за

GLC: Бестселерот на Mercedes-Benz, уште еднаш

Во Mercedes-Benz и луксузот се разликува. Според стандардите на Штутгарт, новиот GLC е луксузен на модерен и спортски начин.

Марката со сребрената ѕвезда го најавува новиот Mercedes-Benz GLC како најдинамичен модел во целата своја понуда од СУВ-модели. Препознатливата силуета на моделот останува, додека внатрешноста се одликува со јасни форми и со убедлив впечаток за квалитет.

Основното правило кај новиот Mercedes-Benz GLC гласи: Сé e хибрид. Било да станува збор за приклулните хибриди или за моделите со 48-волтен благ хибриден погон, во секој GLC се ангажира електромотор во погонската спрега. Приклучните хибриди докажуваат дека уште се способни за битка со 100% електричните модели. Сите изведби на GLC со овој погон постигнуваат досег од преку 100 километри на струја, пред да се вклучи во игра и моторот.

Се внимавало и моделот да прикаже гени од G-Class, па може да се очекуваат и пристојни теренски својства. Од друга страна, на асфалтот е корисно новото управување на сите четири тркала. Тоа прави, СУВ-моделот во класата на C-Class да биде лесен за паркирање, а од друга страна да биде темпераментен при јурење по свијоци. Погонот на сите тркала 4Matic е стандард во целата гама.

Најважните својства на новиот Mercedes-Benz GLC

Погонот: Новиот GLC користи хибриден погон во сите моделски изведби. Понудата се состои од четирицилиндарски бензинци и дизели. Четири мотори се достапни како благи хибриди со интегриран стартер-генератор од втора генерација. На тоа се надоврзуваат уште три изведби со приклучен хибриден погон, со моќност до 381 КС и вртежен момент до 750 Nm. Сите приклучни хибриди возат над 100 километри на струја.

Уживање во електричниот погон: Со досегот од стотина километри, може чисто на струја да се совладаат вообичаените рути во секојдневието. Навигацијата се „договара“ со хибридниот погон и прави GLC да вози на струја, на делниците на коишто електричното возење има голема смисла. Пример за тоа: Хибридниот погон препознава кога возилото се движи во град и става нагласок на погонот на струја.

Добра и за терен и за асфалт: GLC нуди подобрени возни својства, како при возење по асфалт, така и на терен. При развојот била земена во предвид и можноста со СУВ-моделот да се совладуваат и попредизвикувачки теренски пасажи. Ракувањето е поедноставено, а голема сензација е „проѕирната хауба“. Секако дека голема заслуга за динамиката на GLC имаат и системите за контрола на стабилноста.

Комфор и агилност: За ветувањето на Mercedes-Benz, дека новиот GLC е најдинамичен во СУВ-гамата, да биде веродостојно, новина во подвозјето е новата предна оска со четири водилки и задната мултилинк оска. Амортизерите реагираат според амплитудата, а тоа значи: Кога нерамнините се поситни, тогаш подвозјето амортизира покруто, додека во случај кога ќе се регистрираат поголеми нерамнини, тогаш GLC амортизира помеко. Кој сака повеќе од тоа, може да нарача пневматска амортизација Airmatic со безстепено приспособување на работниот и повратниот óд на амортизерите.

Лесно подвижно и безбедно: Врвната динамика што е во гените на GLC се доживува доколку се доплати за управувана задна оска. Заедно со тоа се добива и подиректен преносен однос на управувањето на предната оска, односно покус преносен однос. Задната оска може да се сврти најмногу за 4,5 степени. Со тоа, кругот на вртење се скусува за 80 сантиметри, односно изнесува точно 11 метри.

Надворешен дизајн: Покрај тоа што има препознатлива силуета, GLC може да постигне и дополнителна препознатливост, со хронирана изведба на класичните елементи на СУВ-возило. Тоа важи за заштитата на подвозјето, за кровните шини и за нагазниците што се вградуваат со доплата. Нов момент во изгледот се светлата што директно се соединуваат со маската и на тој начин ја нагласуваат ширината на возилото. Доколку возилото е со опционалните DIGITAL LIGHT, тоа се познава по елипсовидните дневни светла, покрај „факелот“ во светлата. Уште еден надворешен белег е маската со хромирана рамка што е стандард кај AVANTGARDE.

Внатрешен дизајн: GLC ги следи начелата на модерен, спортски луксуз на Mercedes-Benz. Пример за тоа се двете поделени подрачја во арматурната табла, големите украсни површини и средишниот дисплеј што изгледа како да лебди над нив. Мошне е напреден и дизајнот на седиштата, како и модерно изведените облоги на вратите. Со тоа се нагласува квалитетот во кабината.

Отпор на воздух: Во моделската изведба што најдобро се пробива низ воздухот, GLC има коефициент на отпор на воздух cw = 0,29. Тоа е за две десетинки подобро од претходникот (cw = 0,31) – што претставува голем напредок за СУВ-модел со конвенционален погон.

Ниска бучава: GLC е напредуван и во поглед на акустичниот комфор, со отсуство на непријатни звуци и со мошне ниска бучава од тркалата и од воздушните струи. Сите тие мерки придонесуваат за армосферата „Willkommen zuhause“, односно за „добредојдовте дома“, што е својствена за Mercedes-Benz.

MBUX: Најновата генерација на инфо-забавниот систем, со два големи дисплеи и со навигација преку цел екран, прави системот да биде уште подигитален и поинтелигентен.

Врвен комфор при ракување: Говорниот асистент „Hey Mercedes“ напредуваше во поглед на дијалогот со корисникот и во поглед на учењето. Функцијата MBUX Smart Home дозволува од возилото да се ракува со уредите во домот.

Забава: MBUX ги содржи најкористените сервиси за музички стриминг. Новина во MBUX е Newsflash. Со оваа функција може да се повикаат вести од точно избрани избори и теми, на пример од економија, спорт и култура. Опционалниот аудио систем Burmester Surround располага со 15 звучници со премиум квалитет, со моќност од 710 вати.

Системи за асистенција: Најновата генерација на пакетот со системи за асистнција содржи дополнителни и усовршени функции. Тоа важи за активниот темпомат DISTRONIC, за активниот систем за следење лента, за камерите за знац, за новиот пакет за паркирање со преглед во 360 степени и со  „проѕирна хауба“, како и систем за помош при паркирање, кога возилото е со приколка.

Digital Light: Револуционерната технологија на светла (опција) овозможува нови функции, како проектирање ознаки врз патот, што помааат при навигацијата и изгледаат како да се „нацртани“ на самиот пат. Истото важи и за предупредувањата.

Комфорна опрема: Компонентите и системите на GLC се подобрени во бројни подрачја, вклучувајќи ги ENERGIZING AIR CONTROL, AIR-BALANCE, GUARD 360. Амбиенталното осветлување е унапредено, а попречната пречка на панорамскиот покрив е помала, со што се постигнува попријатно просторно чувство. Опционалните мултиконтурни седишта нудат неколку нови видови масажа.

Автомобил како создаден за влечење приколка: Голема новина кај GLC е посебното мени за избирање функционалности при влечење приколка, заедно со планерот на рута со закачена приколка назад. Тоа има за цел, возењето да го направи уште побезбедно и попријатно. Погонот на сите тркала 4MATIC исто така е важен фактор при влечење приколка.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори

One Ping

  1. Pingback:

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Fiat Argo за пет години се продаде во 330.000 примероци во Бразил

Подобар од Opel Frontera пред 30 години беше само Opel Monterey