за

За работа да е, ѕвезда да носи: Новиот Mercedes Citan во Мак Аутостар

Mercedes-Benz стартува со продажба на новата генерација на Citan на македонскиот пазар. Од Мак Аутостар очекуваат зголемена продажба на лесното доставно возило во класата на Caddy, Partner & Co.

Воопшто не е лесна задачата да се понуди доставно возило со знакот на Mercedes, во делот од пазарот во којшто е најважна ниската цена. Штутгарт уште во 2012 година се приклучи во колото на Caddy, Partner и Berlingo. Лесното доставно возило под името Citan се најде покрај големите имиња Vito и Sprinter во понудата на Mercedes-Benz. Марката со ѕвездата ужива врвна почит и во транспортниот сектор, ете го за пример Actros. Градскиот транспортер Citan, и покрај сите големи модели што му чуваа грб, потешко се пробиваше на важниот пазар. Имиџот на марката е претежок за модел што Mercedes го дели со друга марка. Првиот Citan беше Renault Kangoo.

Германците извршија низа крупни зафати да го „мерцедесираат“ Kangoo, вклучувајќи и зафати во моторот, во менувачот, во држачите на моторот, во оските, во амортизацијата, покрај останатите промени што беа видливи. Citan секако дека не предизвика штета во портфолиото на Mercedes-Benz. Моделот мина дури одлично на германскиот пазар, каде што клиентите веруваа во квалитетите на „Mercedes Кangoo“.

За новата генерација на моделот што имаше премиера лани, сé беше сработено по стандард. Mercedes беше вклучен во развојот на техниката на новиот Citan, додека Французите се погрижија околу производството и околу прашањата за парите. Првата вест дека ќе има нова генерација на Citan дојде во форма на најава за T-Class. Тоа е најпрестижната изведба во гамата на доставното возило, слично како што V-Class е за Vito. Потоа дојде вест дека ќе се нуди и верзија со 100% погон на струја, како Mercedes EQT. Нормалната доставна верзија исто така ќе се нуди во електрична верзија. Тоа не е првпат за партнерот Renault. Не само што тоа не е првпат, туку електричните Kangoo ги имаме и по скопските улици, во служба на DHL.

New item by Automedia MK / Google Photos

Одеднаш сé e во беспрекорен ред и се чини дека никому не му пречи тоа што Mercedes Citan и Renault Kangoo се во основата едно исто возило. Тоа го прави имиџот. Секако дека сé беше и уште е во беспрекорен ред и со моделите од претходната генерација, кои се активни некаде низ Европа во овие времиња кога се бара возило плус, поради наглиот пораст во потребата од достава на производите што масовно се нарачуваат онлајн.

Мак Аутостар му даде чест на Mercedes Citan, тој да биде прва голема премиера во салонот годинава. Дури и местото на „подиумот“, каде што лани им се одушевувавме на Maybach и на S-Class, деновиве е резервирано за градскиот транспортерски херој

Понудата ја сочинуваат пет моделски изведби, три со дизел, две со бензински мотор. Основен модел е Citan 108 CDI со француски дизел од 1,5 литар, со 75 КС и 230 Nm, со цена од 15.205 евра без ДДВ. По неа следат Citan 110 CDI, со верзија на моторот со 95 КС и Citan 112 CDI со 116 КС и 270 Nm. Кај бензинците, основата е Citan 110 со 1,3-литарски мотор со 102 КС и 200 Nm, со цена од 15.094 евра и Citan 113 со верзија на моторот со 121 КС. Менувачот е мануелен со 6 степени, издувот е чист според Euro 6d. Цените се однесуваат на фургонската изведба со товарен простор од 3,2 метри кубни, во верзија со продолжено меѓуоскино растојание од 2,716 метри.

New item by Automedia MK / Google Photos

Втората варијанта е патничката изведба, со 1,5-литарски дизел во трите степени на моќност од 95 до 131 КС. Цената за основниот модел е 19.961 евра без ДДВ, односно 23.554 евра со ДДВ. Мак Аутостар има подготвено пакет за доплата, што во цената од 1.488 евра вклучува радио, потпирач за раце, клима уред, фиока пред совозачот, резервно тркало, лизгачка врата од десната страна и патосници.

Сите информации околу моделот се опишани во соопштението од компанијата:

Компактни димензии со дарежлива просторност, како и голем капацитет на товарење, го прави новиот Mercedes-Benz Citan да биде посакувано комбе за разновидна употреба.

Втората генерација на Citan е достапна како товарно и како верзија на патничко комбе. Широко отворање на лизгачката врата на левата и десната страна на возилото, како и понискиот приод на товарење, овозможува удобен пристап до внатрешноста.

Како дополнение на неговата функционалност и разновидност, возилото обезбедува поголем број опции за зголемување на безбедноста и удобноста при возењето.

„Со Sprinter и Vito, ние успешно сме претставени во сегментот на големи и средни комбиња. Новиот Citan во сегментот на мали комбиња ќе го заокружи нашето портфолио. Целосно е развиено од професионалци за професионалци. Од прецизниот дизајн до возните карактеристики, како и безбедносните и системите за конекција, новиот Citan ги носи гените на Mercedes-Benz, изјави Маркус Брајтшверт, шефот на одделот за комби возила во Mercedes-Benz

Дизајнот на новиот Mercedes-Benz Citan е исклучителен со урамнотежени пропорции и чисти површини. Мускулестите странични делови и тркалата ја истакнуваат моќта, како и разните стилски додатоци на возилото.

Внатрешноста се одликува со хоризонталниот облик на инструмент-таблата, додека низ внатрешноста се протега тенок појас кој ја истакнува просторноста. 

Разновидност и удобност

Новиот Citan одлично ги комбинира компактните димензии на возилото (должина 4,498 мм) со дарежливата просторност. Благодарение на бројните различни опции и практичните детали, се нудат разни можности за користење, товарење. Citan првично се воведува како товарна и патничка верзија, а подоцна и во различни варијанти со долга оска како и Mixto верзијата. Дури и верзијата со кратка оска (2,716 мм), Citan нуди повеќе просторност во споредба со својот претходник – на пример кај товарната верзија, должината на просторот за товарење изнесува 3,05 м.

Лизгачката врата е корисна опција, особено кога постои мал простор за паркирање. Новиот Citan достапен со 2 лизгачки врати. Овозможуваат широк отвор на двете страни на возилото и изнесува 615 мм. 

New item by Automedia MK / Google Photos

Висината на отварањето на товарниот дел е 1,059 мм. Во задниот дел, делот за утовар е лесно достапен, висината на прагот од заната врата е 59 см. Исто така, задната врата може да биде блокирана под агол од 90 степени и може да биде придвижена до агол од 180 степени. Вратите се асиметрични, при што левата врата е поширока и истата прво треба да биде отворена. Како опција, товарното комбе може да биде нарачано со задни врати кои имаат грејачи и бришачи на прозорите. 

Патничкото комбе е стандардно опремено со пета врата со прозор на задната врата. Како опција, може да се нарача со две задни врати. Задните седишта можат да се соборат одделно во сооднос 1/3 и 2/3. На располагање се бројни празни места и полици наменти за складирање. 

Возењето до работно место, минувајќи низ сообраќајниот метеж или обезбедувајќи услуги на превоз на аеродром, условите во текот на работниот ден можат да бидат навистина тешки за еден возач. Затоа, при развојот на Mercedes-Benz Citan, особено внимание е посветено на удобноста што е типично за оваа марка, вклучително и ниското ниво на бучавост кое е пример за останатите. Сево ова не им помага само на возачите да се чувствуваат удобно, туку му помагаат околу нивото на безбедност, на тој начин што можат повеќе да се фокусираат на сообраќајот. 

Возилото исто така е опремено со системите кои се веќе познати во патничките возила, како што се: THERMOTRONIC, KEYLESS-GO и електричната паркинг сопирачка.  

Модерни и економични мотори

На располагање се 3 дизел и 2 бензински мотори. Сите се одликуваат со одлична ефикасност, добри возни својства при ниски вртежи на моторот, како и потрошувачка на гориво. За поголемо забрзување, на пример при претекнување, дизел верзијата со моќност од 85-kW достапна кај товарното комбе има зголемена моќност и вртежен момент. Дури до 89 kW моќност и вртежен момент од 295 Nm можат да се добијат за многу кратко време.

Моторите ги исполнуваат Euro 6d стандардите за емисија на штетни гасови. Сите мотори се во комбинација со ECO старт/стоп функцијата. Освен со 6-степен менувач, кај моделите со најмноќните дизел и бензински мотори, на располагање е 7-степена трансмисија со двојна спојка. 

Concept Mercedes EQT

MERCEDES EQT

Целосно електричната верзија eCitan ќе биде лансирана во втората половина на 2022  година. Овој модел се очекува да има автономија на движење на струја од околу 285 км. При користење на брзи полначи, 80% од капацитетот на батеријата може да се наполни за 40-тина минути. 

Безбедност и удобност, празен или натоварен

Тимот за развој на Mercedes-Benz посвети особени внимание на постигнување возни својства карактеристични за марката, која е комбинација на удобност, возна динамика и безбедност. Предните тркала се потпираат на McPherson оска, а позади се користи торзиона оска. 

Како дел од опсежното тестирање на моделот, мошне внимателно се избрани и прилагодени амортизерите и стабилизиаторите. На пример, товарната верзија е опремена со пружини кои се специфични само за Mercedes-Benz, како и изборот на амортизери за предната и задната оска. Исто така, се користат и засилени амортизери на предната оска, со чија помош се намалуваат страничните наклони при движење во свиоци. 

На овој начин се постигнуваат стандардите на Mercedes-Benz за возните карактеристики на возилото.И кога е натоварен и кога е празен, новиот Citan нуди удобно, прецизно и безбедно возење. Возилото не е чувствително на зголемена тежина која се превезува, бидејќи карактеристиките на возило се оптимизирани за поголема носивост. Тоа значи дека и кога возилото е натоварено, покажува одлична стабилност. 

Од друга страна, патничкото комбе е оптимизирано за транспорт на патници и на тој начин повеќе внимание е посветено на удобноста.

Безбедност

Безбедноста е клучната вредност на Mercedes-Benz. Робустната структура на каросеријата, како и зоните за апосорбирање на удари, обезбедуваат високо ниво на безбедност.Исто така на располагање се мноштво безбедносни системи, 7 воздушни перничиња, кои пружаат заштита во различни ситуации во сообраќајот.

Помошните системи кои се поддржани со ултрасонични сензори и камери, заедно со системите за паркирање, помагаат при движење во сообраќајот, и доколку е неопходно можат да алармираат. Како во новата генерација на Mercedes C-Class и S-Class, помошниот систем за одржување на коловозна лента – Active Lane Keeping Assist, врши интервенции кај управувачот, наместо сопирање, што на овој начин го прави возењето особено удобно.

Како дополнение на  ABS и ESP системите, новиот Citan исто така е опремен со системот за тргнување на нагорнина – Hill Start Assist, помошен систем при бочен ветар – Crosswind Assist, предупредувачкиот систем – ATTENTION ASSIST, како и системот за итно јавување при незгода. 

Во патничката верзија на располагање се системот за активно сопирање – Active Brake Assist, системот за одржување коловозна лента – Active Lane Keeping Assist, системот за надгледување на мртов агол – Blind Spot Assist и системот за ограничување на брзината – Speed Limit Assist заедно со системот за препознавање на сообраќајни знаци.

Многу други помошни системи се достапни како опција, вклучително и Active Distance Assist DISTRONIC, кој овозможува автоматско управување во сообраќаен метеж, како и Active Steering Assist, кој му помага на возачот да го одржува возилото во центарот на коловозната лента. .

MBUX системот за говорна команда и дигитални услуги од Mercedes me

Бројни верзии на системот за говорна команда – MBUX се достапни во новиот Citan. На располагање е 7 инчен екран чувствителен на допир, команди поставени на управувачот или гласовниот асистент “Hey Mercedes”.

Повеќе предности се достапни околу интеграцијата со паметен телефон, со помош на  Apple Car Play и Android Auto, Bluetooth и дигиталното радио DAB and DAB+).

Уште повеќе, Citan е подготвен за користење на разни дигитални услуги од системот Mercedes me. Како резултат на тоа, клиентите се постојано споени со возилото, без оглед каде тие се наоѓаат. На овој начин, ним секогаш им е достапна некоја важна информација како додека се или не се во возилото. 

Со помош на Mercedes me, MBUX системот станува уште повеќе корисен. Така на примнер, “Hey Mercedes” може да функционира со природното зборување, предност што значи дека корисниците во иднина не мора да учат специфични комади. Други функции на Mercedes me, вклучуваат и далечинску услуги како што е Remote Retrieval Vehicle Status, со чија помош возачите во секое време можат соодветно да проверат најголем дел од информациите за нивното возило.

Mercedes-Benz Citan е последен транспортер со обичен мотор

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Тест-возење на Peugeot 308: Колку француски може да биде еден автомобил?

Зошто Honda Jazz е меѓу најиздржливите автомобили што светот ги познава