за

BMW M5 со рекорд на кинеската патека за формула 1

bmw m5 shanghai

BMW M5 не е автомобил што ја завршува мисијата со појавување под салонски рефлектори. Работата на новата тркачка лимузина штотуку почнува. На патеката Шангај Интернешенел, петката постигна време од 2:22,828 минути. Тоа е побрзо од која било лимузина од сериско производство.

Тоа што првпат возеше по патеката во Шангај, па уште и по студена и влажна подлога, не му пречеше на фабричкиот возач Бруно Шпренглер да постави најбрзо време со новата генерација на BMW M5. Шампионот во ДТМ од 2012 година го собори досегашниот рекорд за пет секунди. Како што е редот, рекордот е поставен со сериски модел, без какви било преправки. Тоа е поентата на „петката“, таа да може да се вози во секојдневието, а пак да биде способна за брзи времиња по тркачка патека.

Тајната на BMW M5 е во одличниот баланс. Возилото реагира и на најмалото завртување на воланот. Погонот на сите тркала се грижи возењето да биде лесно. Новиот BMW M5 е полесен од претходникот, што е важно на тркачка патека, како во Шангај Бруно Шпренглер

За првпат во M5 се користи погонот на сите тркала M xDrive, којшто е развиен посебно за моделот. Предностите се во оптималните возни својства, коишто произлегуваат од прецизната управливост и врвната тракција. Срцето е 4,4-литарски V8 со 600 КС и вртежен момент од 750 Nm. Спринтот до сто трае 3,4 секунди, а за преносот е задолжен нов осумстепен M Steptronic. Комбинацијата се заокружува со мајсторски дотераното подвозје и со лесната конструкција, во којашто спаѓа и покривот од карбон.

Цената на М5 на германскиот пазар изнесува 117.900 евра. Меѓу опциите се нуди и пакет за тркачка патека, вклучувајќи карбон-керамички сопирачки, хауба од карбон и крајна брзина „ослободена“ на 305 километри на час, за 11.250 евра. Во пакетот влегува и возачки тренинг.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

volkswagen-e-golf-300km

Volkswagen воведува втора смена за електричниот Golf

mercedes g-class pozdravno vozenje 3

Мексиканска тура за збогување со G-Class