за

Најдобри европски градови за поседување електрични возила

Во истражувањето беа опфатени 33 најголеми градови во Европа, со оценување на просечната моќност на полначите, оддалеченоста, цената, но и достапноста на бесплатни полначи за електрични автомобили.

Фразата дека иднината им припаѓа на електричните автомобили е веќе одамна излитена за жителите на најголемите и најосвестени градови во Европа. Електричните автомобили таму се реалност. Наспроти тоа, постојат градови чијшто власти уште се надеваат дека електричните автомобили се само привремена појава.

Продажбата на електрични автомобили во Европа се зголемила за повеќе од 1000% меѓу 2014 и првиот квартал од 2020 година. Тоа е податок што порталот за потрошувачи Uswitch го поттикна да направи вредно истражување. Порталот ги објавува резултатите под наслов „Градови во Европа во коишто е најдобро поседувањето електричен автомобил“.

На колегите од Uswich им веруваат бројни потрошувачи, кои бараат совети и помош при изборот во најширок дијапазон на подрачја, почнувајќи од бојлери до патничко осигурување. Оттаму е сосем веродостојна нивната процена дека „голем број возачи уште се двоумат околу купувањето електричен автомобил, главно поради загриженост околу логистиката, односно трошоците, како и поради впечатокот дека недостигаат полначи за електрични автомобили.“

Експертите на Uswitch извршија темелно истражување во 33 најголеми градови во Европа, со цел да утврдат кои градови се најдобро подготвени за корисниците на електрични автомобили.

Најдобри европски градови за поседување електрични возила

Градовите се оценуваа според четири критериуми: Просечна цена за полнење, просечно растојание меѓу полначите, просечна моќност на полначите и процент на бесплатни станици со електрични полначи.

  1. Рејкјавик

Со вкупна оцена 7,94, главниот град на Исланд се докажа како најдобар град во Европа за поседување електрично возило. Рејкјавик освои високи оцени во сите четири категории, со просечно 0,55 km од една до друга станица за полнење, што е втора најдобра вредност меѓу европските градови.

  1. Глазгов

Со удел на бесплатни полначи од 92%, што е највисок процент во истражувањето, Глазгов е втор најдобар град, со вкупна оцена 7,54. Со одлични оцени во останатите подрачја, најголемиот град во Шкотска заостанува во поглед на просечната моќност на полначите, којашто изнесува 17 kWh.

  1. Лисабон

Иако Лисабон има само 1% бесплатни полначи, што е најслаб резултат меѓу 33-те градови, престолнината на Португалија сепак се пласираше високо. Заслугата за тоа е во просечната цена од €0,17 за kWh, како и во просечното растојание меѓу станиците од 0,76 километар. Туристичкиот магнет постигна оцена 7,31.

  1. Будимпешта

Со просечна оцена 7,14, главниот град на Унгарија е најдобар меѓу градовите во Централна Европа. Повеќе од половината станици за полнење се бесплатни, а просечната моќност им изнесува 25 kWh.

  1. Осло

Петтопласираниот Осло е втор од трите скандинавски градови што се пласираа во Топ 10. Иако има мал удел на бесплатни полначи (8%), главниот град на светскиот шампион Норвешка псотигна солидна оцена 7,04, главно поради тоа што просечното растојание меѓу полначите изнесува само 0,61 километар.

Списокот на 10 најдобри градови за електрични автомобили го продолжуваат Барселона, Хаг, Прага, Антверпен, како и Хелсинки и Амстердам, двата града на 10-то место. Барселона има одличен удел од 60% на бесплатни полначи, меѓутоа просечната моќност е 18 kWh.

Најкусо растојание меѓу два полначи има Хаг, со 0,48 km, но има и малку бесплатни полначи (4%). Слично е во Прага (9%).

Најлоши европски градови за поседување електрични возила

  1. Ливерпул

Со вкупна оцена 4,89, Ливерпул е најлошиот град за поседување електричен автомобил. Полначите просечно се оддалечени 2,38 km, што е најслаб резултат меѓу 33-те градови.

  1. Париз

Со удел на бесплатни полначи од 14%, градот на љубовта би можело да покаже повеќе интерес за возачките и возачите на електрични автомобили. Просечната моќност е фантастични 54 kWh, меѓутоа и цената за полнење е соодветно висока. Затоа, оцена 5,68.

  1. Виена

Разочарува малиот број на бесплатни полначи и слабата просечна моќност. Иако просечната цена е мошне ниска, €0,28 за kWh, слабиот резултат во останатите критериуми е заслужен за оцената 5,80.

  1. Франкфурт

Франкфурт е незначително подобар од Виена, со оцена 5,81. Домот на Европската Централна Банка солидно им наплаќа на возачите, со просечни €0,45 за kWh, што е меѓу највисоките вредности во истражвуањето.

  1. Келн и Ротердам

Со само 7% бесплатни полначи, Келн е вториот германски град што е на дното на листата. Просечната цена е €0,39 за kWh, просечното растојание е 1,22 km. Оцена: 5,89.

Ротердам го дели петтото место со Келн, поради малкуте бесплатни полначи и слабата моќност.

Топ 10 на најлоши градови за сопствениците на електричен автомбоил го комплетираат Торино, Рим, Берлин и Копенхаген.

Како „стои“ Македонија во поглед на електромобилноста? Македонија во моментов дефинитивно не „стои“ во ниту еден поглед, меѓутоа е најтрагично тоа што од вложувањето во повеќе од 40-те полначи на ЕВН пред веројатно 10 години, до денес не само што не е напредувано, туку е назадувано. Постои обид да се воспостави мрежа од полначи од една банка, меѓутоа повеќе се работи за имиџ-кампања, отколку за придобивка во унапредувањето на електромобилноста.

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Пред повеќе од една година, со Mini Cooper SE ја направивме првата кружна тура со електричен автомобил во историјата на Македонија – со судни маки. Пред полначите во Кочани (на насловната слика), Гевгелија, Кавадарци, Охрид, секогаш имаше паркирано по некој тежок дизел, обично бугарски увоз.

Како и во сите останати подрачја, во електромобилноста во државава ќе мора да се преземаат панични чекори, дури откако веќе ќе биде предоцна.

Со електричен Seres 3 од изворот на Треска до Скопје

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Во 1893 година: Првиот автомобил во Италија бил Peugeot

Трошокот за пат не е само горивото: GAZelle City за 22 патници