за ,

Електричен автомобил на солена вода прави голема сензација

https://automedia.mk/wp-content/uploads/QUANT_WALCH_N2A7799_2-e1406884120461.jpg

Електричен автомобил што постигнува 350 km/h и има енергија за 600 километри – звучи неверојатно? Quant е-Sportlimousine сепак е реалност и на најдобар пат е да влезе во производство.

Необичниот електричен автомобил на тогаш анонимната марка Quant прв пат се појави во јавноста за време на последниот салон во Женева. Тогаш изгледаше дека иновативниот погон на струја на фирмата Nanoflowcell од Лихтенштајн ветува премногу добри работи за да биде реалност. Некаде мораше да постои некаков недостаток, моделот со име e-Sportlimousine требаше веќе да биде заборавен. Но, деновиве продолжува приказната за електричниот автомобил што користи солена вода место батерии.

Германскиот TUV му издаде атест на електромобилот, со што тој ќе може слободно да вози по улиците, иако засега е изработен во само еден примерок – и има непроценлива вредност. Токму овој атест е основа за натамошниот пат на Quant до добивањето на хомологацијата и до почетокот на сериското производство на e-Sportlimousine. Секој нов модел од кој било производител на автомобили мора да помине низ овој процес, во којшто се проверува дали техничките детали на возилото соодветствуваат на законските прописи, почнувајќи од сопирачките, преку светлата, до безбедносните ремени.

Но, што е толку особено во оваа e-Sportlimousine? Многу! Станува збор за првиот автомобил со погон со течни ќелии и за техника што ќе воведе досега невидена револуција во погонот на струја. „Ние сме многу брзи, полни со елан, ги надминуваме границите и сме чекор пред нашето време“, последно изјави Нунцио Ла Векија, шеф за техника во Nanoflowcell и конструктор на прототипот.

QUANT_WALCH_N2A7799_2

При премиерата во Женева, електричниот спортски автомобил беше паркиран веднаш покрај штандот на Tesla. Доколку се реализираат плановите, хомологацијата за возилото да биде издадена во текот на следната година, тоа ќе биде почеток на големата војна со американскиот специјалист за електричен погон.

Прототипот е дог 5,25 метри и во него се крие трајна моќност од 653 КС, односно краткотрајно 925 КС, кога четирите погонски електромотори ќе се впрегнат целосно. При максимален вртежен момент од четирипати по 2.900 њутнметри, спортската лимузина тешка 2,3 тони ќе се катапултира до 100 km/h за 2,8 секунди, а крајната брзина изнесува точно 350 km/h.

Дури и тоа е доволно за Quant да го презеде престолот на електричните автомобили, но тоа што ја плаши конкуренцијата е досегот – се ветуваат 600 километри, најмалку! Со зголемување на резервоарот соодветно ќе се зголеми и досегот. Прототипот моментно има два резервоара од по 200 литри гориво. Под гориво се подразбира електролитска течност, односно раствор на вода и соли на метал. Со други зборови: Солена вода.

Се размислува и за бродови со погон на водена ќелија

Оваа јонизирана течност доаѓа во допир со мембраната на течната ќелија од обете страни. Од едниот резервоар дотекува позитивно, а од другиот негативно наелектризиран електролит. При оваа „редокс“ реакција се создава електрична струја – толку е просто. Кога процесите на редукција и оксидација се одвиваат паралелно, во техниката тоа се нарекува „студено согорување“.

Nasa ја патентираше течната ќелија како алтернативна технологија за акумулирање на енергијата уште во 1976 година. Nanoflowcell го искористи овој принцип на работа и го усоврши, но тајна е како успеа во тоа. Во споредба со технологијата со литиум јонски батерии што е вообичаена кај актуелните електромобили, енергетската густина на погонот со течна ќелија е петпати поголема. Тоа значи дека e-Sportlimousine, при иста големина на „акумулатор“ ќе мине петпати подолг пат од конвенционалните електромобили.

Во моментов уште е рано да се зборува за почеток на продажба, за цени, опрема или какви било други пазарни параметри. Во секој случај, технологијата може да се примени и на помали и поедноставни автомобили. Nanoflowcell планира технологијата да ја воведе и во бродовите, што би придонело за нејзино поевтинување. Како продукт од „ладното согорување“ произлегува само пареа или гранулат, зависно од техничката постапка. Течната ќелија може да се користи и како стационарен погон. Моментно таа наоѓа примена во енергетскиот менаџмент на соларните електрани.

Огромна потрошувачка на гориво, но и покрај тоа поевтино за возење

Најважното секогаш следува на крајот. Новото гориво ќе биде евтино. Еден литар од електролитската течност ќе биде многу поевтин од литар бензин. Добро е што е така, затоа што прототипот во најдобар случај троши 66 литри електролит на сто километри. Трошоците за гориво во секој случај ќе бидат пониски отколку со фосилните или биогоривата, а полнењето на резервоарот исто така не претставува проблем, затоа што се користи истиот принцип на точење како на најобична станица за гориво.

Последново, сепак, наидува на еден проблем. Не постои инфраструктура за полнење на гигантските резервоари на Quant, поточно не постои ниту една станица во светот каде што може да се наточи електролитот. Горивото самостојно го произведува Nanoflowcell. За целиот проект да се заокружи и конечно да доживее сериско производство, потребно е да се приклучат партнери, како за изработката на возилото, така и за изградба на инфраструктура. Единствен партнер засега е Bosch. Тој ќе помогне да се изработат уште два прототипа од e-Sportlimousine.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Специјална серија за 40-годишнината на Golf

Десетгодишнина на новата Dacia