за

Mercedes-AMG GLC 43 Coupé ја извлекува целосната динамика од креацијата на македонскиот дизајнер

Купе верзијата на Mercedes GLC е замислена како динамична изведба на стандардниот модел и сосема е природно тоа што и под нејзината хауба сега проработува битурбо моторот со 367 КС, заедно со сите останати состојки што пристигаат со ознаката AMG. Сето тоа ја извлекува полната динамика од креацијата на македонскиот дизајнер Славче Таневски.

Mercedes ја крунисува понудата на GLC Coupe со спортска верзија во режија на AMG Performance. Исто како и претходно во стандардниот GLC, под хаубата во GLC 43 4Matic Coupe проработува трилитарски V6 со битурбо натполнење и 367 КС, што следува заедно со автоматски менувач 9G-Tronic и погон на сите тркала со нагласок на задната оска. За подвојзето да се носи со импресивната моќност, GLC 43 Coupe поседува повеќекоморна пневматска амортизација. Спортската ориентација не го спречува ова GLC Coupe повремено да направи и излети по теренот. Со притискање копче, растојанието од подлогата се зголемува, а дополнително и пневматското дотерување на нивото се грижи ова растојание да се одржува константно.

Mercedes-AMG GLC 43 4MATIC Coupe

Трилитарскиот V6 веќе работи во бројни модели на AMG Performance. За моќноста од 367 КС и вртежниот момент од 520 њутнметри се грижи притисокот на натполнење што е зголемен на 1,1 бар наспроти стандардната верзија на моторот. Соодветно е дотеран и 9G-Tronic, со скусено време за промена на степените, што го дополнува функција на меѓугас, преку точно дефинирани зафати во палењето.

Приспособливата пневматска амортизација е специјалност на GLC Coupe

Инженерите во Афалтербах развија посебно спортско подвозје врз основа на пневматската амортизација Air Body Control, со цел да се постигнат поголема агилност, неутрални возни својства и повисока тракција и при екстремни услови на возење. На возачот му стојат на избор четири програми: Во комфорната програма, GLC 43 Coupe се однесува неутрално или со незначително подуправување, во „Спорт“ се скрутува амортизацијата и се намалуваат движењата на каросеријата, додека во „Спорт плус“ следува уште покрута амортизација и екстремни возни својства, со различен степен на крутост на предната и задната оска. При нагло одземање гас, во брзи свијоци и при силно забрзување или сопирање, овие степени на крутост се менуваат според условите, за да се постигне уште поголема стабилност и движењата на каросеријата да се сведат на мининум.

Mercedes-AMG GLC 43 4MATIC Coupe

Со распределба на вртежниот момент во сооднос од 31 проценти на предната и 69 проценти на задната оска е јасно дека погонот 4Matic е ориентиран кон врвна динамика во возењето, со нагласок на задниот погон. Покрај тоа, ламеласта спојка со блокада од 50 њутнметри се грижи моќта да се пренесува на сите четири тркала и при возење на снег или мраз. Со контролирано сопирање на одделно тркало при поаѓање и возење по подлога со различна лизгавост се гарантира оптимална тракција.

Дополнително на располагање и четири програми за приспособливото подвозје

Карактерот на GLC 43 Coupe може да се приспособува и преку четирите програми на активната контрола на подвозјето Dynamic Select. Со избор на комфорна, спортска, спортска плус и штедлива програма може соодветно да се менува реакцијата на моторот, менувачот, подвозјето и управувањето. Спортското параметарско управување со променлив преносен однос исто така е дел од пакетот, дополнително со можност за избор меѓу комфорна или спортска програма.

Mercedes-AMG GLC 43 4MATIC Coupe

Спорсткиот модел во гамата на Mercedes GLC Coupe ќе доживее светска премиера на 28-ми септември, на салонот во Париз. Mercedes стартува со нарачки во почетокот на октомври, а првите испораки следуваат веќе во декември. Претходно, во салонот за Mercedes на Мак Аутостар ќе присуствува дизајнерот Славче Таневски, кој во изминативе неколку години постигна впечатлив напредок во кариерата во Mercedes, сé до GLC Coupe, како негова прва целосна креација.

[FAG id=25387]

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вака се развиваше безбедноста: Од Seat 600 до Ibiza со 6 воздушни перници

Јубилеј на бестселерот на Škoda: Дваесет години од првата Octavia