за

Првиот теренски автомобил на Škoda возеше уште пред 50 години

Прататкото на теренските модели на Škoda одбележува 50-годишнина. Пред половина век, на 2-ри декември 1966 година, во новозеландскиот град Отахуху започна производството на Trekka. До 1972 година беа произведени близу 3.000 примероци од лесното теренско возило.

Производителот на автомобили од Млада Болеслав е присутен на новозеландскиот пазар од најраните денови на автомобилизмот. Возилата од марката Laurin & Klement, којашто претходеше на денешната Skoda, се извезуваа во Нов Зеланд уште пред повеќе од 100 години.

Локалниот увозник Motor Industries International, во средината на 1950-те години ги добиваше возилата од Чешка во форма на таканаречени CKD-модули, од коишто потоа се составуваше конечното возило во повеќе новозеландски погони. На тој начин се избегнуваа високите царински и даночни оптоварувања, затоа што возилата се водеа како да се од домашно производство.

Skoda Trekka

Skoda Trekka беше развиено како издржливо и компактно возило за секојдневието на тамошните земјоделци, занаетчии и трговски претставници. Во конструирањето на лесниот теренец учествуваа повеќе локални погони, во соработка со фабриката во Млада Болеслав.

Шасијата потекмуваше од тогашната Skoda Octavia, со неколку преправки

Првите прототипи беа готови веќе во 1965 година, со дизајн потпишан од Јозеф Велебни, тогашен шеф за каросерии на чешката марка, како и од новозеландскиот дизајнер Џорџ Тејлор. Шасијата со централна цевна рамка и независно водење на тркалата потекнуваше од тогашната Skoda Octavia. Меѓуоскиното растојание за Trekka беше скусено од 2.389 на 2.165 милиметри, преносот во диференцијалот беше скусен од 4,78 на 5,25, растојанието од подлогата изнесуваше 190 милиметри. По избор на купувачот, во Trekka се вградуваше и блокада на диференцијал, за уште поголема теренска проодност.

Четирицилиндарскиот мотор со работна зафатнина од 1.221 cm3 беше вграден надолжно и располагаше со 47 КС при 4.500 вртежи. Највисокиот вртежен момент од 87 њутнметри се постигнуваше при 3.000 вртежи. Со синхронизиран четиристепен менувач, Skoda Trekka 105 постигнуваше крајна брзина од 110 km/h. Потрошувачката на гориво од околу 11 литри, тогаш се сметаше како примерна.

Не отсуствуваше ниту верзија за рекреирање по новозеландските плажи

На пазарот се нудеа најразлични изведби: Пикап со три врати и места за два до осум патници, верзија со платнен покрив, со пластичен покрив, комби и „соголема“ верзија за рекреација по новозеландските плажи. Каросеријата беше долга 3.590 mm, широка 1.600 mm и висока од 1.785 до 2040 mm. Тежината изнесуваше меѓу 920 и 980 килограми, корисната носивост се движеше меѓу 450 и 500 килограми.

Од 1966 до 1972 година беа изработени близу 3.000 примероци од Trekka, којшто е прв автомобил дизајниран и произведен во Нов Зеланд. Возилото се извезуваше и во Австралија, Фиџи, Самоа и Виетнам. Сличен модел се изработуваше и во Пакистан, кадешто во мај 1970 година се појави Skopak (Skoda Pakistan).

Чешката марка до денес се продава успешно во Нов Зеланд, исто како и во Австралија и во уште 100 земји низ светот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Rolls-Royce Cullinan пристига последен во бранот луксузни теренци

Moia е новата марка на Volkswagen за услуги за мобилност