Штутгарт има поставено нова цел, Mercedes-Benz да стане најценета марка електрични возила. Во постигнувањето на таа цел, клучна улога ќе има новата генерација батерии со силициумска анода и енергетска густина од 800 ватчасови на литар.
Пронаоѓачот на автомобилот, Mercedes-Benz, објави дека ќе соработува со Sila, компанија што произведува материјали за батерии. Новата генерација батерии на Sila, во коишто се користат силициумски аноди, првпат ќе може да се нарачаат како опција во идната електрична изведба на Mercedes-Benz G-Class. Покрај батериите со цврст електролит, тоа ќе биде уште една батериска технологија што ќе им биде достапна на инженерите во Штутгарт.
Новиот вид анода содржи висок удел на силициум и постигнува значително зголемување на енергетската густина на батериите. Во споредба со денешните батериски ќелии со споредлива форма и големина, технологијата на Sila овозможува за 20 до 40 проценти повисока енергетска густина. Конкретно се зборува за 800 Wh/l на ниво на ќелија. Тоа значи дека батерија со одредена големина, со новата технологија ќе акумулира многу повеќе енергија, а со тоа ќе се овозможи и автомобилите да постинуваат подолг досег.
Sila’s High-Efficiency Battery Anode To Power Electric Mercedes-Benz SUV https://t.co/7XgKC0wrVj pic.twitter.com/v4e27qvQ13
— Forbes (@Forbes) May 17, 2022
Sila ќе ги произведува високонапредните аноди од силициум во својата нова фабрика во американската сојузна држава Вашингтон, користејќи 100% обновлива енергија. Mercedes-Benz е прв клиент што ќе ја користи новата технологија. Целта е најдоцна до 2025 година да се понуди дополнителна електрична верзија на G-Class, којашто со силициумските аноди ќе постигнува подолг досег во споредба со стандардната електрична варијанта на култниот теренец.
Mercedes-Benz уште во 2019 година инвестираше масивно во Sila, како дел од стратегијата за развој на напредни батерии за идните електрични возила.