за

Тест: Mitsubishi Eclipse Cross 1.5 Intense 2WD

Има нешто во името Mitsubishi што влева почит кон возилата од оваа марка. Во салон, Eclipse Cross е „само“ згоден СУВ со купе опаш, сместен меѓу ASX и Outlander. Тој е ексклузивец како единствено компактно СУВ-купе што доаѓа надвор од триото Mercedes-Audi-BMW. Вообичаено за марката, овој е еден од оние уникатни автомобили, поради кои човек бара и најмала причина за повторно да седне и да го повози уште малку за тој ден.

Mitsubishi ја има таа практика што секогаш прави автомобилите да им се издвојуваат во масата. Кога тие конструираат лимузина, тогаш излегува Lancer Evo, кога се работи на теренец, се прави супертеренец од ковот на Pajero, а кога треба да се направи градски автомобил, тогаш во неговата кабина можат комотно да се сместат и кошаркари, како што беше во претходната генерација на Colt. Исто е со Eclipse Cross.

Тој не се вклопува точно во ниту една матрица и не остава впечаток дека е излезен од ист калап со моделите од конкуренцијата. Јапонците веќе имаат одличен модел во СУВ-компакт класата – класичарот ASX и во осмата година по премиерата не попушта во продажбата. Една класа погоре е Outlander, кој е лимузина меѓу теренците, со комфорното возење. Eclipse Cross, значи, ја пополнува празнината меѓу овие два модели. Колку би било погрешно тоа, овој автомобил да се опише само како „нешто“ меѓу ASX и Outlander.

Eclipse Cross е модел со посебен карактер во секој поглед, но во исто време ги поседува и традиционалните доблести на Mitsubishi

Ако маркава го има нешто поучено светов по сите години, тогаш е следново: Mitsubishi не прави модел според матрицата што пазарот ја бара во моментот, туку секогаш прави модел што сам си го бара својот пазар. Гледано лаички, Eclipse Cross е купе изведба на ASX, со остри и карактерни линии во формата на каросеријата. Меѓутоа, ниту каросериски, ниту во возењето, Eclipse не се покажува како копија на ASX или Outlander, иако сите три модели ја користат истата платформа GS.

Mitsubishi Eclipse Cross 15_2wd_test 00004

Доколку се споредуваат каросериите на двата модели, Eclipse Cross е 40 mm подолг, 35 mm поширок и 45 mm повисок од ASX. Меѓуоскиното растојание е исто, 2.670 милиметри. Во растојанието од подлогата, предноста е кај ASX, кој има +7 mm (190 mm). Тој ја задржува предноста и во багажникот, кадешто Eclipse Cross има 28 литри кусок (406 L кај ASX). Во тежината се покажува поголема разлика, Eclipse е 112 килограми потежок, има и поголема носивост (577 наспроти 509 kg), а приколка со сопирачки може да тежи најмногу до 1,6 тон (+300 kg).

Купе-изведби од своите СУВ модели во компакт класата си дозволуваат само уште премиум марките: BMW X2, Audi Q2, Mercedes GLA. И Mitsubishi Eclipse Cross

На тест ја имаме изведбата со 1,5-литарски бензинец, кој стандардно за марката користи технологија Mivec, односно брегасти вратила со два различни профили на брегови, со што се постигнува поголема флексибилност на моторот, односно се добива дополнителна економичност при ниски вртежи и зголемена моќност при високи вртежи. Јапонските инженери избрале и комбинација од директно впрскување на горивото и индиректно впрскување во вшмукувачката гранка. Тоа исто така оди во прилог на компромисот меѓу економичност и ефикасност. Сето тоа може да се опише и кусо: Кога се бара штедливост, таа ќе се добие, кога повеќе се бара моќност и динамика, и тие ќе бидат послужени во 1,5 Mivec. Оваа јапонска машина практично има два независни системи за впрскување на гориво. Мајсторијата на Mitsu е што тоа не се покажува во цената на Cross.

Станува збор за долгооден мотор, со 84,8 милиметри óд на клиповите, наспроти 75,0 милиметри пречник. Тоа што теоретски се очекува од овој мотор, како еластичност, се потврдува и во возењето, иако главно менувачот CVT е тој што се грижи возењето постојано да биде мазно и релаксирачко.

По излегување од град, човек махинално посегнува по темпоматот и уживањето може да почне, но некогаш во возењето, возачот ќе го погледне знакот на марката и ќе се присети дека автомобилов има и спортски гени – тоа исто така е уште една форма на уживање

По седнувањето, Mitsubishi дозволува возачот да се чувствува како на познат терен. Сé е на место за човек што ја познава марката, сé е прегледно и јасно за ракување, нема нешто да се издвои како недостаток или пропуст. Подвозјето работи пристојно, иако Eclipse Cross вози со бандажи од 18 инчи и гуми со профил 55. Впечатокот дека се седи во механички зрел и вешто изработен автомобил останува и по излегувањето на автопат. Со довербата што веднаш ја стекнува во автомобилот, на возачот му преостанува само да го вклучи темпоматот и да не се грижи повеќе за ништо. Тоа секако не значи дека „И-Си“ е здодевен автомобил, затоа што пак се чувствуваат спортските гени што ги носи секој Mitsubishi. Меѓутоа, нас прво нé интересира друго.

Eclipse Cross е СУВ-модел во компакт класата, каде што дизел мотор под хаубата се подразбира речиси како стандард, исто како магленки или алуминиумски бандажи. Но, што ако работите во меѓувреме се смениле драстично и останале само предрасуди од „правилото“ дека автомобил од оваа класа и од овој сегмент мора да вози со дизел мотор под хаубата? Ние ќе го провериме тоа.

Сосем беа доволни сто километри возење строго во градски сообраќај. Дури, повеќе од доволни, затоа што сто километри извозени одеднаш по градски улици и од семафор до семафор, значи околу три часови возење. Времето е исто како да се извози по празен пат до Охрид и назад, но притоа замарањето е значително поголемо.

Целта беше да ја измериме потрошувачката на гориво, при нормално возење, што значи без премногу штедење, но и без премногу притискање. Основата на штедливото возење е чиста спротивност на ситуацијата што се доживува секој ден по нашите улици. Место да забрзуваме за да бидеме први на следниот семафор и да се спровнуваме од една во друга лента како на трка, што е вообичаена практика, ние домаќински ја извозевме оваа „маратонска“ тура низ град. Тоа значи, приближно предвидување на вклучувањето на семафорот, и генерално, будно следење на ситуацијата напред.

За многумина е изненадување кога ќе дознаат дека патниот компјутер не е прецизен мерен инструмент, туку само приближно ја прикажува просечната или моменталната потрошувачка, врз основа на одредени влезни вредности

Почнувајќи од над 12 литри на сто километри по пет километри од стартот, вредноста за просечната потрошувачка се смалуваше приближно за по еден литар на секои десет километри. По половина од предвидената тура од 100 километри, на патниот компјутер добивме вредност под 8 литри, којашто потоа остана непроменета до крајот на возењето во град. Секако дека вредностите што се покажуваат во почетокот од возењето се далеку од реалноста, затоа што патниот компјутер не е прецизен мерен инструмент, туку само приближно ја пресметува вредноста врз основа на времетрањето на отворањето на инјекторите за гориво и поминатиот пат. Прикажаната вредност на патниот компјутер се приближува до реалната дури по одреден број километри – но, само доколку се вози во исти услови.

По педесетина километри, просекот постојано се одржуваше малку под осум литри. Клима-уредот беше вклучен постојано, при надворешни температури на праг под 30 степени Целзиусови. Тоа дополнително оди во прилог на веродостојноста на ова наше навидум кусо, но сосем доволно возење во град за мерење на просечната потрошувачка.

По бројните форуми на социјалните мрежи и по блоговите може да се сретнат секакви теории и искуства што ја спомнуваат чувствителната тема околу потрошувачката на гориво, меѓутоа при оценувањето на нивната точност и издржаност, мора да се има предвид дека станува збор за истата таа проблематика којашто (порано) ги разликуваше двојкашите и петкашите.

Како блиц-резиме: Нашите приближно осум литри бензин на сто километри во градско возење на Mitsubishi Eclipse Cross го потврдуваат изборот на растечкиот круг на сопственици на компактни СУВ-модели (и кај нас), кои се решаваат за бензински мотор, место да доплаќаат неколку илјади евра за дизел мотор што никогаш нема да го отплатат.

Mitsubishi никогаш не понудил „обична“ погонска техника, неговите модели во тој поглед секогаш се издвојуваат над просекот, без разлика дали се работи за Space Star или за плагин-хибриден Outlander

Предрасудите се тие што ја внесуваат „забуната“, а против предрасудите помагаат единствено фактите. Во случај на Mitsubishi и на неговиот Eclipse Cross се докажува следното: Факт е дека бензинските мотори во изминативе години го достигнаа технолошкото ниво на дизел моторите, со турбонатполнење, директно впрскување и вод под висок притисок, инјектори со повеќе отвори и интелигентни стратегии на термо-менаџмент. Сето тоа придонесе овој СУВ висок 1,7 метар и тежок над 1,5 тон да биде способен да извози 100 километри во град со помалку од осум литри гориво.

Тој дел е готов: Предрасудите се надминати, светот може спокојно да си сочува по неколку илјади евра во домашниот буџет, откако е побиено уверувањето дека модел од оваа класа и од овој сегмент мора да вози со дизел. Но, истите може да се вложат во опрема, или уште подобро, во менувач CVT. Развојот и усовршувањето на оваа техника доведоа менувачите со постојано променлив преносен однос во работата да не се разликуваат премногу од класичниот автоматик со претворач на вртежниот момент или од менувач со двојна спојка.

Кај тест возилово, CVT-менувачот се покажа како предност од две гледишта. Прво, возењето три часови без прекин во скопскиот сообраќај беше помал „предизвик“ поради немањето потреба да се посегнува по менувачот, а второ, самиот менувач исто така помага да се одржува ниска потрошувачка, затоа што постојано го држи моторот во оптималното работно подрачје. Повеќе како специфичност, отколку недостаток, кај овој вид менувач уште се јавува фамозното „завивање“ кога ќе се притисне силно врз гасот. Меѓутоа, покрај 280 њутнметри што ги испорачува уште при 2.400 вртежи, 1,5-литарецот забрзува комотно и достоинствено уште при средни вртежи. Апсолутно нема потреба моторот да се тера во крајното работно подрачје. Менувачот CVT всушност се надоврзува совршено на карактерот што овој познат мотор на Mitsubishi го покажува во возењето.

За останатите возни квалитети на „теренскиот“ Eclipse (името претходно му припаѓаше на култното компактно купе) нема потреба од долги објаснувања. Подвозјето сака квалитетна подлога, а јавува звуци оздола единствено кога има груби нерамнини во подлогата. Тоа во дел се должи на 18-те инчи на бандажите, во комбинација со гуми со профил 55. Од друга страна, подвозјето поседува и спортски карактер и Cross е подготвен да ги задоволи и барањата за динамнично возење. Управувањето работи примерно, страничното навалување во свијоци не е драматично, а нема ниту непријатни изненадувања или потреба да се разбуди контролата на стабилноста, ако возачот направи груба грешка.

Тоа што осетно се издвојува Mitsu е дозирањето на сопирачките. На овој тест се докажа дека добрите сопирачки во голем дел учествуваат во општото чувство во возењето, особено во градски услови. Тука се покажуваат спортските гени на марката. Нема знаци на прегревање ниту при подолго спуштање по надолнина, сопирачките на Eclipse Cross дефинитивно се шампионски.

Eclipse Cross е веродостојно продолжение на поглавјето со Lancer, кој во најдобрите негови времиња на македонскиот пазар се продаваше во околу 500 примероци – годишно! Секако, овој е СУВ-купе, Lancer беше лимузина над компакт класата, но во карактерот на двата различни модели се чувствува истиот печат на марката

Поглавјето за комфорот, како во поглед на акустиката, така и во поглед на амортизацијата и седењето, може комплетно да се прескокне со еден опис: Беспрекорно за класата. Нешто повеќе објаснување може да добие просторноста. Задната клупа лизга 20 сантиметри по должина, со цел да се добие повеќе простор за нозе или повеќе простор за багаж. Во првиот случај, назад во Cross може да се залегне како во лимузина од висока класа, па дури и со прекрстени нозе. Повеќе од една педа празен простор пред колената останува дури и кога клупата е наместена најнапред.

И прегледноста, тоа е уште поглавје што се покажува како силна страна. Тоа што личи како стилска вежба, со задното стакло што завршува ниско во задниот капак, всушност е мошне практично при паркирање или маневрирање наназад. Секако дека Mitsubishi поседува и камера за рикверц, но ова е еден од ретките автомобили во класата што нема да го претвори секојдневието во измачување, доколку немаше камера. Профитира и прегледноста во средишниот ретровизор.

Јапонските производители во последниве години не се покажуваат особено агилни околу редизајнирањето на сите прекинувачи или користењето материјали што само ќе личат како да доаѓаат од луксузните лимузини. Прекинувачите на воланот, командите за климата, формата на отворите за воздух, инструментите, легендарното поле со прекинувачи лево под воланот, командите за ретровизорите, рачките зад воланот, посебно инструментите – сето тоа изгледа исто со години наназад. Дали тоа пречи? Принципот на Mitsubishi & Co и натаму предвидува возилото да издржи стотици илјади километри без мака и без големи дефекти. Колку тогаш се важни прекинувачите што се убави само на слика?

Секако дека постојат подрачја во кои стилистите на Mitsubishi оставиле свој печат, на пример финишот во клавирски лак на средишната конзола и воланот, или фино изработениот релјеф на површините со мат-хромиран финиш. Тука ќе заклучиме: Тоа што се оценува според автомобилските критериуми, во Mitsubishi Eclipse Cross е изведено маестрално, тоа што се оценува од гледиште на архитектите за домашно уредување, изведено е автомобилски.

За една петина пониска цена во споредба со слично опремените, а послабо моторизирани СУВ-модели. Eclipse Cross е меѓу понудите со најдобра противвредност во СУВ-сегментот

Во поглед на опременоста, тестираниот примерок е во средното ниво Intense и воедно прво ниво во коешто е достапен менувач CVT. Редовната цена според актуелниот ценовник на Мак Аутостар изнесува 28.480 евра, што е за околу 20% под цената на конкуренцијата (Peugeot 3008, Opel Grandland X & Co). Кој цени дека мануелниот менувач е подобро решение, исто како и класична рачка за паркирната сопирачка, и ги цени како луксуз диодните светла, хромираните детали, двозонската работа за автоматската клима (што и натаму е стандард во основното ниво), паркинг сензорите, проекцискиот дисплеј (!), копчето за старт, напредниот инфо-забавен систем со ракување со сензорското поле, паркинг сензорите или дополнителната звучна изолација на ветробранот, тогаш ќе помине и со 23.980 евра за основното ниво Invite. Моторот со 163 КС останува, заедно со сите доблести и речиси николкуте забелешки за Eclipse Cross.

Основното ниво на опрема и натаму останува богато, многу богато: Автоматски клима уред, радио со команди на волан, пристап без клуч, кровни шини за багажник, алу-бандажи 18 инчи, кожа на волан и на рачка на менувач, темпомат, говорни команди, потпирач за рака напред, камера за рикверц, автоматско долго светло, магленки и сензор за бришачи.

На спротивниот крај е врвното ниво на опременост Instyle, со цена од 33.480 евра, но затоа со менувач CVT и погон на сите тркала, кожен ентериер, грејачи во сите седишта и електрично местење на предни седишта, камера за снаци, радарски темпомат, озвучување Rockford Fosgate, сончев покрив, греење на волан и на ветробран, приказ на возилото од птичја перспектива. Во тој случај, преостанува само уште една опција: Фамозната црвена дијамантска боја, што е специјалитет на Mitsubishi.

Eclipse Cross е специјалист во понудата од СУВ-модели на Mitsubishi

Mitsubishi Eclipse Cross во понудата од модели на марката со трите дијаманти е позициониран како специјалист. Колку што тоа се однесува на препознатливата и згодна појава, толку повеќе тоа се однесува на возењето, што совршено го прикажува распоредот на силите во триото ASX-EclipseCross-Outlander. Динамичниот изглед е само отслик на карактерот на возилото. Компактниот СУВ-купе е спортски, но во исто време има и дополнителна префинетост, како што отсекогаш било кај традиционалните купе-возила. E.Cross го пренесува тоа чувство меѓу СУВ-моделите. Секојдневието е пријатно со овој Mitsubishi, тоа е еден од оние автомобили за коишто некогаш и не толку потсвесно се бара причина да се стартуваат и да се извозат уште малку тој ден. Најпријатното изненадување е моќниот, штедлив и технолошки супериорен бензинец, покрај кого што опцијата за дизелот од 2,2 литри станува неинтересна.

https://www.facebook.com/412251675493451/videos/1181098672237794/

Цени за моделот во Мак Аутостар:

ECLIPSE CROSS 1.5 2WD 6MT INVITE · 23.980 евра
ECLIPSE CROSS 1.5 2WD 6MT INTENSE · 26.480 евра
ECLIPSE CROSS 1.5 2WD CVT INTENSE ·  28.480 евра
ECLIPSE CROSS 1.5 4WD CVT INTENSE+ · 30.480 евра
ECLIPSE CROSS 1.5 4WD CVT INSTYLE · 33.480 евра

Технички податоци · Mitsubishi Eclipse Cross 1.5 CVT 2WD

  • Мотор 1.5 Mivec TC, Euro 6d (Код 4B40)
  • Зафатнина 1499 ccm
  • Моќност 163 КС при 5500/min
  • Вртежен момент 250 Nm од 2400 до 4500/min
Димензии и тежини
  • Д х Ш х В 4405 х 1805 х 1685 mm
  • Меѓуоскино растојание 2670 mm
  • Предна и задна трага 1545 mm
  • Растојание од подлога 183 mm
  • Празно возило 1425-1560 kg
  • Багажник 341-448 L
Перформанси
  • Крајна брзина 200 km/h
  • 0-100 km/h за 9,7 s
  • Потрошувачка
  • град / пат / просек 7,9 / 7,1 / 6,5 L/100 km
  • CO2 162 g/km
  • Резервоар 63 L
Гаранции
  • 5 години/100.000 km на техника
  • 12 години заштита од корозија
  • 24h бесплатна помош во Македонија и Европа

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Првиот BMW X5 бил нацртан за два часа

Првиот BMW X5 бил нацртан за два часа

Skoda локации

Од Монте Карло до Нов Зеланд: Најважните места во историјата на Skoda