Историски ден за македонската автомобилска сцена, но и општо, за гордоста на Македонија. Без бројки, податоци, факти, опишуваме како во редакцијата на вашата Аутомедиа го видовме за првпат Mercedes-AMG SL Roadster, во салонот на Мак Аутостар. Тоа е како поздрав од македонскиот дизајнер во Штугарт, маестро Славче Таневски.
Тоа што се случува кога човек првпат ќе се најде покрај Mercedes-AMG SL, не се разликува многу од класичен заплет во театарска претстава. Славче Таневски, македонскиот дизајнер во Штутгарт, што лани одбележа десет години работа во Mercedes-Benz Cars, при создавањето на изгледот на SL како да бил драматург, кој вешто ги организира деловите од претставата, за одушевувањето да расте во секој следен чин.
Силуетата е позната, различна од претходниците, но пак позната, затоа што родстерот којшто од оваа генерација се води под спортската марка на Mercedes-Benz Cars, досега се има појавено милиони пати на друштвените мрежи. Разликата што се чувствува кога ќе се застане директно покрај оваа форма, тоа се деталите. Но, пред сé, има еден крупен „детал“. Кога се гледа оддалеку, тешко може да се стекне претстава за вистинската големина на AMG SL. Треба прво човек да застане покрај каросеријата, како репер, за да се покаже масивноста на родстеров. SL е гигантски, нешто прави оваа силуета да изгледа подолга отколку што е, но и да биде пониска, поширока, позаоблена. Несекојдневен автомобил, тоа сигурно.
Должината не е толкава, колку што има детали коишто го привлекуваат вниманието. Додека уживателите во автомобилскиот дизајн го изодат патот од носот до опашот на овој автомобил, што потекнува од една од најмоќните моделски лози на Mercedes-Benz, тоа трае и трае. Не само што трае, туку и се повторува.
SL прикажува ново толкување на „стандардните“ каросериски елементи: Крилата изгледаат различно, спојуваат потези од историските генерации на родстерот на Mercedes-Benz, со најнапредна технологија на изработка
Еден од најпечатливите моменти е ширината на крилата, кога се гледа од напред. Обично е тешко да се разграничи, што е продолжение на хаубата, а што е крило, меѓутоа овој маестро, Симон Трпчевски на автомобилскиот дизајн, ја применил својата вештина и јасно се гледа што е крило, а што е преод од хаубата во крилата. Вториот момент е досега невидената, изненадувачки голема длабочина на којашто се впуштени отворите за воздух во предниот браник. Маската, традиционалната панамерикана, практично штрчи напред, со џиновската трикрака ѕвезда што досега од горе до долу. Тоа се забележува само од неколку агли.
Кога со камера ќе се обидете да направите швенк долж каросеријата, ќе забележите како таа да се стеснува, се искачува или спушта, како што движите од напред кон назад или обратно. Понатаму се откриваат нови и нови детали, дури и светлата доаѓаат на крајот.
Исто како EQS SUV, и овој модел дизајниран од Славче Таневски ќе доживее и благородничка изведба под знакот на Maybach
Внатрешноста е луксуз на милионити степен. Тука се покажува дека AMG SL го зафаќа и местото на претходниот S-Class Cabriolet. Првпат ќе се понуди и изведба под знакот на Maybach. Главниот момент во кокпитот е средишниот исправен дисплеј, што се мести по агол, за да се спречи директно одбивање на сончевите зраци кон возачот, при ниско сонце.
Бојата на каросеријата на салонскиот примерок, доаѓа од понудата на „Manufaktur“ и се води како алпски сива боја. Таа само прави црвената кожа со којашто е обложен практично целиот кокпит, седиштата секако, да биде уште поцрвена. AMG вели дека тоа е ред-пепер боја. Седиштата се нагласено спортски, во изведба AMG Performance, и чинат околу 2.500 евра. Салонскиот примерок поседува и пакет AMG Dynamic Plus, меѓу другото со електронска блокада на диференцијалот на задната оска. Жолтите сопирачки клешти се само козметика во споредба со остатокот од пакетот.
Како што и ветивме, во оваа објава нема да спомнуваме (многу) бројки и факти. Родстерот на AMG едноставно е повеќе од доволно силен, повеќе од доволно динамичен, повеќе од брз, повеќе од безбеден и повеќе од технолошки супернапреден. Пристигнувањето на SL во Македонија е момент на којшто треба да се посведочи, па затоа нема да претеруваме ниту со фотографии или видеа. Значи, право во салон. На прекрасните луѓе во тимот на Мак Аутостар ќе им биде разбирливо дека сте дошле во салонот „само“ за да го видите SL. Испратете и поздрав од Македонија до Славче Таневски.
Mercedes-AMG SL со потпис на Славче Таневски е „сон на соништата на секој дизајнер“