за

Daimler и Renault градат заедничка фабрика во Мексико

По пет години од стартот на соработката, Daimler и алијансата Renault-Nissan започнаа со изградба на заедничка фабрика во Мексико. Таму од 2017 година ќе се произведуваат компактните модели на Infiniti, а потоа и на Mercedes.

Пет години по почетокот на обемната соработка, германскиот Daimler и француско-јапонската алијанса Renault-Nissan го поставија камен темелникот на заедничката фабрика во Централно Мексико, во Агуаскаљиентес. Фабриката ќе има капацитет за 230.000 возила годишно и ќе создаде 3.600 нови работни места.

Во Агуаскаљиентес од 2017 година ќе се произведуваат компактните модели на Infiniti, благородна марка на Nissan, за една година подоцна да стартува и производство на моделите на Mercedes. Со фабриката ќе раководи посебно формираниот заеднички инвестициски проект Compas (Cooperation Manufacturing Plant Aguascalientes), со 50-процентно учество на обата партнера. Инвестицијата ќе изнесува една милијарда долари. Според мексиканските медиуми, на Mercedes и Infiniti ќе им припадне по половина удел во продукцијата во фабриката.

Во непосредна близина се наоѓа фабриката на Nissan

Фабриката се наоѓа во непосредна близина на веќе постоечки погон на Nissan. Откако фабриката ќе го постигне полниот капацитет во 2020 година, во неа ќе работат 3.600 лица. На тоа ќе се надоврзат и погоните на добавувачите, со 12.000 индиректно поврзани работни места. Daimler и Renault-Nissan уште лани најавија дека планираат заедничко производство на компактни автомобили. Во сегментот на компактните возила владее остра конкуренција и мора да се калкулира мошне вешто, заради постигнување профитабилност. Партнерите ќе работат заеднички и на развојот на новите компактни модели од луксузниот сегмент.

Симболично претставување на германско-мексиканската-јапонска соработка во фабриката на Daimler и Nissan во Агуаскаљиентес

Симболично претставување на германско-мексиканско-јапонската соработка во фабриката на Daimler и Nissan во Агуаскаљиентес

Nissan е водечка марка на мексиканскиот пазар

Daimler во моментов вработува 8.000 лица во Мексико. Во Салтиљо постои фабрика за автобуси и камиони, во Сан Луис Потоси се наоѓа голем дистрибутивен центар за делови, а во Толука е лоцирана уште една фабрика за ре-монтажа, како и центар за испорака на производи и за обука. Nissan, пак, во Агуаскаљиентес произведува уште од 1992 година. Во ноември 2013, Јапонците отворија втор производствен комплекс на оваа локација. Покрај тоа, Nissan располага со уште една фабрика во Куернавака. Овие три фабрики заедно имаат капацитет за 850.000 возила годишно. Јапонската марка е пазарен лидер во Мексико со удел од 25 проценти.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Фотографии од новиот Renault Megane премиерно на италијански блог

Сега и SONY планира да произведува сопствен автомобил