за

Пешаците не ги сакаме, најдобро е сите да одат со автомобил?

Зарем можеше да се очекува друго, освен пешаците да се прогласат за општо виновни за катастрофата што се случува по улиците – и покрај улиците.

Да одиш пеш, тоа е незамисливо во оваа средина, на којашто сé повеќе избегнуваме да ѝ го изговараме световното име, додека се оддолжува катастрофата во секое подрачје од живеењето и неживеењето. Меѓу главните вести денес се 318-те казни што им биле изречени на пешаците во едно попладне. Значи, треба да се откажеме да одиме пеш или можеби треба да се обидуваме да го правиме тоа кога нема автомобили на улица, да не им пречиме?

Економијата е уништена, достоинството на земјата е погазено, домашна храна не никнува одземи, ако сакаш да бидеш здрав треба да платиш, а ако сакаш да живееш, тогаш не помислувај да одиш пеш. Во ова царство на дилетантизмот, корупцијата и арачиновски стандарди, секако дека и движењето, како најосновна човечка дарба, не може да биде нормално.

Додека луѓе гинат по пешачки премини и недоквакани ликови зад волан на силни автомобили извадени од германски отпади и бугарски автоплацеви, ѕверски му свират на секој и на сé што ќе им го попречи патот, од министерството што има толку едноставна функција да спроведува јавен ред и да се грижи за сочувување на мирот и спокојството на живеењето, првата вест денес се 318-те казни што им биле изречени на пешаците. Значи, редот ќе се воспоставува со тоа што ќе ги посрамотите и ќе им го одземате човечкото достоинство на луѓето што едноставно се движат во средината во којашто се обидуваат да поживеат?

Видеото во објавата е снимено во обид да се оди пеш по должината на улица Аминта Трети, некогашна Ленинова. На најмалку десет места се создаваат опасни ситуации по животот и здравјето на пешаците

Господа санкционери на пешаци, ако ви гинат пешаците, не треба да ги спречите пешаците да се движат, туку треба да ги спречите да се движат тие што ги убиваат пешаците. Ако возилата се движат пребрзо, забавете ги, оневозможете да се движат со брзина во којашто го доведуваат во опасност највредното, човечкиот живот. Тој светнат отпад што некогаш возел по улиците низ Европа, тука донесе само немир и неживот. Разликата, зошто Европа живеела со тие автомобили, а оваа средина на којашто во ова невреме избегнуваме да ѝ го изговориме световното име, не може да живее со истите тие автомобили, ама пред тие да испуштат душа, е во тоа што во таа Европа постојат и се спроведуваат закони, и се санкциниораат тие што вистински се виновни.

Нас, авторите на текстови од областа на автомобилизмот, патот низ сиве децении нé однел насекаде низ Европа. Имаме извозено стотици илјади километри по европски патишта, ги имаме изодено сите метрополи. И пак, сме се вратиле живи и здрави, сполај му на Бога. Тоа што ќе го сретнете по Париз, Виена, Барцелона, Хамбург, Берлин, Минхен, Лисабон, Копенхаген, Стокхолм, Рим, господа санкционери на пешаци, не се автомобили што јурат со двесте на час, туку е средина во којашто ќе забележите дека живеат луѓе. Тоа е првото што се забележува, луѓето.

Доколку тоа не им е јасно: Пешаците не се луѓе што немаат автомобил, туку се луѓе што на најприроден начин ја користат придобивката од живеењето во град, значи луѓе што одат пеш

Градовите во оваа средина, повеќе личат како едни големи паркиралишта во големи паланки што одамна се оттргнале од контрола. Од едно до друго паркиралиште, водат автопати. И тоа е сé од градот. Нема пешачки острови, нема широки тротоари, нема широки и богати крошни, нема паркови, нема џагор, нема деца што одат и се враќаат пеш од училиште, нема група познајници што се сретнале на улица и долго прикажувајќи си ѝ се радуваат на средбата, нема балкони, нема луѓе и цвеќе на истите, нема пешаци, нема луѓе.

Господо што ги санкционирате пешаците, нема луѓе по улиците. Господо инвеститори и господа божем градители, а всушност уништители, господо што држите власт што народот не ви ја дал, нема луѓе по улица. Има автомобили, има паркиралишта, има бетон, има огради, столбови, сообраќајни знаци, од коишто градот повеќе не се гледа. Затоа не дозволувајте да гинат и тие малку луѓе што се движат пеш, на велосипед, на тротинет, туку охрабрете ги сите да ги остават автомобилите и да тргнат пеш. Одењето е човечко достоинство. Возењето автомобил никому не донело општествена титула или статус на благородник. Марката и моделот на автомобилот не ги пишува во личната карта.

Пешаците, господо што ги санкционирате пешаците, тоа се луѓе. Тие избрале да одат пеш, затоа што ја негуваат природната градска навика, придобивка и потреба, да се оди пеш. Не се тоа луѓе што немаат автомобил, па треба да ги санкционирате за тоа што немаат автомобили. Тие само одат пеш, зашто уживаат во тоа. Тие се граѓани, луѓе со татко, мајка, сестра, брат, братучеди, роднини, сопруга, сопруг, девојка, дечко, пријатели, другари. Тоа се пешаците, господо санкционери. Затоа, ве молиме не казнувајте ги за тоа што се луѓе. Казнувајте ги тие што се нелуѓе.

Благодарност до дамата што ја облагороди нашата снимка со својата достоинствена појава и со прекрасното демонстрирање на убавината на одењето. Ве поздравуваме, незнајна дамо!

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Еден коментар

Одговори
  1. Јас сум почесто пешак и помалку возач.
    Како пешак, мислам дека движењето по тротоарите е невозможно, затоа што тротоарите се претворени во паркиралишта, а на местата каде што треба да има паркиралишта се направени згради. Одобрение за правење згради без никаков ред дава државата. Сметам дека најголем виновник за сообраќајниот хаос е државата, а помалку пешаците или возачите. Да не зборуваме за велосипедистите, државата смета дека за нив е доволно да обележи црвена тесна лента, а нивната безбедност?!
    Како возач, редовно се соочувам со вербални напади од типот Кој ти даде дозвола! И сето тоа затоа што возам по прописи, т.е. по 40 или 50 км. на час, затоа што застанувам на пешачки итн… Вистина е дека сообраќајната култура не ни е на ниво, меѓутоа ги сфаќам и возачите. Дали е нормално за 3 км. растојание од Аеродром до Центар да се вози еден час? И дали за долгото време потребно за поминување градски релации се виновни возачите? Сметам дека не. Виновна е државата. Јас не го пренаселив Скопје, јас не ги донесов сите во Скопје на работа – тоа го направија властите. Јас само знам за дека пред 20 години на работа стигнував за 15-тина минути, пред 10 години за 30-тина минути, а денес ми се потребни 60-тина минути.
    Затоа, не би ги обвинувала само возачите, ниту пак пешаците. Тоа што возачите се во автомобил не значи дека треба да им причинува задоволство, никој не сака времето да си го троши седејќи во автомобил.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Карабината на дизајн-кулата на Porsche е завршена

Тест-возење на Peugeot 308: Колку француски може да биде еден автомобил?