за

Со Opel Grandland до Луке: Патување најдалеку на север

Името на големиот СУВ-модел на Opel наведува на патешествие, на возбуда и на истражување. Со Opel Grandland возевме до местото што е најдалеку на север. Без дополнителни значења, патриотски и од срце.

Светот ги обожува автомобилите, затоа што даваат највисок степен на слобода на движење. СУВ-моделите, на тоа додаваат дополнителна слобода, без мисла каква е подлогата по којашто се вози. Тие се вистинските миленици на светот денес. Opel Grandland на ова патешествие немавме потреба да го возиме надвор од асфалт, но затоа можевме спокојно да му ја доделиме задачата да нé одвезе до Луке, до најсеверната точка на нашата Најубава Македонија.

Opel вешто ги именува своите модели. Manta, Ascona, Rekord, Diplomat, Commodore, Frontera, Kadett. Тоа се модели од поблиската историја на германската марка, и многумина ќе се изненадат што тие имиња уште се звучни на сцената. Можеби изгледа чудно што и најмладите генерации ентузијасти и возачи умеат да ги поврзат Kadett со Astra, или Rekord со Omega и Insignia. Тоа е останатото влијание од некогашното производство на Opel во соседна Србија, во IDA-Opel. Поширокиов регион е свесен за германската марка и за нејзините близу 40.000 произведени примероци во Кикинда, до почетокот на 1990-те години.

Значи, природно е да се вози Opel во Македонија. Grandland е меѓу најновите имиња во понудата од модели на марката. Единствено квадрициклот Rocks-e е поново име од Grandland и од неговиот помал брат Crossland. Но, токму тоа „land“, звучи многу ветувачки и во исто време поттикнувачки. Тоа наведува на истражување, на патешествие, а бидејќи целосното име е Grandland, тогаш истражувањето и патувањето треба да бидат колку е можно подалекусежни. Затоа, овојпат ќе патуваме колку може подалеку. Точно најдалеку.

Македонија е историски голема земја. Меѓутоа, според територијата, ние сме 149-та најголема земја во светот, од вкупно 234 земји. Помали сме од Руанда, но поголеми од Џибути. За да биде поверодостојно и во европски стандарди, Белгија е поголема, Словенија е помала.

Меѓу подолгите растојанија за возење е релацијата од Гостивар до Струмица. Таа е долга 210 километри, и според мапите на гугл, патувањето трае 2 часа и 25 минути. Повеќе е екстрем да се вози од Дебар до Берово, на патување во должина од 314 километри. Гугл вели дека за тоа патување треба да се смета на 5 часа и 14 минути. Покусо и побрзо е ако се патува преку Прилеп. Тогаш патот се скусува на 292 километри, а времето на 4 часа и 10 минути.

Но, тоа се само долги рути, ништо повеќе. Нашите досегашни патувања секогаш биле нешто посебно, затоа и наидуваат на толкава прифатеност меѓу публиката. Мора да се најде нешто посуштинско, повеќе мисионерско, што ќе има одредена содржина и чувство на остварување.

Така и сторивме. Со овој дотеран Opel Grandland со боја на охридска цреша, ќе се впуштиме во патешествие, што ниту е предолго, ниту е предалеку, а пак има вредност на достигнување. Возиме до точката на Македонија, којашто досегнува најдалеку на север. Без дополнителни географски или какви било други асоцијации, нашата Македонија е Најубава Македонија.

Картографијата упатува дека најдалеку на север е врвот Аниште. Со 1.780 метри, тоа е највисокиот врв на планината Дукат на територијата на Македонија, незначително понизок од српскиот Црноок, со 1.881 метри. Opel Grandland нема да го искачуваме дотаму. Одредиште ни е селото Луке, сместено во тромеѓето на Македонија, Србија и Бугарија, оддалечено меѓу два до три километри од граничната линија. Кусото онлајн-истражување нé уверува дека дотаму води асфалтиран пат, така што можеме да очекуваме дека со уживање ќе пристигнеме до местото, коешто е крајна населена точка на север, во нашата Најубава Македонија.

До Луке се пристига по патот што скршнува од делницата кон граничниот Деве Баир, по неколку километри од Крива Паланка. Тоа се петнаесетина километри задоволнително асфалтиран пат. Толку возење е потребно да се дојде до нашето ново одредиште. Но, временски, очекувајте патувањето да трае неколку часови. Точно стоте километри до Крива Паланка, и времето од час и пол во патување, без мисла дали сме пребрзи за полицијата, овојпат минуваат многу погосподски од последниот пат. Градежниците веќе привршуваат со обновата на асфалтот.

Тогаш исто така возевме Opel, но тоа беше модел со сосем различна провиниенција од Grandland. Стилскиот „болид“ Mokka, двапати го возевме по истиот пат, од Куманово до Страцин, кога споредувавме колку бензин се заштедува или колку време се добива, прво возејќи бавно и будно во однос на потрошувачката, а потоа возејќи брзо и без грижа дали можеби ќе потрошиме повеќе гориво. Статистиката ни кажува дека таа објава ближи до 6.000 посети.

Впечатоците од тестот на Opel Grandland ги објавивме на https://automedia.mk/objavi/test-opel-grandland-12-gsline/ . На ова патешествие се покажаа уште неколку квалитети на компактниот СУВ-модел на Opel. Секако, на релацијата од Скопје до Куманово, вообичаено возиме преку Арачиново, што можеби одзема малку време, но е порелаксирано, се вози во убави предели, па и без патарина. Убавото е во тоа што Grandland не наведува да се вози брзо, за возењето да биде „квалитетно“. Се чувствува германскиот печат. Амортизацијата е примерно стегната, нема неартикулирано тропање оздола, звучната заднина во целина е пријатна.

Трите цилиндри на 1,2-литарскиот турбо DI никогаш не предизвикувале забуна или побуна во светот на техниката и на познавачите на техниката им се сосем јасно каква е целта – по дваесет години, откако трицилиндарските мотори станаа стандард во браншата, во соодветната категорија на моќност. Моторот е моќен, работи смирено, и секако дека и тој учествува во во голема мера во пријатното чувство во возењето. Главната заслуга за возењето да биде екстра, сепак лежи во 8-степениот автоматик. Со напомена дека тоа е интелигентен автоматски менувач, што учи од стилот на возење на возачот, но и препознава во каква средина се вози. На целото патешествие, погонот ниту на момент не покажа слабост или недостаток. Сите впечатоци ги објавивме во тестот.

По веројатно десетината гостилници, етно-ресторани и именити туристичко-угостителски комплекси по целиот потег, се доаѓа до Конопница, од каде што почнуваат да се редат автоплацеви за користени автомобили, никнати на места што порано беа ниви и дворови. Кога сообраќајот осетно ќе згусти, тоа е знак дека сте пристигнале во Крива Паланка. Каде и да се погледне, автомобили, по тротоари, по тесните улички по ридовите, пред врата и зад врата. Во што се претворија овие малечки и убави градови, на коишто некогаш им се чувствуваше посебната душа уште веднаш на влез во градот. Истата слика се повторува насекаде, во Кочани, Велес, Штип.

Магистралниот пат верно го следи течението на Крива Река. Од крстосницата на излез од градот, чијшто еден крак води кон манастирскиот комплекс Свети Јоаким Осоговски, до местото на коешто треба да се скршне влево за Луке, остануваат уште три километри возење. Кога по пат ќе ви замириса на вкусна скара, тоа значи дека минувате покрај гостилница Пашина Воденица. Но, на нашата мисија допрва имаме да сработиме. За патот кон Луке, не може да се погреши.

Скршувањето лево е во населбата Самоков. Погледот ќе ви го привлечат постерите за локалните туристички атракции и знаменитости, што неугледно се излепени на куќарката од автобуската постојка. Тоа што има да го понуди крајов, заслужува подостоинствена табла, којашто ќе го привлекува вниманието и ќе им даде туристички кредибилитет на значајните локации. Деве Баир е на десетина километри оттука. Зошто да не се искористи помасовното присуство на туристи од другата страна на границата и тие да не се привлечат кај нас?

Под мовчето што се минува прво, тече токму Крива Река. Таа извира на десетина километри јужно, под Царев Врв, на повеќе од 1.900 метри надморска висина и со своите 75 километри е најдолга притока на Пчиња. Уште пред мовчето, местово ќе ве наведе да запрете на ширинката. Можеби тоа навистина шири некаква посебна енергија, можеби е само возбуда од откривање на непознатото, но е сигурно дека со големо нетрпение чекаме да видиме што е тоа што ќе ни го прикаже овој дел од областа Славиште.

Малку подолу наоѓаме табла којашто упатува на поаѓалиштето на планинарската патека Трновска Момица, долга 6,5 километри и добра за почетници. Таа води во правец на селото Трново, но нам тоа овојпат ни е отпат. Додека фотографираме минуваат дузина автомобили. Нé радува што е раздвижено.

Патот искачува постепено, и ќе остане таков до Луке, без ниту една поголема стрмнина или потешкотија за совладување. Единствено е малку несекојдневна глетката, затоа што се забележува висинската разлика меѓу патот и меѓу речната долина што се гледа долу. Вегетацијата на оваа висина уште нема толку згуснато, за да сокрие што има под патот. Тоа е впечаток само во првите километар или два.

Патот води по речна долина и по неколку минути возење следи уште еден мост и можност да се види која е таа река. Тоа е Киселичка Река. Неколку десетина метри од мостот двои патот за Трново. Кусата пауза открива дека сообраќајот што се одвива по патов, всушност е намерен кон селото. Во тој правец, поточно, се наоѓаат комплексот Трновски Ветер и манастирот Свети Никола.

Природната сцена како да е изрежирана за на филм. Уредно наредени дрва се сушат на сонцето и се слуша како пукаат, а неколку чекори подолу тече Киселичка, напојувајќи го сето ова македонско изобилство. Кога за некој ќе кажеме дека се нашол во својата природна средина, тогаш ова е пример за таа средина. Природната средина на човекот е тука. Целиот крај е питом, човек тука се чувствува добредојдено и згрижено.

Малку подолу од ова место е Селиште, археолошко наоѓалиште, од населба од доцна антика. Селата во овој крај се обично од разбиен тип. Брзо доаѓаме до Киселица, на совршена висина од околу 850 метри. Покрај патот се гледаат три големи куќи од стара градба, со препознатлива архитектура. Некои од куќите во селото се напуштени и со распаднат покрив. Тоа што нé радува посебно е земјоделската механизација што е распослана околу. Тука се работи.

Патот е тесен и прегледен. Секако, во вакви услови секогаш треба да се биде подготвен дека отспротива ќе наиде залетан автомобил или камионет. Наоколу се шуми, густо и здраво израснати.

Следното село е Добровница, и тоа од разбиен тип. Соодветно на тоа и реката го „сменила“ името, па тука е Добровничка Река. Некои ја познаваат и како Дубровничка. Во 1950-те години, селото броело над 600 жители. Сега веројатно има околу стотина жители. Куќите се мошне одржани. Од тоа што го дознаваме од литературата, целиот крај изобилува со археолошки наоѓалишта и старини. Мештаните честопати наоѓале големи ќупови работејќи го земјиштето.

Спектакуларна глетка се доживува по уште еден километар напредување. Широки и какоп тепсија рамни ливади се распослани меѓу планинските гребени од обете страни. Кога овие глетки ќе се пренесат на платно, тоа станува уметност. Веќе е сигурно, целиот крај вреди да се посети и доживее поради посебноста на природата, на специфичната игра на природата. Посетете го крајов, продолжете колку што можете да впиете, па вратете се, без оглед што не сте го минале целиот пат до Луке. Ние продолжуваме.

Реката тука веќе го носи името Лучка. Минуваме покрај овоштарници, а патот како да е поставен врз дебел тепих од трева, во најздравата зелена боја што Бог умее да ја даде. Има уште една крстосница во месноста наречена Речање, каде што патот двои лево за Луке, а десно за Црцорија и Голеш. За потеклото на името Црцорија може да се насети уште тука. Се слуша црцорот на птиците, вистински црцор, неизвештачен од интонација од мотори и сирени.

Како што наближуваме кон одредиштето, за патот има сé помалку место, но затоа пределот изгледа уште поспектакуларно. Пред Луке е селото Подржи Коњ, од разбиен тип, со само неколку куќи што се гледаат од патот. Едно од преданијата за името: Турчин дошол во селото и му дал на мештанинот да му го почува коњот. Место тоа, селанецот побегнал со коњот.

Петнаесет километри досега не ни биле толку долги. Патот до Луке ни одзеде неколку часови, заради честите запирања за фотографирање и одушевување од единствената убавина на овој дел од Славиште. Кобилата со ждребе покрај неа на влезот во селото беше убаво навестување. Неколку мештани работеа на оградата на една од двете селски цркви. Пристигнаа и неколку автомобили, во далечина се слушаше трактор. Додека во град, спомнувањето автомобил веднаш се поврзува со метеж и бучава, тука минувањето на еден или два автомобили на час уште е далеку од тоа да ја разбие природната рамнотежа.

Господин Драги Цветковски нé пречека во близина на главната селска црква Свети Илија и веќе беше добро запознаен со тоа дека фотографираме. Тој е поранешен кмет на месна заедница на село Луке и рудар со четириесетгодишно работно искуство. Во разговорот што ќе го објавиме во вообичаената репортажна серија приказни на нашиот профил на инстаграм, Цветковски посочува на незаинтересираноста на државата да им обезбеди работа на искусните и вредни жители на селото.

Како што ни посочи нашиот вреден соговорник, собирањето печурки е голем предизвик за искусните познавачи, кои неретко успеваат за еден ден да соберат и по педесетина килграми печурки. Тоа кажува за издашноста на природата во селото под Чупино Брдо. Селото е старо двесте години и основано е од тројца браќа што се доселиле тука од селото Луково, во близина на Врање. Оттаму и името. Според преданијата, Луке е првото село во тој дел од кривопалаченкиот крај. Споменик во близина на селото е посветен на паднатите борци во народноослободителната битка против бугарската војска во 1943 година. Моментно во селото има повеќе од двесте жители. Во минатото, главното вработување на населението било во блиските рудници.

Тоа е уште еден феномен, што како изненадување го чува овој прекрасен крај. На враќање, на многу места ќе ви се чини како да минувате низ нови предели. Додека враќањето во бројни случаи станува здодевно и човек веќе губи капацитет за да ги забележи сите атракции околу, тука враќањето е како ново патешествие. Патувањето до Луке е вредно од бројни аспекти, но дополнително и од тој аспект, што нашата Најубава Македонија ќе ја видите во уште едно светло. Да не заборавиме дека и превозот ни беше одличен, ќе завршиме со едно промо-извештачено мото: По можност, патувајте со Opel.

За сите информации околу Opel Grandland контактирајте го увозникот Еуроимпекс или овластените дистрибутери Аутомакедонија и ЦЕМ Ауто

https://www.opel.mk/

https://opel.automakedonija.com.mk/

https://opel.autocem.com.mk/

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Alfa Romeo театрално започна со испорака на новиот Tonale

Повеќе од 15.000 запознавања со новата Alfa Romeo Tonale