за

Mini ја вози првата електрична тура низ Македонија (Дел 1)

Автомобилизмот се менува, електричниот погон станува дел од возачкото секојдневие во земјите што предводат во електромобилноста. Со Mini Cooper SE појдовме да провериме, колку електричниот погон може да биде реалност во Македонија.

mini cooper se тура со електричен автомобил низ македонија

Вообичаено е Mini да прави големи работи. По најново, Mini постигнува многу и во електромобилноста. Место мудрување и претпоставки, појдовме со електричното Mini Cooper SE првпат да ја обиколиме цела Македонија со овој погон. Минавме близу 850 километри, посетивме девет градови, Mini направи оваа авантура да биде единствена и историска.

Во Македонија ја имаме таа среќа, што човек може во секое време и без посебни подготовки, да се впушти во авантуристичка обиколка на целата земја. Единствено е уживањето, во ист ден да се посетат и планини високи над два километри и плодоносни рамници, да се вози по серпентини што следат некое речно корито длабоко удолу или пак по пат што нуди релаксирачко крстосување по езерско крајбрежје. Може ли да постои нешто поубаво од тоа?

Секако. Може да се обиколи Македонија со електричен автомобил. На пример, со Mini Cooper SE, со автомобил од марката што секое патување и секакво искуство досега го има претворено во задоволство. Точно така, електричен автомобил, и тоа комплетно. Mini од есенва го има електричниот Cooper SE во редовна понуда на македонскиот пазар. На Mini ќе му припадне и честа прв да извози круг низ цела Македонија со електричен погон. Ова е историја.

Електричното возење кај нас е различно од возењето, на пример, во Холандија, каде што има повеќе од 40.000 јавно достапни станици со полначи за струја, или во Велика Британија, родната земја на Mini, чијашто EV-мрежа неодамна надмина 30.000 станици за полнење. Наспроти тоа, во Македонија имаме 40 станици во 18 градови. Уште една суштинска разлика на домашната автомобилска сцена е во постоењето предрасуди околу погонот на струја, и покрај тоа што малкумина имале можност да искусат возење електричен автомобил.

Mini е марка што повеќепати низ историјата била во пионерска, дури и револуционерска улога. Затоа е сосем природно тоа што англиската марка прва во градската премиум класа вози на струја, исто како што прва вози комплетна тура низ Македонија со погон на струја

Тоа само ни дава дополнителен повод да провериме како навистина функционира електромобилноста во Македонија и да ги урнеме предрасудите што нé попречуваат да се приклучиме на глобалниот бран. Значи, поаѓаме на голема тура низ цела Македонија, по најширокиот можен круг во границите на нашата убава и сакана земја. За тоа го имаме Mini, автомобил на кого никој не му забележува дека е малечок, туку во него гледа единствено забавен, култен, врвно дизајниран автомобил – и во случајот на Mini Cooper SE – електричен автомобил.

При подготовките, Гугл ни покажува дека имаме за возење пат во должина од околу 800 километри. Во нашата редакција одлично го познаваме итинерерот за електричната тура, лани во септември ја извозевме истата рута со хибридeн автомобил, со само еден резервоар. Но, овојпат немаме на располагање станица за гориво на секои пет километри, доколку тоа биде потребно, туку имаме десет полначи на целата рута. Ова сепак ќе биде сосем различно од сите досегашни искуства.

Во почетокот уште постојат непознаници околу тоа, дали двесте километри досег навистина се двесте километри, но и околу тоа дали навистина се функционални полначите во градовите низ Македонија. Уште поважно е прашањето, дали полначите можеби ќе бидат недостапни поради паркирани возила, или жаргонски „ICEd“. Поради тоа, планот е да ја дополнуваме батеријата на секој полнач по пат, што ќе ни обезбеди резерва, во Mini секогаш да имаме доволно енергија до вториот нареден град.

Возењето електричен автомобил има бројни погодности, меѓу другото и можноста кабината да биде убаво загреана во студено утро, со одмаглени стакла, додека возилото уште е приклучено на полнач

Авантурата ја почнуваме во зори, кусо по седум часот наутро. Еден час претходно, Mini Cooper SE го преместуваме од бесплатниот центарски паркинг за него (да, постои таква привилегија) на полнач на ЕВН. Батеријата беше наполнета до 100% уште претходно, целта ни е да го наместиме тајмерот, за греењето на кабината да се вклучи половина час пред планираното време за поаѓање. На 4 степени Целзиусови сепак не е сеедно дали кабината е пријатно загреана или студена. За тоа време се црпи енергија од полначот, односно не се празни батеријата. Овој чекор е важен, затоа што по поаѓањето нема непотребно да трошиме енергија за кабината допрво да се загрее, односно ќе имаме на располагање повеќе досег.

Така и се случува. При враќањето, покрај сите возила околу со подмрзнати стакла и утринска роса врз каросеријата, електричниот Mini Cooper S двои. Стаклата му се беспрекорно одмаглени, а седиштата, воланот, облогите во вратите, сé е затоплено на пријатна температура. За овој тајмер, односно за климатизацијата што работи додека возилото мирува паркирано, на друго место сигурно би требало да се доплати екстра околу 1.000 евра. Тука е стандардна опрема, исто како уште цела низа згодни ставки. Годи електричново возење.

Има и друго пријатно изненадување што го чува Mini. При стартувањето и веднаш по поаѓањето, отсуствува вообичаеното работење на „моторот“ со повишени вртежи, а не се чувствува ниту утринска тромавост додека загрее моторот. Електромоторот и батеријата работат стопроцентно уште од старт, тие не прават разлика дали надвор е топло или студено. И најдоброто, електричниот погон работи и (речиси) стопроцентно ефикасно, односно не троши „дваесет“ литри гориво само додека загрее моторот.

Електричниот погон не го попречува темпераментниот карактер на Mini, туку напротив, батеријата ниско во подот прави возните својства да бидат уште подинамични

Првото одредиште е Куманово, односно станицата за полнење што навигацијата ја пријавува дека е на неколку стотини метри од градскиот плоштад и од статуата на Батко Ѓорѓија. Дотаму имаме триесетина километри, со тоа што вообичаено го избираме споредниот пат до Куманово, заради утринска гимнастика по свијоците над Арачиново. Mini Cooper SE е електричен, но е пред сé Mini, а тоа значи дека секој свијок со оваа кола е задоволство.

Електромобилов е како картинг, а најубавото е во тоа што мајсторството што се користи заеднички во групацијата BMW, се чувствува и при нормални брзини. Посебно задоволство е свесноста дека батеријата се полни при секое отпуштање на педалата за возење. Тоа го извежбавме добро уште при првиот тест на Cooper SE, можноста да се вози само со една педала, со ретка потреба за навистина да се притисне врз сопирачката.

Од почетните 100% наполнетост на батеријата, до Куманово се трошат околу 15 проценти. На поаѓање од Скопје, патниот компјутер ни предвиде 179 километри досег. Во Куманово, пишува 153 километри. Сме возеле штедливо. Станицата со два полначи е издвоена надвор, веднаш покрај влезот во монтажната гаража на централниот паркинг во градот. Тоа е прилично почесно место. По приклучувањето и пријавувањето со картичката од ЕВН, Mini јавува дека полнењето до 100% ќе трае околу час и четвртина.

Патувањето до друг град секогаш има одредена цел, никој не патува со цел веднаш да се врати назад – еден час полнење минува брзо додека се ужива во градот или се обавува работа

Тоа е сосем во ред, градовите се жива материја, секогаш има да се види нешто ново. Со природата на нашата работа, времето минува во правење неколку кадри од плоштадот, од прочуената „Баба Цана“, а од некоја страна се покажува дека во градот имало и убав музеј. Тоа во некоја друга пригода.

По истекот на времето што ни го пријави Mini, батеријата е целосно полна, кабината секако е загреана и стаклата се одмаглени, а дисплејот пријавува дека имаме на располагање енергија за 192 километри за возење. Оваа прогноза се базира врз претходното возење. Тоа значи дека доколку продолжиме со истата динамика, со енергијата во батеријата можеме без проблем да извозиме до Делчево, коешто е оддалечено околу 205 километри од Скопје и 160 километри од Куманово. Следното одредиште ни е Кочани, таму повторно ќе ја дополнуваме батеријата.

Додека денот уште е млад, не смее да се пропушти посета на прочуените гурманско-традициски центри во крајот. Во Етно Село паѓаат неколку згодни кадри. Вниманието за понатаму ни е сосредострочено на тоа како Mini ќе ја потроши батеријата на долгото искачување до превојот кај Страцин, на висина од околу 700 метри. Се покажува дека тоа е само лесна игра за оксфордскиот автомобил со погонска техника од BMW, конкретно од i3, кој досега е произведен во повеќе од 200.000 примероци. По четириесетина километри од Куманово, батеријата уште е наполнета 82% и имаме досег за 137 километри, според патниот компјутер. Тоа е повеќе од половина од патот што ни преостанува до Кочани.

По секоја нагорнина, следи и надолнина, а тогаш електромоторот дејствува како генератор и ја полни батеријата, продолжувајќи го досегот

Mini повторно има радосна вест. На брзото спуштање до Кратово, на дисплејот се покажува како батеријата се полни речиси постојано. „Генераторот“ брзо враќа енергија за околу триесетина километри пат. Таа, пак, ќе ни користи за следната голема нагорнина, веднаш по Кратово, за искачувањето до Шлегово, коешто е на висина од околу 850 метри. По Пробиштип, кој исто така има релативно висока местоположба, со просечни 600 метри, патот скршнува и за Крупиште се продолжува по обиколница, заради изградбата на нов пат дотаму.

Патувањето минува брзо, што од една страна се должи на целосното отсуство на бучава и вибрации од погонот, а од друга се должи на врската што механиката на англисково мини на некој супертехнички начин ја воспоставува со возачот и патниците. Од скршнувањето кај Крупиште и приклучувањето на патот што води од Штип, до Кочани остануваат уште дваесетина километри. Кога ќе се одмине прочуената бурекџилница Пинџур во Облешево и таблата за некогаш познатиот бањски комплекс во селото Бања, тоа е веќе сигурен знак дека наскоро се пристига во градот под Пониква.

До Кочани се извозени вкупно 147 километри од нашата електрична тура, а батеријата покажува дека уште располага со 54% наполнетост. Доколку продолжевме да возиме, таа енергија ќе ни достасаше за уште 125 километри, односно до Делчево. За второто полнење ја менуваме стратегијата. Доколку се остави батеријата да се наполни до 100%, за тоа ќе бидат потребни точно два часа. Место тоа, батеријата овојпат ќе ја полниме само до 80%, а тоа ќе трае помалку од еден час.

Вистинската тактика при возење на подолги релации е полнење до 80% за релативно кусо време и продолжување со возењето, место возење за батеријата прво да се испразни до околу десетина проценти и потоа да се мирува најмалку два часа додека батеријата се наполни 100%

Тоа е карактеристика на батериската техника: Полнењето до 80% трае релативно брзо, но затоа за преостанатите 20% до целосна наполнетост е потребно подолго време. По еден час и десет минути, Mini Cooper SE е наполнет 83% и има досег за 182 километри. До Струмица може на шега да се извози со оваа енергија. На оваа тура, сепак, не го тестираме (само) Mini, туку и електромобилноста.

Имало и причина зошто беше потребна ваква тура, за реално да се согледа ситуацијата околу полначите. Кочани е мошне раздвижен и голем град, па тоа се покажа и на паркиралиштето во Центарот, каде што двете места резервирани за електрични автомобили беа зафатени. Според регистрацијата, едниот автомобил беше од блиските села, додека другиот автомобил си замина тивко и незабележливо, по петнаесетина минути, без ниту трошка грижа дека некому попречил да наполни „гориво“ во својот автомобил.

За Mini да се приклучи на полнач, беше неопходна возачка вештина, да се балансира по тротоарите и возилото да се приближи до приклучокот на полначот. Во меѓувреме, додека англискиот електромобил го оставивме да се полни, на претходно ослободеното место веќе се имаше паркирано друг „ICE (Internal Combustion Engine, мотор со внатрешно согорување; не случајно асоцира на мраз, односно на ледено доба). Таква ни е логиката на овие простори, ако веќе има електричен автомобил горе на тротоарот, што полни струја, тоа значи дека резервираното место е слободно за паркирање други автомобили.

Вистинската возачка забава каква што доликува за Mini следи на кривулестата делница по Македонска Каменица – возачките и возачите на Mini таму ќе ги видите најнасмеани

До Делчево има 58 километри за возење, но какви километри! Патот тука го следи течението на Брегалница, и по истибањската брана следи пат што е како измислен за Mini. Острите свијоци, добрата прегледност и слабиот сообраќај прават уживањето во возните својства на електричниот мини-турер тука да доживее кулминација. По оваа кратка, но слатка возачка забава, брзо се доаѓа до езерото Калиманци и до Македонска Каменица, единствениот град во Македонија што нема пријавено случаи на инфекција со корона.

Целиот овој крајолик е вреден за посета, природата тука оддава единствен смирувачки дух и доколку немавме уште долг пат пред нас, ова можеше да биде вредно одредиште. До Делчево останува уште половина пат и уште многу батерија. А, тоа значи, будење на 184 КС и еуфорија од меѓузабрзувањето што е на ранг на спортски автомобил. Во Делчево се покажува убава глетка за возачите на електричен автомобил. Двојниот полнач за струја е посебно одвоен од големото паркиралиште отспротива и двете места се слободни.

Батеријата е полна 59% пред приклучувањето, досегот е 126 километри. И повторно се покажува дека ова запирање за полнење е сосем непотребно, затоа што до Струмица ни остануваат уште 90 километри возење. Ја применуваме истата тактика од Кочани, полнење до 80% за околу еден час и продолжување на патот. Веќе по 45 минути може да се продолжи со возењето. Батеријата за тоа релативно кусо време се наполни до 80% и досегот е качен на 168 километри. Вредноста на досегот ќе беше и поголема, доколку возевме побавно до Делчево, затоа што тој секогаш се пресметува според динамиката на претходното возење – и тоа е одлично за ориентација.

Температури во најширок дијапазон, од два до преку дваесет степени Целзиусови – тајмерот во Mini може да се вклучи да грее, но и да лади

Температурата во градот што доби полначи, меѓу другото и поради редовните гости од Бугарија, во доцнооктомвриското попладне изнесува над 25 степени Целзиусови. Исто како што греењето може да се програмира додека возилото е на полнач, така може да се избере и ладење на кабината. Тоа се погодности на електричното Mini, на кои човек брзо се навикнува да ужива и да ги користи.

Рутата до Струмица се покажа како вредно искуство. Убавините на Малешевските Планини, на Пехчево и Берово, тие се македонска и балканска класика. Како што доаѓа квечерината, така импресионира посведочувањето додека стивнува енергичната моќ на Огражден. Големиот момент што го исчекувавме сето време додека се искачувавме, следи по таблата на којашто пишува Преведена и се наведува податок за 1.200 метри надморска висина. По превојот следи удолнина, сé до Струмица.

По превојот чијашто висина се чувствува вистински дури откако ќе се прикаже впечатливата глетка на Струмичкото Поле, батеријата е полна 49%, а досегот изнесува 82 километри. Дваесет километри подолу, батеријата се наполни до 55%, а досегот порасна на 101 километри. По уште пет километри, компјутерот веќе пресмета нова вредност и ни предвидува досег за 146 километри. Фантастично функционира ова со полнењето на батеријата удолу. Додека со обичен автомобил, од возењето надолу нема корист и неискусните возачи тука брзо би ги уништиле дисковите и плочките, со електричното Mini Cooper е посебно ужување додека електромоторот произведува енергија по долгата надолнина.

Уште една привилегија за електричниот погон: Полначите во секој град со цел се поставени во строг Центар, за времето додека се чека полнењето да мине побрзо и продуктивно

Петнасетина минути подоцна, Cooper SE веќе е приклучен на полнач. Полначите во Струмица се поставени на самата улица, на десната лента на булеварот, каде што е организирано паралелно паркирање, но само на одредени делови по должината на улицата. Двете места се уредно обележани и осветлени, голема е веројатноста дека ќе бидат празни. Mini го оставаме на станицата со 51% батерија и со досег за 125 километри. Полнењето до 100% би траело нешто помалку од два часа, ние остануваме на тактиката да полниме само до 80%, за што е потребно околу еден час полнење. Возењето го продолжуваме со 81% батерија и 201 километри досег. Следно одредиште е Гевгелија, оддалечена 50 километри.

Во градот на големите казина веќе почнува вечерниот живот. На заедничкото и тесно паркиралиште во раздвижениот Центар, останато е празно едно од двете резервирани места. Другото место е „iced“, замрзнато со автомобил со обичен погон. Полнењето тука ќе го скусиме на половина час. На приклучување имаме 64% батерија и 136 km досег, по триесет минути имаме 81% батерија и 170 km досег. Повеќе од доволно, до Кавадарци ни остануваат само 80 километри, од кои повеќето се по автопат, со постојано темпо, што исто така му одговара на електричниот погон.

На автопатот, електромоторот користи петнаесетина проценти од потенцијалот за да ја одржува брзината. Сето тоа се прикажува уредно на E-Power-метарот. Тука е од корист и врвната аеродинамичност на Mini Cooper SE. Маската е целосно затворена, подот е рамен како писта, тркалата имаат посебен дизајн што не го попречува струењето на воздухот.

Во винското Кавадарци, во централниот дел на Македонија и точно на половина од нашата тура, нé чека непријатно изненадување. Двете места на улично паркиралиште во Центарот се зафатени. Едното возило му припаѓа на свежо формираното претпријатие за паркинг и веројатно ќе остане неколку денови покрај полначот, додека другото возило е стар теренец со бугарски таблици. Единствено е останато слободно местото за возила за инвалиди, исто како во Кочани.

Кавадарци е стратешка точка на нашата рута, тука ќе надоместиме за половината час што го заштедивме во Гевгелија

Батеријата покажува 52% наполнетост, што според патниот компјутер би било доволно за точно 100 километри. Следното полнење ни е во Битола, оддалечена 90 километри, што значи дека теоретски би можело да се прескокне ова полнење. Меѓутоа, по пат дотаму мора да го совладаме Плетвар. Кавадарци сепак ни е стратешка точка. Mini мора да полни. Решението е паркирање на местото за инвалиди и чекање покрај возилото, во случај да наиде корисник за кого што реално е превидено местото.

Оневозможени да прошетаме по градот на двата брега на Луда Мара, ни останува само да дознаеме за случувањата од разговорот со луѓето од продавниците покрај полначот. Така брзо минуваат нешто помалку од час и половина. Поаѓаме од Кавадарци со 86% наполнетост и 177 километри досег. По 423 извозени километри, до Битола остануваат уште 90 километри, но го имаме за совладување Плетвар.

Во мракот не се чувствува дека патот води по нагорнина. Моќниот вртежен момент од 270 њутнметри е заслужен за тоа. Електромоторот одвај се напрега, „павер-метарот“ повторно покажува дека погонот во тој момент оддава одвај дваесетина проценти од својата моќност. За премиум карактерот на Mini и за сродството со BMW сведочат и светлата со диодна техника. Патот е осветлен одлично. Тоа дополнително придонесува, за патот до Плетвар, со своите 1.000 метри надморска висина, да мине брзо.

Доколку Mini потроши на пример 2 kWh да се искачи до некој планински превој, рекуперацијата при спуштањето надолу ќе произведе околу 1,3 kWh енергија – така е во теорија, но очигледно и во практиката

Надолу, познатата приказна. Електромоторот станува генератор и ја полни батеријата. Рекуперацијата што ја постигнува електричната погонска техника на BMW Group „враќа“ нешто помалку од две третини од енергијата. На пример, ако за искачување долго неколку километри биле потрошени 2 kWh енергија, при спуштањето по истиот пат и со истата брзина, погонската спрега на Mini ќе наполни 1,3 kWh енергија во батеријата.

По Прилеп, навигацијата во Mini ни пријавува дека имаме уште половина час возење до Битола. Со темпомат наместен на 100 километри на час, на правиот пат останува да се ужива во аудио-системот. Mini, сепак е британска марка, а оттаму отсекогаш ни доаѓала убава музика. Нормално дека и звукот на музиката во Cooper SE е сосем на ниво. Посебно е чувството да се ужива во познати акорди додека се патува, а притоа да отсуствуваат секакви звуци од погонот. В о овие моменти е исто како дневната соба да се стави на тркала и да се пушти омилената музика.

Mini Cooper SE електрична тура низ Македонија - полнење во Битола

По извозени повеќе од 500 километри, од кои одвај 60 километри ни се поминати по автопат, а остатокот во најголем дел е по планински патишта, пристигаме во Битола. Паркиралиштето пред спортската сала Младост е големо, двете места покрај полначот се слободни, директно отспротива почнува Широк Сокак, назад е Градскиот Парк. Тоа е електромобилност во најдобрата форма.

>>> Видеото што го подготвија врвните професионалци од ДигиталБокс за промоцијата на Mini Cooper SE

Батеријата во Битола уште има 49% од капацитетот, а досегот што Mini го предвидува мошне вешто изнесува 105 километри. Исто како и при претходните неколку запирања, повторно се докажа дека целата рута од Гевгелија до Битола можеше да се извози и со само едно полнење. Овојпат полниме до 100%, на дисплејот пишува дека тоа ќе трае точно два часови. Времето сега ни е неважно. Вечерта остануваме во Битола.

>> Во следниот дел дознајте како понатаму се одвиваше првата тура со електричен автомобил низ цела Македонија.

>>> Електрично Mini пишува автомобилска историја во Македонија (1. дел)

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Avatar

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

lexus rx најдобар премиум хибрид drivingelectric

Британците тврдат Lexus RX 450h е најдобар премиум-хибрид

Директорка на Kia America меѓу 100 највлијателни дами

Директорка на Kia America меѓу 100 највлијателни дами