за

Новата Mercedes E-Class во Германија почнува од 61.999 евра

Секоја E-Class стандардно доаѓа во изведба Avantgarde Advanced, со напредни диодни светла, навигација и дисплеј од 14 инчи, задна камера, пристап без клуч – тоа е само почетокот.

Штутгарт го објави германскиот ценовник за главната новина годинава, не само за Mercedes, туку и за целата автомобилска сцена. Новата E-Class, генерација W214, во почетокот е достапна како E200, E220 d и E220 4Matic. Опремата доаѓа во пакети, слично како кај помалата C-Class, како и вообичаено, списокот на дополнителна опрема е обемен – конретно, 84 страници.

Следи уште едно важно поглавје за новата генерација на Mercedes-Benz E-Class, по објавувањето на фотографиите и набројувањето на главните одлики на W 214. Сега е објавен германскиот ценовник, потоа следи салонска премиера – веројатно во Мак Аутостар во истиот ден како во повеќето германски салони – и испорака на првите нарачани примероци.

Техниката и дизајнот беа предмет на претходните објави во Аутомедиа, овојпат главниот интерес се цените и ставките од сериската и дополнителната опрема. Има голема промена во изведбите на E-Class, по пример на C-Class. Лимузината од вишата класа стандардно доаѓа во изведба Avantgarde Advanced. Може да се избере уште AMG Line Advanced/Premium или Exclusive Premium.

Цените на Mercedes-Benz E-Class (W 214) во Германија:

  • E200 Avantgarde Advanced 61.999 евра
  • E220d Avantgarde Advanced 64.319 евра
  • E200d 4Matic Avantgarde Advanced 67.056 евра

Секоја од овие три изведби, понатаму има подизведби. Тоа првично изгледа како да е непотребно комплицирање, но секако дека има своја причина. Кај изведбата Avantgarde Advanced, може да се доплати за подизведба Advanced Plus. Изведбата Exclusive Premium може да се „догради“ во Premium Plus. AMG Line ги вклучува сите подизведби, Advanced и Premium, и нивните Plus-изведби.

Дел од стандардните ставки кај Avantgarde Advanced:

Дигитални инструменти од 12,3 инчи
Средишен дисплеј од 14,4 инчи
Безжичен полнач за телефон
Соборлива задна клупа
Автоматско долго светло
Греење на предни седишта
Навигација
Вчитување софтвер по пат на OTA (како кај мобилен)
Камера за знаци
Осветлена површина околу возилото со проектирано лого
Диодни светла со високи перформанси
Стандардно црна металик боја
Тркала од лесен метал од 17 инчи
Напа-кожа на волан
Дрвени украси
Велурни патосници
Радарски темпомат
Сензори за паркирање
Приспособливо подвозје Agility Control
Пристап без клуч
… и уште бројни ставки

Кој сака да го надгради ова ниво, следно може да избере Avantgarde Advanced Plus, коешто дополнително доаѓа со камера со 360 степени, навигација со унапредена реалност, осветлени лајсни на праговите, меморија за седиштата и дигитални светла. Доплатата во тој случај: 3.611 евра според германскиот ценовник.

Главните разлики кај AMG Line Advanced, секако дека се забележливи и во надворешната појава и во кабината, но на тоа следат уште дополнително затемнети стакла со топлинска изолација, поголеми сопирачки дискови напред, тркала од 19 инчи, спортски педали, спортски седишта. Кај AMG Line Advanced Plus се добива истото тоа што е „плус“ во Avantgarde Advanced Plus.

Ѕвезда на хаубата место во маската, кај E-Class Exclusive

Врвната изведба е Exclusive Premium, каде што исто така има разлики во надворешноста и внатрешноста. Exclusive главно ги содржи истите ставки како AMG Advanced, и на тоа додава врвен аудио систем Burmester, пакет за акустичен комфор, амбиентално осветлување што ја следи музиката и унапреден пристап без клуч. Кожата тука е стандард, кај останатите е стандард вештачка кожа со платно. Во споредба со Avantgarde Advanced, за Premium се доплаќа 10.781 евра, за Premium Plus 17.118 евра.

Врв претставува комбинацијата од AMG Line и Premium. Во тој случај треба да се смета на 18.474 евра повеќе отколку за Avantgarde Advanced. Опремата тука: Дигитални светла со проекција на знаци врз патот, осветлена маска, сончев покрив, проекциски дисплеј, 3D-дигитални инструменти, пакет Energizing.

„Драмата“ почнува со списокот на дополнителна опрема

Прва ставка за надградба на стилот и изгледот е Night Paket (360 евра), со обем познат од останатите моделски серии. За каросеријата може да се избира меѓу три Manufaktur-лакови, вклучувајќи и мат сива за 3.689 евра. Останатите две изведби чинат 1.178 евра (црвена и бисерно бела). Металикот е бесплатен.

Следен чекор е избор на материјалот за обложување на средишната конзола. Тука се избира меѓу јасен со заднинско осветлување, црн клавирски лак, јавор, метал и специјален клавирски лак во ивзедба на Manufaktur. Цените се движат од 178 до 773 евра.

Останатите ставки:

  • MBUX Hyperscreen 1.773 евра
  • Климатизирани предни седишта 880 евра
  • Сервомотори за затворање на вратите 654 евра
  • Осветлена маска 476 евра
  • Airmatic суспензија 1.785 евра
  • Кожени седишта 3.332 евра
  • Полу-автопилот 2.540 евра
  • Управувана задна оска 3.320 евра
  • Пакет Energizing Plus 3.921 евра
  • Тркала од 21 инчи, од 2.499 евра

Во септември ќе бидат достапни и останатите моделски изведби, вклучувајќи ги хибридните изведви E 300e и E 400e 4Matic. Во октомври ќе следи уште еден круг дополнување на гамата.

Во меѓувреме, Мак Аутостар почна со испорака на освежените GLE и GLE Coupe

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Defender доби официјален профил на ТикТок

Марките на Fiat се подготвуваат за моќно враќање на сцената