за

Suzuki S-Cross со продажбата веќе ја втасува Vitara

Во првото тромесечје, новата генерација на Suzuki S-Cross на европскиот пазар постигна за 40% подобра продажба од претходникот. Со 8.300 продадени возила, новакот е блиску до шампионската Vitara.

Статистиката за продажбата на нови автомобили на 27 пазари во ЕУ за првото тромесечје, пријавува 35.830 возила од марката Suzuki. Новиот S-Cross учествува со близу една четвртина во вкупната продажба на јапонската марка. Тоа е одличен старт за компактниот СУВ, а во меѓувреме Suzuki има продажни бројки и за двете комплетно нови моделски имиња во понудата.

Меѓу вкупно 25 модели на кросовери и СУВ-возила во компакт-сегментот, новиот Suzuki S-Cross е еден од моделите што постигнаа најголем раст во продажбата во првото тромесечје. Реално, половината од моделите бележат пад, во СУВ сегментот што по традиција се развива подобро од останатите сегменти. Со 40 проценти, компактниот СУВ на Suzuki, позициониран над Vitara, постигнува раст што е споредлив со растот на новиот Sportage (+38%).

Солидна вредност има и самиот број на продадени возила. Во првите три месеци од 2022 година, Suzuki S-Cross постигнал продажба од 8.293 возила, од кои 3.075 се продадени само во март. Во споредба со останатите модели на Suzuki, новата генерација на S-Cross е мошне блиску до 9.041 примерок од бестселерот Vitara и 8.773 примероци од Swift. Четврти најпродаван модел е Ignis, со 8165 возила.

Уште се мошне свежи знаменосецот Across и комбито Swace. Во првиот случај станува збор за изведба на Toyota RAV4, под знакот на Suzuki, како дел од стратешкото партнерство меѓу двете компании, додека вториот модел е изведба на Corolla Touring Sports. Со тоа не завршува приказната за двата модели. Suzuki Across користи приклучен хибриден погон, што значи дека батеријата може да се приклучи за полнење и потоа да се вози до 75 километри чисто на струја. Потоа се активира хибриден погон, односно заеднички работат 2,5-литарскиот бензинец со 185 КС, предниот електромотор со 134 kW и задниот електромотор со 40 kW. Сé заедно дава системски 306 КС и спринт до темпо сто за шест секунди.

Suzuki Across, новиот знаменосец на марката, со приклучен хибриден погон и 75 километри досег на струја

Suzuki Across

Од јануари до крајот на март, Suzuki на 27-те најголеми пазари во ЕУ има продадено 448 примероци од престижниот СУВ од средна класа, односно 242 примероци во март. Македонскиот застапник на Suzuki веќе има регистрирано тест возило, за купувачите да се уверат дека овој впечатлив автомобил вреди за секое евро од цената од 54.990 евра – вклучувајќи 50% ослободување од данокот за возила, што во Македонија важи за возила со овој вид погон.

Продажба на Suzuki (ЕУ27) во првиот квартал од 2022 година

Модел

Март ’22

тренд

2022

тренд

ACROSS 242 Нов модел 448 Нов модел
IGNIS 2767 -37% 8165 -29%
JIMNY 23 -30% 65 -10%
S-CROSS 3075 13% 8293 40%
SWACE 532 184% 1045 124%
SWIFT 3987 -40% 8773 -46%
VITARA 4255 -34% 9041 -32%

Комбито Swace веќе има поминато една година на пазарот и може да се направи споредба со ланските бројки. За март се регистрирани 532 возила или за 184% повеќе од истиот месец лани, додека од јануари до март има вкупно 1.045 возила и раст од 124% во споредба со тој период во 2021 година.

S-Cross е веќе трета генерација на моделската низа што започна со Suzuki SX4 пред деценија и пол

Suzuki S-Cross има одлична традиција на македонскиот пазар, имајќи предвид дека првиот модел во серијата, SX4 од средината на 2000-те, постигнуваше одлични продажби. Тоа беше еден од милениците на пазарот, пред масивниот увоз на користени автомобили од луксузни марки, главно од бугарските автоплацеви, на самото преоѓање во минатата деценија. Како еден од најраните кросовери во сегментот, тој генерално уживаше висока популарност на европскиот пазар, па продолжи да се произведува уште една година, паралелно со наследникот SX4 S-Cross.

Погонската техника е позната од Vitara, што значи дека во новиот S-Cross работи 1,4-литарски бензинец со турбонатполнење и 129 КС, којшто при забрзување и поаѓање добива асистенција од 48-волтен стартер-алтернатор, заради намалување на потрошувачката на гориво и на емисијата. Каросеријата на S-Cross е подолга 12,5 сантиметри, од кои 10 сантиметри отпаѓаат на зголеменото меѓуоскино растојание. Исто има разлика и во багажникот, со 430 литри наспроти 375 литри, во корист на поголемиот модел. Просекот изнесува 5,3 литри бензин на сто километри, според WLTP.

Гамата на Suzuki S-Cross во Македонија стартува со изведбата 1.4 Hybrid GL со цена од 23.900 евра. Познатата Vitara со истата погонска конфугурација и споредлива опрема почнува од 21.490 евра.

Suzuki Vitara со 48-волтен хибрид и автоматски менувач

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првиот AMG-модел од Mercedes C-Class вози со моторот од SL

Mercedes-Benz ќе им исплати 5 милијарди € дивиденда на акционерите