За отстранување дефект на возилото не мора секогаш да се посетува сервисна работилница или да се бара стручна помош. Некои возачи се чини дека се снаоѓаат подобро од другите – и применуваат решенија што се на границата на разумот.
Времето и километражата оставаат траги врз возилото. Нормално е кај постарите возила да се појавуваат проблеми со светлата, корозија на каросеријата, истрошени сопирачки – секој дел подлежи на стареење и трошење. Некои возачи се решаваат сами да ги отстранат дефектите и се чини дека притоа повеќе ја користат фантазијата отколку разумот. Овие самоделски зафати се толку неверојатни, што само фотографија може да посведочи дека навистина се направени.
Спортските возачи сакаат подвозјето да биде круто колку е можно повеќе. Секако дека за тоа постојат специјални пружини и амортизери, коишто се посебно оптимирани и тестирани за одреден модел, но проблемот е што овие производи за тјунирање обично се доста скапи. Постои решение и за тоа. Некој досетлив и вешт возач се присетил да завари завртки меѓу прстените на пружините и на тој начин да го спречи амортизирањето. Како овој зафат влијае врз подобрувањето на возните својства? Катастрофално. Балансот на подвозјето се нарушува до толку што прашање е колку автомобилот може воопшто да се вози безбедно.
Пружините се како порачани за поправка за мајсторите-аматери, особено во случај кога ќе се скршат. Ако се превиди фактот дека пружините се меѓу клучните фактори за безбедноста во возењето, тогаш скршената пружина може да се поправи на навидум најлогичниот начин – со заварување. И тоа може да се повторува бескрајно… Секако дека заварувањето не е решение, затоа што откако еднаш ќе се наруши структурата на кованите пружини, помага единствено нивна замена.
Во недостиг на време, „мајсторот“ кај овој автомобил го монтирал новиот граничник на одот на пружината на оригинален начин. Место претходно да го отстрани целиот амортизер и да го замени дотрајаниот дел, тој се решил да го пресече граничникот, го вметнал отстрана на амортизерот и го прицврстил со стеги за кабел. Проблемот е во тоа што граничникот дејствува само кога е цел. Кога ќе се пресече, тој е исто толку нефункционален како и дефектниот дел пред поправката. Прашање е колку долго ќе издржат стегите за кабел…
При излети по терен може да се случи некој дел од возилото да се откачи и изгуби. На пример, пристапниот праг. Можеби и времето го изело. Како замена е избрано решение што повеќе е корисно како оружје, отколку како практичен и украсен елемент. Со острите рабови и лабавото прицврстување, оваа гола ламарина е опасна и за возачот и за пешаците.
Времињата кога дрвото се користеше и како носечки елемент во конструкцијата на возилата веќе одамна се минато. Дрвото денес се користи само за украс во кабината. Но, не секогаш. Кога листестите пружини ќе се истрошат или оштетат, зошто тие да не се заменат со обична дрвена летва на нивното место. Веројатноста дека дрвото ќе ги издржи оптоварувањата е еднакво на нула. Кога тогаш, дрвото ќе се скрши и целата конструкција на задната оска ќе се распадне. Очигледно постоела причина зошто челикот го заменила дрвото во автомобилската конструкција.
На некого и потпирачите за глава назад му се вишок или едноставно му се недоволно функционални, па во замена го искористил нивното место да вгради звучници.
Има лек и за протекувањето масло. Самоповиканиот мајстор прикачил пресечено грло од пластично шише да го собира маслото што протекува.
Слободното видно поле низ ветробранот е неважно – ако возачот добро го знае патот што го минува редовно. Можеби тоа си го помислил возачот на овој автомобил и на ветробранот закачил дури девет држачи за навигациски уреди, мобилни телефони, антирадари и кој знае уште што.
Некои дефекти се поправаат само со врвна досетливост. Ако светилката што предупредува за неисправност на системот за контрола на стабилноста трапка постојано и нервира при секое возење, тогаш проблемот се отстранува најлесно – со лепење мастика врз светилката!
За крај, пример за тоа до колку максимално може да се користат постоечките делови во возилото, сведочи овој пример. Сопирачкиот диск е толку истрошен што се поделил на два прстена, кои се држат само на еден преостанат крак. За вакви случаи, ништо не помага.
















