Life.

Овој СУВ што наследува една важна низа во историјата на Opel, и воопшто во историјата на целото СУВ-движење, по Frontera и Antara, веќе заменува уште еден голем автомобил на Риселсхајм. Вистински голем автомобил. Како што покажуваат деталните статистики за продажбата на автомобили на европскиот пазар (ЕУ-27), Insignia во првите три месеци од 2022 година постигнала 2.879 продажби, додека Grandland со слична цена е два и пол пати понапред, со 7.301 примерок до март. Zafira и Zafira Tourer имале 1.798 примероци, Vivaro брои 820 возила. Сосем е извесно дека и новата генерација на Insignia, наследничка на легендарните Rekord и Omega ќе биде на половина пат до СУВ, односно ќе биде луксузен кросовер.

Opel Grandland по потреба е авантурист, по потреба претставителен СУВ

Тоа е најверодостојното отсликување на способноста на овие автомобили, на коишто сцената до денес не стигна да им осмисли поприродно име од СУВ, од спорт јутилити виакл, кусо џип. Grandland е токму тоа, комотен и комфорен колку Insignia, практичен колку Astra Caravan, приспособлив колку Zafira, но и претставителен колку самиот Grandland.

Тестот на Opel Grandland потврди една состојба што треба да ги израдува возачките и возачите. Правилото, дека СУВ во класата на Grandland, значи во компакт класата, во ниската средна класа, задолжително мора да држи дизел под хаубата, повеќе не важи. Тоа создава нова слобода на изборот. Износот што инаку „би требало“ да се вложи во доплата за дизел, тука може да се вложи во нешто посуштинско, а тоа е уживање во возењето.

Разликата во потрошувачката меѓу бензинските и дизел моторите денес е незначителна, за да може да се зборува за ефект на штедење

Нештата се сменија многу, откако бензинците ја добија истата технологија што направи херои од дизел моторите: Директно впрскување на гориво под висок притисок и турбонатполнење. Тоа што во 1990-те години беше ексклузива на TDI, CDI, HDI, денес е стандард кај бензинските мотори. Разликата, или поточно, предноста, лежи во тоа што бензинците можат многу порелаксирано да ги исполнат строгите норми за издувни гасови, без „осумнаесеткратна“ каталитичка редукција и посебни, неверојатно сложени стратегии на впрскување на горивото.

Разликата во цената со дизелот, што обично се зема како прв избор во поглед на погонот, заради штедење, за целата идеја да се распрсне откако на покривот ќе се монтира делфин, што чини пет литри дизел на сто километри, поради отпорот на воздух што го создава, кај Grandland изнесува 2.700 евра во основното ниво. Тоа е разликата меѓу 1.2 DI Turbo со 130 КС и 8-степен автоматски менувач, и 1.5 Diesel, исто така со 130 КС и 8-степен автоматик. Во нивото GS Line, како возилото на тестот, разликата се сведува на само 1.530 евра, главно поради „генијалната“ политика за даночење што важи уште од првиот ден на 2020 година. Но, иако разликата се преполовува, нашата препорака пак останува на бензинецот. Без автоматикот, Grandland со бензинецот со 130 КС и основно ниво на опрема, во Македонија чини 27.730 евра.

Угладеноста во возењето во голема мера произлегува од 8-степениот автоматик

Автоматикот на Opel е вистински автоматски менувач од класичен вид, значи користи претворач на вртежен момент, односно не е менувач со двојна спојка. Предноста наспроти мануелниот менувач се огледува и во секојдневието и при патување по автопат. Користа во град е во тоа што се поштедуваат нервите во градскиот сообраќај, којшто личи на сообраќај само на уште две или три скопски сообраќајници. На отворен пат, автоматикот гарантира дека во секој момент ќе има префрлено во највисокиот можен степен на пренос, што исто така е добро за потрошувачката, но и за акустичниот комфор во возењето.

Уште еден момент поврзан со автоматските менувачи, што може да влијае при пробно возење. Кога го презедовме Opel Grandland на тест, имавме впечаток дека автоматикот работи во посебно штедлив режим и се стекнуваше чувство како менувачот секогаш да има префрлено во степен повисоко, отколку што одговара за одредената ситуација. По веројатно десетина километри во град, тој впечаток исчезна целосно. Не се привикнува возачот на работата на менувачот, туку токму спротивното, менувачот се приспособува според условите на возење, и секако, според возачот. При претходниот тест на Opel Mokka, вклучувајќи го нашето историско возење за споредба на разликата во потрошуивачката при брзо и бавно возење, со истата погонска спрега, не ја забележавме во толкава мера способноста на менувачот да учи. Тоа е уште една добра оцена за менувачов.

Точно преполовена потрошувачка: Antara со 2,4-литарски бензинец, според фабрика троши 13 литри во град

Трите цилиндри немаат проблем да ги забрзаат 1.400-те килограми на Opel Grandland за 10,3 секунди до темпо сто, а потоа и до 188 km/h. За споредба, тешката, а внатре тесна Antara, со 2,4-литарски бензинец со 140 КС и 220 њутнметри, забрзува за 11,6 секунди до темпо сто и постигнува 180 km/h. За потрошувачката, таму владее апсолутна паника: 13,0 литри во град според фабричките податоци. Наспроти тоа, Grandland 1.2 DI успокојува со 7,9 литри во град, со 5,4 литри на отворен пат и со просечни 6,4 литри на сто километри, според многу пореалната норма WLTP. Нашиот просек на тестот одвај се разликува од фабричкиот просек, со 6,5 литри, вклучувајќи и возење по планински предели.

Во поглед на моќноста, може да се биде сосем спокоен, иако „на око“ може да се чини дека трите цилиндри и 130-те КС се малку за овој „Grand“ од близу 4,5 метри. Светот одамна не ги прави моторите да импресионираат со моќното повлекување уште од првото седнување зад воланот, туку се работи на мотори што се разумно штедливи и се пријателски за животната средина. Затоа, кога на десетка-со-кромид-трибина ќе се слушне коментар од типот, „сум го возел, не влече“, тоа секако дека не треба да се земе како веродостојна оцена за способноста на одреден мотор.

Платформата е заедничка со Peugeot 3008, а се препознаваат и бројни команди што потекнуваат од францускиот СУВ; Чувството во возење сепак е посебно кај двата модели

Генерално за погонот, 1.2 DI со 8-степениот автоматик работи тивко и смирено, доволно моќно за домаќинско возење, без докажување на моќта по улица, во исто време и изненадувачки штедливо. Со копчето покрај менувачот, познато од моделите на Peugeot, може да се изберат и спортска или економична програма, што главно влијаат врз стратегијата на промена на пренос на 8-степениот автоматик и будната реакција на моторот при притискање врз гасот.

Погонот, всушност, не претрпе промена со моделското освежување, барем што се однесува до 1.2 DI Turbo со 130 КС. Промените во гамата се однесуваат главно на 1.6 DI Turbo со 180 КС, што повеќе не се нуди и неговото место го заменува изведбата со приклучен хибриден погон и 224 КС. Исто и дволитарскиот дизел со 177 КС веќе не е во понуда.

„Визирот“ на Opel е едно од најоригиналните дизајнерски обележја на автомобилска марка

Главната новина кај Grandland, отсега без додавка X во името, не може да се превиди. По пример на речиси револуционерната Mokka, на местото на класичната маска на претходникот, сега се наоѓа црна сјајна облога по целата ширина на носот. Тоа е Opel Vizor, дизајнерско обележје на актуелните модели на германската марка, наречено така затоа што личи на визир на мото-кацига. Светлата директно се надоврзуваат на „визирот“ и создаваат елегантна слика. Одговорот од пазарот потврдува дека овој дизајн на Opel е прифатен одлично. Претставително изгледа и хромираната рамка што со променлива дебелина кружи околу визирот. Бројни детали и зафати прават овој изглед да легне на срце. Љубителите на Opel се одушевени посебно за тоа што повторно ја гледаат марката во полн сјај.

Новиот Grandland се препознава лесно и назад. Името е напишано со одвоени букви по целата ширина на поклопецот, со молњата на Opel поставена средишно над натписот на моделот. Сменетиот нос направи и погледот да се заинтересира повеќе за елеганцијата што ја прикажува опашот. Колку и визорот да го привлекува погледот прв, вистинската потврда дека овој СУВ изгледа привлечно следи откако ќе се погледне опашот.

Многу нешта се менуваат со GS Line, тука повеќе станува збор за посебна изведба, отколку за ниво на опрема

За згодната појава придонесува и пакетот GS Line, или поточно би било да се води како изведба GS Line, затоа што разликите не се сведуваат „само“ на опрема. Многу нешта се менуваат со GS Line: Целиот покрив, кровните шини и ретровизорите се во црна боја со висок сјај, исто како и визирот, логото напред и назад, натписот, рамките околу отворите за воздух. Ваквиот стилски настап го заокружуваат тркалата „Манта“ од 18 инчи со црна боја во висок сјај, заедно со панелите што стилски имитираат заштита на долниот дел од каросеријата. Многу ефектно. Со црниот покрив се забележуваат повеќе и острите завршетоци во задните столбови.

Дигиталниот кокпит Pure Panel веќе е како добро утро во Opel. Во изведбата GS Line се стандард дигитални инструменти од 12 инчи и средишен дисплеј од 10 инчи, уште малку па кино. Дисплеите што се вградуваат нормално дека се со повисок квалитет и перформанси отколку таблет од супермаркет. Тоа што остава посебен впечаток е „германската обработка“. Очигледно е дека проект директорот дал „ауфтраг“, сите површини да бидат доработени. Апсолутно не постои површина во кокпитот, што изгледа или се чувствува на допир како обична пластика. Завршната изработка порачува „Made in Germany“. Дебело лакираната средишна конзола во пијано-финиш ќе прилега и во Mercedes.

Седиштата се голема приказна кај Opel, тест-возилото има и екстра седишта со сертификат од германските ортопеди

Тоа што Opel го донесе како наследство во концернот PSA, а потоа и во Stellantis, секако се седиштата. Риселсхајм прв ја почна приказната за седишта со потврда за ергономски стандарди од ортопеди (AGR, Aktion Gesunder Rücken, акција за здрав грб). Увозникот Еуроимпекс во тест-возилово додал уште едно ниво: Спортски предни седишта обложени со алкантара и со електрично висинско местење, секако со печатот AGR, со слабинско местење, продолжување на седечката површина, вентилација, грејачи во седиштата и во воланот, греење на ветробран, потпирач за рака назад. Тоа е опција вредна 1.160 евра. Уште една опција во тест-возилото е иста функционалност на совозачкото седиште, како за возачкото седиште, вредна 360 евра. Пристап и старт без клуч, заедно со самостојно отворање на задниот поклопец, тоа е третата и последна опција, вредна 680 евра. Бојата на темен рубин е бесплатна, тоа е заштитната боја на гамата на моделот, исто како што зелената е кај Mokka и портокаловата кај Corsa.

Редовната цена на Opel Grandland со мотор 1.2 DI Turbo со 130 КС, автоматски менувач и изведба GS Line, во ценовникот на Еуроимпекс фигурира со 34.610 евра. Кога на тоа ќе се додаде дополнителната опрема вредна 2.200 евра, се доаѓа до 36.810 евра. Кога од тоа ќе се одземе акцискиот попуст, во висина од 3.820 евра за конкретниот модел, крајната цена за Grandland во оваа варијанта изнесува 32.990 евра. Без автоматик и со основно ниво на опрема – што е сé освен основно – Grandland стартува од 27.730 евра.

Opel Grandland е точно погоден автомобил

Со Opel Grandland ја извозевме и новата репортажа што ќе ја објавиме наскоро, којашто ги вклучуваше сите можни сценарија на возење. Тоа што може да се заклучи: Opel Grandland е пред сé комфорен крстосувач, што дозволува и по долго патување да се пристигне на одредиштето спокојно и без замор. Подвозјето е комфорно, исто колку што е стегнато, нема непријатни удари или звуци од подвозјето, ова е превоз од многу повисока класа, отколку што важеше кај СУВ-моделите од пред две или три генерации. Повеќепати имаме спомнато: Сé што денес е повеќе од модел од компакт сегментот, било да е тоа класична комбилимузина, кросовер или СУВ, претставува луксуз. Овој Grandland е точно погоден.

Линкови до официјалните страници на Opel во Македонија

Еуроимпекс, увозник на Opel

Аутомакедонија, дилер на Opel, Скопје

АУТО ЦЕМ, дилер на Opel, Тетово

> Ценовник и технички податоци за Opel Grandland (PDF-документ)

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Москвич во замена за Рено: По заминувањето на Французите од Русија

Електричниот Mercedes G-Class доаѓа со револуционерна батерија