за

Најсилниот модел на Mercedes-AMG вози по македонски асфалт

Во салонот на Мак Аутостар деновиве е како на Кански Фестивал, по една ексклузивна премиера следи друга, уште поексклузивна. Овојпат станува збор за најсилниот Mercedes-AMG во историјата.

Не само најсилниот модел на Mercedes-AMG во историјата, туку и примерок од специјалната серија од истиот тој модел е следната ѕвезда во салонот на Мак Аутостар летово. Пред десетина денови, ексклузивната серија модели ја започна G 63 доработен во G Manufaktur, потоа следеше апсолутно најголемиот автомбоилски новитет на годината и на деценијата, Mercedes-AMG SL Roadster, дизајниран од македонскиот маестро во Штутгарт, Славче Таневски. Серијата ексклузивни премиери сега продолжува со еден AMG GT со големо име, со причина големо име.

Најсилниот модел во историјата на Mercedes-AMG е во салонот на Мак Аутостар во Скопје. Уште по името, на невидено, се познава дека станува збор за нешто посебно. Toa e Mercedes-AMG GT 4Türer 63 S E Performance, па на тоа следи уште AMG Sonderedition. Најсилен е, и во тоа никој не се сомнева: Системска моќност од 843 КС и системски вртежен момент од 1.400 Nm. Цената во чекор ја следи титулата на најсилен AMG: Во македонскиот ценовник, за моделот стои цена од 259.990 евра. На тоа треба да се додадат уште десетина проценти, колку што чини примерок од ексклузивната серија AMG Sonderedition. Овој автомобил е двојно поскап од основниот модел во гамата на AMG GT, којшто и самиот е ексклузивец, па и со моќноста од 367 КС.

Кога AMG на своите модели им прикачува налепница E Performance, тоа значи дека во нив работи технологија што произлегува од Формула 1. Овој автомобил фактички е приклучен хибрид што може одредено растојание да извози чисто на струја. Но, другите способности одушевуваат повеќе. Со 4,0-литарски битурбо V8, синхронен електромотор со постојана побуда, специјална батерија и погон ан сите тркала AMG Perfomance 4Matic+, спринтот на GT 63 S E Performance до темпо сто трае 2,9 секунди, односно помалку од десет секунди до темпо 200. Највисоката брзина изнесува 316 km/h.

Импресионира и опремата што AMG стандардно ја вградува во својот најбрз автомобил.

Подвозјето AMG RIDE CONTROL+ го приспособува придушувањето на секој амортизер според ситуацијата, за неколку милисекунди. Преку програмите на AMG DYNAMIC SELECT се избира основното дотерување на амортизацијата, од спортски+ модус до комфорен модус за релаксирано крстосување. Керамичките сопирачки дискови се лесни, траат вечно и се одликуваат со висока издржливост дури и при екстремно возење по тркачка патека.

Пакетот AMG Sonderedition е ексклузивна ставка и лесно се препознава кога GT вози со тој пакет, по бојата AMG green hell magno. Дел од пакетот се и кованите тркала од 21 инчи со 5 двојни краци, со мошне ефектни прстени и со „рог“ што е обработен на фреза. Спортскиот изглед го дополнува двојниот пакет AMG Night со каросериски додатоци во сјајна црна боја и со фолија по долниот раб на вратите. Македонскиот GT 63 S E Performance има и широкоград избор од дополнителна опрема, вклучувајќи сончев покрив и седишта AMG Performance.

Технички податоци

 

Mercedes-AMG GT 63 S E PERFORMANCE

Системска моќност

620 kW (843 КС)

Системски вртежен момент

1.010 – 1.470 Nm

Бензински мотор

4,0 литри V8 Biturbo

Зафатнина

3.982 cm3
Моќност на мотор 470 kW (639 КС) при 5.500-6.500 1/min
Вртежен момент на мотор 900 Nm при 2.500-4.500 1/min

Моќност на електромотор

150 kW (204 КС)

Вртежен момент на електромотор

320 Nm

Погон

Погон на сите тркала AMG Performance 4MATIC+ со целосно варијабилна распределба и Drift Mode

Менувач

AMG SPEEDSHIFT MCT 9G
Потрошувачка, просек 7,9 l/100 km
Емисија на CO2, просек 180 g/km
Потрошувачка на струја, просек 12,0 kWh/100 km

Големина на батерија

6,1 kWh

Досег на струја

12 km
0-100 km/h 2,9 s

Највисока брзина

316 km/h

Тежина со возач

2.380 kg

Mercedes-AMG SL во салонот на Мак Аутостар е речиси национален празник

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Volvo ќе гради фабрика за електрични автомобили во Словачка

Тест · Citroen C3 · Рутината не е во речникот на овој автомобил