Suzuki гради нови фабрики за автомобили и мотоцикли во Индија

Suzuki долго време е присутен на индискиот пазар и конкрентите сигурно нема да успеат преку ноќ да го престигнат домашниот Maruti Suzuki, со своите 44,2 проценти удел на пазарот. Тој удел може понатаму само да расте, затоа што компанијата деновиве купи земјиште на коешто ќе гради нови фабрики.

Автомобилскиот огранок на корпорацијата Suzuki Motor во Индија, познатата Maruti Suzuki India Limited (MSIL), заедно со огранокот што произведува мотоцикли, Suzuki Motorcycle India Private Limited (SMIPL), купија државно земјиште во Каркода, во индиската сојузна држава Харјана.

На делот од земјиштето со површина од 3,2 километри квадратни (околу 320 хектари) ќе се гради фабрика за автомобили. Почетокот на производството се очекува во 2025 година, годишниот капацитет ќе изнесува 250.000 возила, во првата година. Инвестицијата во автомобилската фабрика е во вредност од 110 милијарди рупии, односно околу 1,35 милијарда евра. За фабриката за мотоцикли е објавено единствено дека таа ќе покрива површина од 40 хектари.

Изградбата на новите фабрики е дел од стратегијата на компанијата, во Индија да се понудат најразлични видови на мобилност и воедно да се одговори на растот што го доживува индискиот автомобилски пазар.

Suzuki во моментов произведува автомобили во фабриките на Maruti Suzuki во Гургаон и во Манесар, двете во Харјана, како и во фабриката на Suzuki Motor во Гуџарат. Мотоцикли се произведуваат во фабриката во Харјана. Вкупната продукција во минатата година изнесуваше 1,66 милион автомобили и 750.000 мотоцикли.

Компанијата што во 2020 одбележа стогодишнина е партнер на Toyota. Suzuki и светскиот број 1 веќе имаат повеќе заеднички модели, коишто имаат за цел да ја зголемат конкурентноста на алијансата на пазарите што бележат голем раст, а меѓу нив секако е главен индискиот пазар.

Suzuki S-Cross со продажбата веќе ја втасува Vitara

Претходна објаваЕлектричниот Mercedes G-Class доаѓа со револуционерна батерија
Следна објаваВо автомобилите на Volvo ќе се дише најчист воздух

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here