Добавувачот на автомобилската индустрија Schaeffler изработи студија за нов вид возило што ќе служи за превоз низ градовите во иднината. Погонот на струја се подразбира, исто како и пристапот на интернет.
Био-хибрид е возилото што би можело од корен да го смени начинот на којшто ги извршуваме секојдневните патни обврски низ градот. Овој необичен спој на велосипед со електричен погон и автомобил со големина на Smart е замисла на германскиот добавувач на автомобилската индустрија Schaeffler и има одлични изгледи да стане реалност во многу блиска иднина.
Според техничарите на германската компанија, електричниот погон на автомобилите не е доволен да се надмине проблемот со растечкиот сообраќај со сите видови приватни и јавни превозни средства во светските метрополи, туку е неопходно соодветно да се приспособи и самиот концепт на возилата. Решението според Schaeffler е во нивниот био-хибрид. Возилото е во основа електричен велосипед, но ги надминува неговите недостатоци во поглед на просторот за багаж и заштита од атмосферски влијанија. „Погонот“ е на педали, со електромотор што го олеснува нивното вртење и овозможува совладување и на поголеми нагорнини и растојанија. Брзината е ограничена на 25 километри на час и со тоа нема потреба од возачка дозвола, а може да се вози слободно и по велосипедска патека. Подршката од електромоторот при вртењето на педалите издржува до 50 километри, што е доволно и за повеќе денови без полнење на батериите.
Димензиите на четирициклот се 2,1 метри должина, 1,5 метар висина и 85 сантиметри висина. Постои и рикверц, така што и паркирањето не е проблем. Батериите се преносни и може да се полнат и дома, а багажникот е приспособлив според потребите. Сето тоа доаѓа во симпатично дизајнирана форма, вклучувајќи отстранлив покрив со кој био-хибридот се претвора во пријатен кабриолет. Секако дека следува и поврзување со паметен телефон и користење на мобилните апликации.
Инфраструктурни услови за Био-Хибрид веќе постојат. Лондон, Париз, Осло, Сингапур, сите инвестираат стотици милиони во изградба на велосипедски патеки, а некаде се размислува и за „велопатишта“ каде што може да се постигнуваат повисоки брзини, во посебна патна мрежа. Во Германија, на пример, се размислува на велосипедските патеки да се дозволат до 40 километри на час, што е брзина достижна за електричните велосипеди. Schaeffler не ја открива единствено цената, но таа не би требало да биде превисока.
















