за

За 25 години од Skoda Favorit до Skoda Superb

Марката Skoda е веќе 25 години дел од концернот Volkswagen. Од регионален лидер, чешката марка прерасна во глобален играч, продава шест пати повеќе возила и произведува во 14 фабрики.

Една од најуспешните фузии во автомобилската историја годинава го одбележува 25-от јубилеј. На 28-ми март 1991 беше потпишан договорот со кој „Skoda automobilová akciová spolecnost“ стана дел од концернот Volkswagen. За овој период, Skoda прерасна од регионален лидер во глобален играч присутен на над 100 пазари, со понуда од 40 моделски изведби и производство во четиринаесет фабрики на два континента.

Шефот Бернхард Мајер со претставувањето на студијата Vision S на салонот во Женева го најави идниот спортски теренец на база на Superb
Шефот Бернхард Мајер со претставувањето на студијата Vision S на салонот во Женева го најави идниот спортски теренец на база на Superb

Во почетокот на 1990-те години Skoda произведуваше по 200.000 возила годишно, со моделска палета којашто се состоеше од легендарната серија 120L со мотор назад и заден погон и од моделот Favorit, претставен во 1987 година, вклучувајќи ја и неговата комби изведба Forman. Пред фузијата со концернот Volkswagen, повеќе производители од Западна Европа и од светот беа заинтересирани за чешката марка, основана уште во пионерските денови на автомобилизмот во 1895 година. Во преговорите учествуваа високи претставници од чешкото стопанство и политиката, за во 1991 година да биде донесена одлука Skoda да се продаде на германскиот концерн.

Volkswagen уште претходно имаше пројавено интерес за марката од Млада Болеслав. Главниот инженер на Skoda, Петр Хрдличка, во 1987 година го претстави прототипот на новиот Skoda Favorit во Волфсбург, кадешто следеа интензивни тестирања на возилото. Потенцијалот што Германците го препознаа во новиот модел дополнително го поттикна интересот за чешката марка. Како силен адут на Skoda се ценеа и стручноста и искуството на персоналот.

Зголемувањето на продажбата на Skoda во минатите 25 години
Зголемувањето на продажбата на Skoda во минатите 25 години

На 9-ти декември 1990, чешката влада реши концернот Volkswagen да стане стратешки партнер на Skoda, за на 28-ми март следната година да следи потпишување на договорот. Volkswagen вложи 620 милиони германски марки за откуп на 31 процент од акциите на автомобилскиот производител од Млада Болеслав. Уделот на германскиот концерн се зголемуваше постепено и на 30-ти мај 2000 година тој стана стопроцентен сопственик на акциите во Skoda.

Во двеиполдеценискиот период се вложија 11 милијарди евра во развој на нови модели и во проширување на производствените погони. Освен во трите чешки фабрики во Млада Болеслав, Квасини и Врхлаби, Skoda денес се произведува и во фабриките на Volkswagen во Кина, Индија, Русија и Словачка, на што се надоврзуваат и двата погона за монтажа во Украина и Казахстан.

Новиот Superb е најдобриот модел во историјата на чешката марка и актуелен врв во најголемата моделска офанзива на Skoda
Новиот Superb е најдобриот модел во историјата на чешката марка и актуелен врв во најголемата моделска офанзива на Skoda

Од 1.055.500 произведени возила со знакот на Skoda во 2015 година, дури 92 проценти се испорачани за извоз. Најголем пазар за чешката марка веќе неколку години е Кина, каде што лани се продадоа 281.700 возила. Втор по големина е германскиот пазар, со 158.700 возила продадени возила лани и пазарен удел од 5,6 проценти. Таму Skoda веќе седум години е најпродавана увозна марка.

Во првите два месеца од годинава, Skoda забележа рекордна продажба од 170.300 возила (+4,5%), што следи по рекордот од 1.055.500 продадени возила лани и рекордниот промет од 12,5 милијарди евра. Овие бројки ќе се менуваат вртоглаво во претстојниот период, со најавата на моделска офанзива на Skoda во растечкиот сегмент на спортските теренци и кросовери. Веќе на салонот во Париз се очекува сериската верзија на новиот теренец кој ќе произлезе од студијата VisionS од Женева.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Ова се светските автомобили на годината: Mazda, BMW, Audi, Toyota

Најневеројатните самоделски зафати во автомобилите