за

Тест · Citroen C3 · Рутината не е во речникот на овој автомобил

Citroen C3 е меѓу моделите што постигнаа оваа марка за само неколку години да стекне целосно нова физиономија, а во исто време да се поврзува со славното минато. C3 се издвојува и надвор од марката, ова е еден од најоригиналните, а згора на тоа и еден од најпродаваните модели во градската класа. На тестот на C3 го бараме одговорот, што е тоа што толку ги привлекува луѓето кај овој автомобил?

Рутината може да биде корисна, за човек да остане истраен до постигнувањето на некоја цел што ќе си ја одреди. Рутинско вежбање, на пример. Кај автомобилите, пак, на луѓето обично не им се допаѓа кога ќе препознаат рутина. Тоа е исто како заведувањето да се сведе на рутина. Иста форма на светлата за сите модели од една марка, иста маска, исти потези во дизајнот, па дури и користење истоветен облик на каросеријата, што сразмерно се смалува или зголемува за да се добие помал или поголем автомобил – сцената веќе разви алергиска реакција на модели од таква сорта.

Во Citroen, веројатно немаат слушнато за збор рутина, а уште е помалку веројатно дека тој збор е напишан во некој стратешки план. C3 во оваа генерација, за марката постигнува исто колку AX во 1980-те и 1990-те години, којшто со 2,56 милиони примероци е втор најпродаван модел на Citroen во историјата, веднаш по 2CV. Додека повеќето конкуренти на C3 се рутински смалени варијанти на компакт моделите и се влечат на нивниот имиџ, овој оди на тотална оригиналност.

Тројкава на Citroen има, не еден, туку два пара светла, две маски, има и две господски хромирани лајсни, со тоа што горната продолжува над трите диодни модули на дневните светла и над трепкачите, додека долната врти косо покрај главните светла. Секако дека сите овие елементи ги поведува двојниот шеврон, симболот на марката. Овој изглед е дури и сменет од оној што C3 го имаше при премиерата пред пет и пол години. C3 е моделот што во почетокот на 2020 година прв го презеде стилот од носот на концептот CXperience, прикажан на салонот во Париз во 2016 година.

Многу нешта поседува овој C3, токму на местата на коишто рутински сработените градски автомобили изгледаат толку бледо. Долниот дел од браникот како да е од теренец, а во нивото Feel Pack има уште и магленки што се влежиштени во примерно обработени панели. Сé е одмерено точно, па дури и широко порабените арки со темна пластика и заштитените прагови изгледаат сосем природно. Ништо не двои, сé е складно. При секое ново гледање има по некое изненадување. Основата на ретровизорите, на пример. Тоа што долниот дел од задниот браник исто така е изведен како кај теренец, заедно со продолжетоците во насока на светлата, е најголемиот „сокриен“ детал на C3.

Еден детал сепак е највпечатлив и градскиот Citroen е најпрепознатлив токму по тоа: Прочуените AirBump

Без сите овие додатоци, и толку препознатливиот AirBump на вратите, немаше да биде толку ефектен. Секако дека AirBump & Co. имаат и по некој психолошки ефект. Кога човек ќе го погледне C3, со сите овие, не само стилски, туку и вистински делотворни заштитни елементи, природно е да си помисли: „Супер, сите гребаници од крвничко отворање врата по скопските паркинзи, вдлабнатини од возачи без осет, но и погрешни процени при паркирање, ќе ги преземе пластиката, место скапиот каросериски лак.

Citroen C3 од ланскиот мај е милионер. Уште на старт се познаваше дека ова ќе биде уште еден голем модел на марката. Во првиот полн квартал на моделот во продажба, а тоа се првите три месеци во 2017 година, C3 веќе се продаваше за 70% подобро од претходникот. За менаџерите на Citroen, најмалку беше изненадување тоа што половината од нарачките се однесуваа на моделските изведби со повисоките нивоа на опременост, со двобојна каросерија, и секако, со AirBump, којшто и тогаш и сега се нуди како опција без доплата.

Дизајнот, всушност, решава најмногу. Во класата на градските автомобили, дизајнот им е важен на 34% од купувачите, додека просекот во браншата, во сите класи и сегменти, изнесува 22 проценти. Разликата кај C3 е во начинот на којшто се нуди тој дизајн. А, тоа значи пред сé, достапни цени за понудените можности да се стави личен печат во изгледот на градскиот C3. Покрај седумте бои за каросеријата, може да се избира и меѓу четири бои за покривот. За Citroen да го лакира покривот во црна, бела, црвена, смарагдно сина боја, цената е 260 евра. Во највисокото ниво Shine, дури и таа опција отпаѓа, треба само да се посочи со каква боја на покривот да дојде автомобилот. За толкава сума, повеќето производители денес ниту патосници не ставаат.

Привлечноста на Citroen C3 лежи во тоа што ниту основната моделска изведба не изгледа „основно“

Во топ-нивото Shine, коешто чесно се нуди и со основниот мотор, може дополнително да се избира и шара на покривот. Таа се изведува во оригиналното вдлабнување во покривот, што е уште едно обележје на автомобилов. Citroen нуди три варијанти – црвена, сина и „дрвена“ боја. Таа опција чини 120 евра, и тоа е чесно. Зависно од тоа во каква боја е покривот и шарата, соодветно се изведува и украсниот дел во задните столбови. Тоа е оној мал, но ефектен детал, што на тест возилото е изведен во мат сива боја, со бела „капсула“ во средината. Надворешните стилски егзибиции завршуваат со можноста да се избере бојата на рамката на магленките и на капсулата во AirBump. Овој примерок на C3 е во стандардната изведба за нивото Feel Pack, со сјајно црна рамка за магленките и бело обрабена капсула во AirBump. Кој сака да се доискаже, може да избере овие два елементи да бидат во црвена, сина или бела боја. Цената: 70 евра.

Овој модел што донесе клучни промени во Citroen, потекнува од времето на моментно најмоќната дама во браншата, госпоѓа Линда Џексон. Сегашната извршна директорка на Peugeot, a тогаш прва дама во Citroen, родум од Ковентри, реално ја донесе марката најблиску до патот по којшто моделите на Citroen возеа во времето на DS, GS, па и Ami. Сегашниот C3, заедно со C3 Aircross, во голем дел се потпира врз замислата со C4 Cactus, револуционерниот модел што ја повлече целата марка во нова и вистинска насока. Браншата уште долго ќе ги спомнува близу осумте илјади примероци продадени од Cactus во првиот месец по стартот.

Дизајнот е големо поглавје на C3, но приказната не завршува тука. Актуелниот и долгогодишен бестселер на Citroen, на којшто статистиката во уште „здравата“ 2019 година, му признава 3-то место меѓу најпродаваните модели на неговиот домашен пазар во јуни во таа година, како и наслов на 4-ти најпродаван модел во класата во Европа, лани беше најпродаван не-СУВ автомобил на македонскиот пазар. Статистиката за домашниот пазар е со многу пропусти, меѓутоа нема сомнежи дека Citroen C3 е втор најпродаван автомобил во МК лани, со близу 300 примероци, по Kia Sportage. Исто така неофицијално, C3 е трет најпродаван модел во Македонија годинава, со 55 продадени примероци до април. Пред него се Corolla и Duster.

Моделската низа што ја наследи серијата C3 открива бројни големи имиња: Ami 6 и Ami 8, Saxo, AX, Visa

Овој C3 на тест ќе биде воедно и одговор на прашањето, што е тоа што толку ги привлекува македонските возачки и возачи кај градскиот Citroen. Поверодостојно би било прашањето: Што е тоа што возачките и возачите ги убедува да се решат за C3, откако ќе ги привлече изгледот? Леснотијата што се чувствува зад воланот, тоа е несомнено првиот впечаток што го има стекнато секој што седнал да го вози наследникот на Saxo… и на AX, Visa, Ami 6 и Ami 8, на првиот C3, со дизајн што директно беше поведен од 2CV.

„Тројката“ лесно и прегледно се маневрира на паркинг, престројувањето е лесна вежба, во целина се стекнува впечаток дека станува збор за лесен автомобил. Со неговите 1.055 килограми, C3 PureTech 82 секако дека не е лесна категорија, туку вешто нагодената амортизација е тоа што го создава пријатното чувство во возењето. Тоа првенствено се бара од градски автомобил: Добра амортизација, во случајов дури и одлична за класата, лесно возење, едноставно секојдневие со автомобилот.

Тоа освежувачко чувство од комфорната амортизација не произлегува од примената на некоја посебна технологија или некој изум со ветувачко име, туку едноставно е резултат од храбриот пристап на проект-менаџерите, да направат подвозје што повеќе ќе биде на страната на комфорот и на мекото возење. Традицијата на марката дава дополнително право, Citroen да им се врати на вистинските вредности на марката. C3 можеби ќе дозволи амортизерите при скршнување да потклекнат за нијанса повеќе отколку кај германските градски „болиди“, но токму таа нијанса е доволна за C3 да се разликува, и комфорот да го искористи како предност. Од друга страна, далеку е од тоа дека таа незначително поголема мекост им штети на возните својства. Напротив, овој Citroen е динамичен, предвидлив, доволно темпераментен, и не постојат пречки да се патува и на долги рути.

Не е само до дизајнот и до шминката, C3 поседува и внатрешни вредности

Подвозјето е меѓу предностите на градскиот Citroen. Силен впечаток остава хармонијата меѓу амортизерите и пружините, но позитивната оцена се заокружува дури кога ќе се забележи дека ништо не се забележува од работата на подвозјето. C3 амортизира тивко. Многу инженерска работа е вложена во таа насока. Тука веќе почнува да се согледува дека C3 не само што се разликува во дизајнот, туку и во неговата функција, да вози, тој следи некоја добра замисла.

Во збирот на сите овие вредности, дури и не е потребен некој моќен или супер-турбо мотор за човек да биде вистински среќен со автомобилот. Моторот 1,2 PureTech е трицилиндарски, атмосферски, со моќност од 83 КС и вртежен момент од 118 Nm. Тоа е мотор што Stellantis масовно го вградува во своите модели и очигледно дека пазарот е сосем задоволен со тоа што овој мотор може да го постигне. Моторот, патем, повеќепати е одликуван како најдобар мотор во светот во својата категорија, во рамките на International Engine of The Year. Генерално, сé е повеќе од доволно.

За повеќе пари, повеќе музика, во 1.2 PureTech 110, којшто дополнително располага и со турбонатполнење. Кој сака повеќе моќност, мора да смета на разлика во цена од 1.536 евра, меѓу PureTech 82 и 110, со таа разлика што посилниот мотор не се нуди во основното ниво на опрема Feel, туку треба да се посегне барем по средното ниво Feel Pack. За автоматски менувач, пак, мора да се смета на највисокото ниво Shine.

Разликата меѓу основното ниво Feel и средното ниво Feel Pack изнесува 800 евра, тоа е вредна доплата, имајќи ги предвид ставките во опременоста

Citroen не прави половични нешта ниту во опременоста. Уште во основното ниво Feel спаѓа комплетен арсенал од системи за безбедност, вклучувајќи и камера за знаци за брзинско ограничување, предупредување при опасност од судир, систем за задржување во лента и уште низа ставки. Диодни светла напред и назад се стандард, исто како и патен компјутер, грејачи во ретровизорите, и секако, клима уред. Средишниот дисплеј на инфо-забавниот систем располага со пречник од 5 инчи, додека во двете повисоки нивоа следи дисплеј од 7 инчи и Mirror Screen.

AirBump не се вградува во нивото Feel, тоа е достапно од нивото Feel Pack, како во тестираниот автомобил, со тоа што може да се избере и возилото да ја нема оваа препознатлива, но делотворна заштита. Од опциите, може да се избере двобојна каросерија (260 евра) и комфорни седишта со 15 mm екстра полнење, заедно со дополнителни украсни панели во кокпитот, кожа на волан и потпирач за рака напред (во пакет, 500 евра).

Основното ниво Feel, со мотор со 83 КС како во тестираниот C3, во ценовникот на Автонова чини редовни 16.860 евра, односно 16.360 евра со попуст од 500 евра. Кај Автонова ја има таа посебност, што преку вебсајтот (https://carstore.citroen.mk/vozila-na-lager/?serie=c3&max_price=) може да се погледнат возилата што во моментот се на лагер, и коишто обично имаат и дополнителна ценовна предност за купувачите. Во моментот додека ја подготвуваме објавата на тестот, најдостапната изведба на лагер е со истиот мотор и со исто ниво на опрема Feel Pack, како C3 на тестот, со цена од 16.630 евра, односно со 1.300 евра попуст.

Цените на дополнителната опрема исто така остануваат „прегледни“, грејачи во предните седишта чинат 200 евра

Тоа што дополнително се добива во второто ниво на опрема, Feel Pack, се магленки, челични тркала од 16 место 15 инчи, фамозните AirBump, па и автоматски клима уред и средишен дисплеј од 7 инчи, со збогатен функционалност. Разликата со Feel изнесува 800 евра, односно тоа е цената по којашто се добиваат сите овие ставки.

Доколку се посегне по највисокото ниво, Shine, моторот 1.2 со 83 КС се нуди и таму, со тоа што треба да се смета на цена од 18.278 евра со попуст од 500 евра. Двобојниот покрив е стандард кај Shine, заедно со кожа на волан, самостојно собирање ретровизори и уште бројни стилски детали. Во ова ниво може да се доплати и за алу-тркала од 16 инчи (360 евра), грејачи во предните седишта (200 евра), пристап и старт без клуч (400 евра) или навигација (450 евра).

Внатрешноста на C3? За тоа би требало да се измисли нов збор, а најблиску до тоа е описот дека внатрешноста е поканувачка. Тоа значи дека оваа C3 поканува да се седне во неа и да се вози. Во оваа марка дури и сивата боја добива „боја“. Реално, сивата е сива колку и секоја друга, единствено има разлика во тоа што е вложено талент и идеја, за целата внатрешност да се обележи во знакот на капсулата. Симболиката на капсулата е јасна и погодена, а тоа што е неверојатно, тоа е обемот на местата на коишто се препознава таа форма. Дури и стрелките на инструментите се облагородени, толку е детална посветеноста.

Просторноста, практичноста и функционалноста се традиционално моќни подрачја на Citroen

Просторноста е шампионска, исто и на задната клупа, кадешто се чувствува како C3 да нуди повеќе простор во споредба со моделите во класата. За багажникот, тоа е неспорно, со 300 литри, градскиот Citroen нуди простор колку некои компакти. Просторноста тука оди заедно со практичност и функционалност. Само преградата пред совозачот има зафатнина од 6,5 литри. Користени се и трикови, на пример џебовите во вратите имаат бела внатрешност, за на тој начин да се стекне уште поубедлив впечаток за просторот.

Забелешките повеќе се од „козметички“ карактер. Графиката во средишниот дисплеј е крајно прегледна и јасна, менито е логично и нема подменија и лавиринти, за човек да се изгуби при ракувањето, меѓутоа малку помодерен стил на графиката сигурно не би пречел. Citroen, што е друго име за иновација, не е исклучено во блиска иднина да почне да нуди „апдејт“ на графиката. Со кокпит-спреј е подобро да не се претерува врз арматурната табла, затоа што при летно сонце што е ниско на хоризонтот, во одредена ситуација може да се појави по малку отсјај во ветробранот. Инструментите исто така можело да бидат подобро засенети во ситуации како претходно спомнатата. Сето тоа на крајот дава претстава за еден прилично совршен модел од градската класа. Плус, Citroen.

Тоа што плени кај C3 е колку овој автомобил е Citroen

Кога Citroen произведе милион примероци од C3 од третава генерација, производителот се рекламираше со порака дека „милион луѓе купиле автомобил како никој друг“. Како е можно милион луѓе да купат еден модел на автомобил и сите тие автомобили да бидат различни? Тоа е новата стара интелигенција на Citroen, којашто е темел на иновативноста и револуционерството во марката. Во случајов, се мисли на бројните можности за ставање личен печат во изгледот на C3. Можни се точно 97 варијанти на бои и додатоци, според производителот. Идејата на менаџерите беше на луѓето да им се понуди автомобил, на којшто ќе можат да менуваат многу нешта во изгледот. Но, клучниот момент беше, тоа да се понуди по достапна цена, за луѓето да се поттикнат да го прават својот C3 различен и посебен, на тој начин придонесувајќи за облагодорување на вкупниот имиџ на моделот. Citroen вели и дека автомобилите им се „Inspired by You“. Тоа е точно. C3 е комфорен, затоа што луѓето бараат комфорен автомобил за градското секојдневие. Во други нешта, C3 е голем автомобил, на пример, во просторноста, во пријатното чувство во кабината, во тивката кулиса. Но, тоа што им дава цврста подлога на сите овие вредности, тоа е дизајнот.

Сите технички податоци, цени и главни ставки во опременоста на Citroen C3 Puretech 82 Feel Pack можете да ги погледнете во нашиот онлајн-каталог

Citroen C3 PureTech 82 Feel Pack

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Најсилниот модел на Mercedes-AMG вози по македонски асфалт

Kia Sorentо да остане без Black Edition ќе биде чудно