Марките на Fiat се подготвуваат за моќно враќање на сцената

Fiat, Maserati, Lancia, Alfa Romeo: Сите овие марки имаат славно минато, но реалноста за дел од нив не изгледа толку сјајно. Во концернот Stellantis, каде што доминираат Французите, италијанските марки се надеваат дека ќе ги вратат силните позиции на сцената. Сега стануваат видливи првите резултати.

Слабеењето на моќта на Fiat, некогашен предводник и главен иноватор на сцената, почна уште во 1980-те години. Шефот на концернот, Серџо Маркионе, успеа да го спаси концернот од натамошно слабеење. Вешт менаџерски потег беше преземањето на Jeep, Ram и Dodge, марки на Chrysler. Посебно Jeep почна да носи голема добивка во тогашниот Fiat Chrysler Automobiles, кусо FCA. Проблемот беше тоа што малку се вложуваше во нови модели и во електрификација на погонот. Тоа доведе до скусување и застарување на понудата од модели.

Fiat денес е на 18-то место во светски рамки. Продажбата во 2022 година се скуси за 6,8 проценти, со 1,17 милион возила (вклучувајќи доставни возила, фургони). Во првото полугодие од 2023, продажбата почна повторно да расте и достигна 645.000 возила, што е раст од 10 проценти. Fiat денес е најпродавана марка во целиот концерн Stellantis.

Расте и продажбата на Maserati

Повеќе од половината од продажбата во 2022 година беше постигната во Бразил (430.000 возила, Fiat стратешки инвестираше во моторите што работат на етанол, главното гориво во земјата) и во Италија (221.000 возила).

Fiat 500, којшто се нуди во повеќе изведби, се продава шампионски. Елеткричната изведба Nuova 500, односно 500e кај нас, постигнува мошне впечатливо присуство на пазарот на возила со погон на струја во Европа. Во Италија главно се продава легендарната Panda. Од вкупната продажба, 84 проценти отпаѓаат на симпатичниот модел, конкретно 137.000 возила. Новини се електричниот Fiat 600 и квадрициклот Topolino, исто така на струја.

Шефот на марката, Оливие Франсоа, кажува претпазливо: „Направивме Fiat повторно да биде профитабилен и да биде повеќе застапен на светскиот пазар од кога било досега.“ Тоа важи условно. Освен во Италија (12,8 проценти) и во Бразил (22 проценти), Fiat постигнува толку висок удел во продажбата само уште во Турција, каде што на италијанската и одамна одомаќена марка, отпаѓаат 18,2 проценти од пазарот.

Fiat Panda во нашиот каталог за автомобили АВТОСАЛОН.МК

Fiat Panda 1.0 GSE 70

Најголемиот дел од продажбата се темели на два модели, на Fiat 500 и на доставното возило Ducato. Франсоа кажува за тоа: „Благодарение на синергиите и можностите што ги нуди групацијата, Fiat во следните три години повторно ќе биде мерило за останатите и вистинска Love Brand.“

Луксузната марка Maserati по долги години во загуба и пад во продажбата, во 2021 година престана да пишува со црвени бројки во билансот од работењето. Благодарение на новиот СУВ-модел Grecale, на MC20 и на родстерот MC20 Spyder Cielo, продажбата во првото полугодие се зголеми за 42 проценти, на 15.300 возила. Добивката се зголеми на 9,2 проценти. Почнато е со воведување хибридни и електрични модели во понудата. Stellantis ќе вложи 2,5 милијарди евра и цели маржата да ја зголеми на 15 проценти. Планот на Маркионе, Maserati да продава 100.000 возила, сепак останува неостварлив.

Планирани се голем број нови модели

Шефот на Alfa Romeo, Жан Филип Импарато, не сака да предвидува многу оптимистички. Некогашната култна марка до неодамна имаше само два модели во понудата, Giulia, наследничка на една од највредните моделски лози во историјата на автомобилизмот, и нејзината СУВ-изведба Stelvio.

Видеото од турата што лани ја извозевме со Alfa Romeo Tonale до Мариово

Нов елан во марката внесе компактниот СУВ-модел Tonale, којшто е конструиран врз платформа од Jeep Compass и Renegade. Следен новитет е СУВ-модел од градската класа, веројатно со име Brennero. Во 2020 година беа продадени 36.526 возила од марката, а само во првиот квартал од 2023 година, продажбата достигна речиси половина од продажбата во годината во којашто браншата беше погодена „само“ од пандемијата. Во првото полугодие, Alfa Romeo продаде за 57 проценти повеќе возила од истиот период лани.

Lancia Pu+Ra HPE

Lancia некогаш беше поим за елеганција и за успеси во мотоспортот. Луксузната марка денес е присутна исклучиво на домашниот пазар, каде што продава само еден модел, веќе застарениот Ypsilon. И покрај тоа, бројките се импресивни. Во 2022 година, Lancia продаде 41.000 возила, повеќе и од Alfa, завршувајќи ја годината како втора најпродаван марка во Италија.

Планирани се нови модели, коишто ќе ги користат платформите на Stellantis. Веќе в година доаѓа новата генерација на Ypsilon, а потоа се на ред компактен СУВ и лимузина со електричен погон. Во моментов се организира нова продажна мрежа во пет земји во Европа.

Претходна објаваНовата Mercedes E-Class во Германија почнува од 61.999 евра
Следна објаваШтрајкот во Hyundai може да го чини производителот над 750 милиони долари загуба

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here