Колку што Porsche е добар производител на автомобили, толку е добар и како организатор на доживувања. Патувачкиот циркус на фината марка од Цуфенхаузен летово повторно пристигна во Македонија. Porsche Road Tour 2021 дојде уште еден чекор поблиску до конечното објаснување, зошто светот толку обожува да ги вози автомобилите од оваа марка.
Дванаесет автомобили во секаква форма и боја, сите со ист знак на хаубата, повторно беа наредени за старт во Порше Македонија, поставени косо, исто како што се стартува на Леман. Сите автомобили до еден се Porsche, без разлика дали станува збор за купе, родстер, СУВ, па дури и електричен автомобил. Кога ваква сцена се прикажува пред увозникот што спортската марка ја носи и во името, тоа секогаш значи дека следи нешто единствено и несекојдневно. Porsche Road Tour во издание 2021, во година кога на светот веќе му станува мачно од пандемии, затворања, кусоци, перипетии од секаква провиниенција. А, овие машини во црвена, зелена, жолта, сребрена боја, познати се по тоа што работат совршено. Практично, совршенството се раководи да биде совршено според Porsche.
Коњските сили се сосем неважни, како бројка. Постојат бројни автомобилски марки во обид низ светот, коишто се расфрлуваат со коњски сили и ветуваат рекорди и супериорност, но сеедно, нивните коњски сили не се бројат исто, небаре нивните коњи се потхранети. Германскиве болиди за на тркачка патека и за до пазар ги користат коњските сили како помош за да ги изведат своите вештини. Тоа не значи друго, туку значи дека Porsche дури и кога вози право, вози различно од другите кога возат право, а кога треба да се возат својоци, тоа е веќе друг свет.
Вистината е една, а тоа е дека само малкумина во светот знаат и умеат да создадат Porsche. Овие автомобили се производ на инженеринг, на традиција во пренесување на една идеја и една енергија уште од времето од Фердинанд и Фери Порше, пренесена преку ерата на Фердинанд Пиех, сé до денес.
(Фотографии: Порше Македонија)
https://photos.app.goo.gl/VPhCe2DYDX8iWiyAA
Дузината ја сочинуваат 911 Turbo S, 911 4S, Cayman S, Boxter S, Macan Turbo, целосно електрични Taycan Turbo S и Taycan 4S, хибриди Panamera 4S E-hybrid и Panamera Turbo S E-hybrid, големите SUV-модели Cayenne Coupѐ GTS, Cayenne Coupѐ Turbo и Cayenne GTS. Овие автомобили годинава четирипати ја минуваа рутата од Порше Македонија до регионално прочуениот хотел казино Фламинго, пред граничниот премин кај Гевгелија. Ден пред медиумите беа дамите, и тоа се виде одлично на друштвените мрежи, кадешто гледавме убави дами како возат Porsche, а помалку гледавме Porsche што го возат дамите.
Природата на оваа рута и на целиот овој настан што всушност е од регионален тип, директно се поврзува со услугите на Porsche како организатор на доживувања. Спортската марка на Volkswagen моментно нуди шест моделски серии и безброј варијанти во рамките на тие серии, на пример, од 911 Carrera до 911 RS3 со пакет Tоuring. Но, купувањето Porsche е само преоѓање на прагот што води во вистинскиот свет на марката Porsche.
(Фотографии: Порше Македонија)
https://photos.app.goo.gl/MfAykDVK9kPKvX6o6
На прецизен и еднозначен германски јазик, Porsche во својата понуда има нешто што се води под „Erleben“. Тоа е германски збор за доживување, за нешто да се почувствува. Под „erleben“ се наоѓа на пример понуда на возила за приватно финансирани тркачи, потоа понуда за учество на тури во најегзотични предели ширум светот во организација на Porsche, тркање на екслузивно закупена тркачка патека, а понатаму и возачки тренинзи, можност за посета на фабрика или музеј, дружење во клубови, тенис, голф. Но, тоа што директно се поврзува со овој настан, тоа е понудата што во рамките на „Erleben“ се води како Drive. Таа услуга се однесува на можностa, Porsche да се изнајми за викенд или подолго, или Porsche да се вози неколку месеци, со месечна претплата, за потоа возилото да се врати во салон.
Оваа услуга можеби нема да биде атрактивна под друга марка, но во Porsche има и тоа каква смисла. Porsche Drive Rental моментно се нуди во седум држави ширум светот, од Германија, Франција и Швајцарија, преку Русијка и Јапонија, до САД и Канада. Ова не е реклама за услугата, туку е само доказ за тоа колку светот сака да вози Porsche.
Автомобиливе се прилично големо парче совршенство, почнувајќи од мирисот на алкантара обработена кај врвен мајстор на својот занает, до германски прецизно програмирано вртложење на воздухот во кабината, кога ќе се седне во Boxster S со спуштен покрив и гасот ќе се притисне до крај. Секој автомобил во оваа дузина се однесува различно во возењето и прикажува различен карактер, но пак сите се Porsche. Тоа што ги соединува е сопвршениот инженеринг. Исто како швајцарски часовник што покренува перверзно комплициран механизам, така и овие автомобили покренуваат неверојатно постигнато совршенство.
https://photos.app.goo.gl/aWbfBw5a6onumkck8
Импресивни се ставките од опремата што ги поседуваат овие демо-автомобили, за дополнително да импресионираат. На Panamera 4S E-Hybrid, на пример, само бојата што се води како GT Silver Metallic, ѝ чини 3.558 евра, а не заостануваат и тркалата 911 Turbo Design II со цена од 3.641 евра. Ентериерот што е обложен со благородна кожа во Agate Grey, колку чини? Нормално, 3.558 евра. Сето тоа чини вкупно 10.757 евра. Автомобилот е поскап, малку поскап.
Вкупно 12 ставки од дополнителната опрема се вградени во овој примерок од Panamera: Специјалниот пакет спојлери и аеро-додатоци чини 4.153 евра, активното подвозје чини 4.700 евра, приспособливите предни седишта вредат дополнителни 2.897 евра, управуваната задна оска се добива за 2.082 евра, суперсветлата со матрична диодна техника вредат 2.255 евра, системите за асистенција чинат уште 2.808 евра, за специјалниот волан обложен со алкантара се доплаќа 1.326 евра, а самиот врв му припаѓа на озвучувањето од аудио-езотеричната марка Burmester што во ценовникот на Porsche фигурира со 6.747 евра.
Panamera не е само лимузина, туку е Porsche-лимузина, исто како што 911 не е купе, туку е Porsche-купе. Тоа значи дека лимузината во еден момент може да се движи мазно како мачка и да се вози со часови, вклучувајќи и триесетина километри само на струја. Но, во друг момент, таа се претвора во некое друго Porsche, и гризе, гребе, вреска, скока, трча.
Посебен момент во оваа дузина се двата електрични Taycan, едниот Turbo S, другиот 4S. Самиот факт што електричниот гран-туризмо во текот на целото патување до Фламинго држеше чекор со бензинските моќници покрај себе – во смисла на нештедењето на енергијата во батеријата, не во смисла на способноста да постигне врвна динамика – доволно говори за зрелоста на овој автомобил на струја. Со кусо приклучување на дестинејшн-чарџерите на Porsche, што беа поставени на паркингот на хотел-казиното и испорачуваа 22 kW во двата часа пауза, чисто заради резерва за патот назад, Taycan го вративме во Скопје со солидни шеесетина километри преостанат досег. На тоа воедно сака да укаже и Порше Македонија, дека со едно полнење и нормално возење може да се извози од Скопје на север, до Гевгелија на југ, и пак да остане доволно енергија по враќањето во Скопје. Тоа што посебно нé импресионираше кај електричниот Porsche се возните својства. Лимузинава буквално се лепи за асфалтот, границата на стабилноста е во некоја друга физичка зона, а сето тоа доаѓа од тешката батерија што е во самиот под, како и од вештиот инженеринг, нормално.
За тоа колку се моќни 911 Turbo S или самиот Taycan Turbo S, колку се способни да го усреќат човек и да му го направат денот, тоа е нешто што може само да се доживее лично, а само малкумина можат реално да го пренесат тоа за автомобили од овој ранг. Мора да се има предвид и опиеноста што настанот ја предизвика кај дел од присутните медиумски претставници, кои некако ги подзаборавија правилата на својата работа и го опишаа настанот како репортажа. Збунуваат овие автомобили, тоа е моќна работа.
Како резиме на целиот настан: Возењето Porsche е како автомобилска спа, човек се чувствува како препороден за време на третманот, а уште повеќе по него.
(фотографии: Порше Македонија)
https://photos.app.goo.gl/kogcAnXn74APNKQz6
https://photos.app.goo.gl/Ci4pjM8381EYvwTr6
https://photos.app.goo.gl/BYdHwMywbUBfGNVV7
https://photos.app.goo.gl/KS8zcyHyfnrhDJ9a6
https://photos.app.goo.gl/NS4S8DvKzxoYTz2E8
https://photos.app.goo.gl/5NXQ6Km3kdoSAxmh7
https://photos.app.goo.gl/mqhPoYvNP3zzjsKw9
https://photos.app.goo.gl/yktuP427PomPEKhb8
https://photos.app.goo.gl/fL3Ui9825Gp5qbLY7
https://photos.app.goo.gl/AwmquxYroPHx873z9
https://photos.app.goo.gl/1pZXMUiXpcdqhC9C6
https://photos.app.goo.gl/M9mAxddKjDfoWpqG9
https://photos.app.goo.gl/KwDWZUaDWpE9gmCd7
https://photos.app.goo.gl/KoE7dBwKhZe334f78
https://photos.app.goo.gl/Rk8hadg75uz5Qdut9
https://photos.app.goo.gl/ZoSG21PuVZUBpmKu7
https://photos.app.goo.gl/2qywhSH8uJMfyCTg7
https://photos.app.goo.gl/auABNeWh2YCQNXjX9
https://photos.app.goo.gl/rj4oLiehditNoQXv6
https://photos.app.goo.gl/Dd7HBnq44mRspWuP8
















