за

Трошокот за пат не е само горивото: GAZelle City за 22 патници

Колони автомобили, заглавени крстосници, сирени, загубено време, отровен воздух – од утре, повторно на дневниот ред. Скопје не е заглавен оти бил метропола, туку е град без јавен сообраќај.

Превозниците на патници што сообраќаат на меѓуградски релации реагираа веќе одамна. Големите патнички комбиња се флексибилни доколку треба да се измени рутата, евтини се и едноставни се за одржување, пријатни им се на патниците, добри се за бизнис. Еден мал „зафат“ во конструкцијата им дава сосем различна намена на овие возила. Пример, GAZelle City.

Веројатно ќе поминат уште десетина години, додека властите сетат дека сообраќајот во Скопје, но и во повеќе други градови во Македонија е проблем. Реално, катастрофа е. Неконсултирањето сообраќајни експерти и уште цел елаборат причини, доведе до тоа, градот да има сé пошироки и побрзи улици, а метежот да биде поголем, поштетен и понепријатен од кога било досега. На сите проблеми што произлегуваат од сообраќајната катастрофа, вклучувајќи ги последиците врз стопанството, а особено последиците по здравјето на народот, ќе се навратиме во друга пригода.

Тоа што ни го привлече вниманието во понудата на најголемиот руски производител на стопански возила, GAZ Group, се автобусите GAZelle City. Марката возила што се произведуваат во Нижни Новгород е мошне актуелна и на нашиот пазар, посебно по стартот на продажбата на новата генерација GAZelle NN, доставно возило во класата на Ford Transit, со значајна разлика во цената, а со руска издржливост. „City“ ја користи истата платформа со останатите моделски изведби во семејството GAZelle, меѓутоа има различна надградба.

GAZelle City со големина на минибус, а комфор и функционалност на голем градски автобус

Станува збор за градски автобус од посебна категорија, што соединува компактни габарити на минибус, со комфор и функционалност на градски автобус. Клучната предност е во средишно вградената автоматска врата за пристап на патниците. Двокрилната врата, со иста ширина како кај стандарден градски автобус, ја прави главната разлика во споредба со минибусите што сообраќаат на приградски и блиски меѓуградски релации, во коишто се пристапува преку тесна врата напред, или евентуално, преку гломазна лизгачка врата, што е непрактична за услови на градски превоз.

Секако дека и високите прозорци се важни, за патниците да се чувствуваат пријатно и овој вид на превоз да им биде за секој ден. Тоа е воедно и разликата меѓу мал автобус што е конструиран точно за намената да превезува на градски и приградски релации, и минибус што е наменет главно за меѓуградски превоз, но очигледно дека се користи често и во град.

Подот е висок само трисетина сантиметри, што исто така придонесува патниците да имаат пријатно искуство со користењето на малечките градски атобуси

Главната предност е во нискиот под. Во GAZelle City може лесно се пристапи со инвалидска количка, со помош на рампа, може лесно да се качи и детска количка, а секако дека и на повозрасните патници ќе им претставува олеснување тоа што нема скали и подот е низок. И комфорот е важен, човек сепак треба да се чувствува одморен и спокоен, со користењето на овој превоз. За таа цел, GAZ дополнително вградува и пневматска суспензија за задната оска. Тоа е малото изненадување што го подготвија во Нижни Новгород, каде што веќе 90 години се произведуваат возила. Оттаму своевремено доаѓаше и легендарната Volga GAZ-24. Секако дека пневматската суспензија дозволува и спуштање на возилото, за полесен пристап и излегување.

GAZ изработува пет конфигурации на седишта, зависно дали компанијата што нарачува GAZelle City става повеќе нагласок на комфорот и на бројот на места за седење, или поважно е да има повеќе слободен простор, за висока фреквенција на патници, со повеќе места за стоење. Понудата покрива опсег што почнува од комбинација од 20 седишта и 2 места за стоење и се менува до комбинација 10+9, плус место за инвалидска количка.

GAZelle City е долг 6,6 метри, висок 2,72 метри и широк 2,2 метри, односно 2,51 метри со ретровизорите. Меѓуоскиното растојание изнесува 3,95 метри. Празно возило тежи 3,4 тони, дозволената тежина е 4,95 тони, што дава носивост од 1,55 тон. Кругот на вртење меѓу тротоари има пречник 14 метри.

Моторот е 2,8-литарски дизел Cummins, со моќност од 140 КС и вртежен момент од 320 њутнметри, комбиниран со 5-степен мануелен менувач. Највисоката брзина на автопат изнесува 115 km/h. Резервоарот е со капацитет од 80 литри.

Сето тоа нé води до истиот заклучок, како во бројни објави досега: Постојат начини за надминување на сообраќајната катастрофа, што следно може да доведе единствено кон сообраќајна катаклизма, меѓутоа во градскиот и општо во јавниот превоз во Македонија не се вложува, и пореално, не се дозволува да се вложува, обично од причина што државата преку масовното возење автомобил наплаќа солидна акциза од горивото што ќе се потроши. Во услови на пропадната економија и администрација за три сериозни држави, меѓу другото, тоа е единствениот начин за одржување на „гарнитурите“. И тоа ни е јасно на сите: Во сообраќајниот метеж губиме по половина час во денот, три и пол часови неделно, половина ден месечно. Тоа што е губење време за работниот народ, за компаниите е губење пари.

Проблемот води кон сериозни реперкусии, ако сме свесни дека станиците за мерење на загаденоста на воздухот се манипулурани и божемните 20% удел на сообраќајот во загаденоста се само претпоставка. Во меѓувреме, нормалните средини пристапуваат сериозно и кон проблемот со бучавата, којашто исто така претставува загадување на животната средина, со сериозни последици врз здравјето. Патем, тука зборуваме „само“ за симпатични и корисни, малечки градски автобуси.

Може ли руска GAZelle да му парира на турски Ford Transit?

Линк до македонската страница за GAZelle NN

https://gazelle-nn.gazglobal.com/mk/

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најдобри европски градови за поседување електрични возила

Kia Sportage на дело: По стариот пат преку Богомила до Прилеп