Јасен и препознатлив дизајн, приспособлива кабина и напредни технологии. Тоа му овозможи на Opel Crossland да освои половина милион сопственички и сопственици. Оваа силна бројка е постигната за прилично кусо време, кросоверот што е наследник на Meriva стартуваше во 2017 година.
Opel објаснува зошто Crossland е толку успешен. Со каросерија со должина од 4,22 метри, Opel Crossland соединува врвна приспособливост во кабината, со многу простор за целото семејство. За тоа придонесува и можноста задната клупа да лизга 150 милиметри по должина, за да се добие повеќе простор во багажникот или повеќе комоција за патниците на задната клупа. На тој начин, веќе големиот багажник со 410 литри, се проширува на 520 литри. Со соборена задна клупа, товарниот простор достигнува 1.255 литри.
На купувачите им се важни и системите за асистенција, што прават возењето во Crossland да биде релаксирано, а во исто време и безбедно. Стандардната опременост опфаќа интелигентен темпомат, систем за задржување во лента и камера за сообраќајни знаци. Исто и диодните светла се дел од сериската опременост. За примерното ниво на безбедност се грижат предупредувањето при опасност од судир, со автоматско запирање, како и препознавање пешак на пат и замор на возачот. Достапни се и проекциски дисплеј, камера што прикажува простор во ширина од 180 степени зад возилото, приспособлива контрола на тракција IntelliGrip и уште цела низа ставки од богатиот арсенал на Opel.
Секако дека голем дел од успехот на Crossland произлегува и од изгледот. Тоа важи посебно по моделското освежување што беше извршено лани, за кросоверот да добие маска во стилот со Mokka. „Визорот“ напред го содржи логото и визуелно ги спојува сите елементи во предниот изглед, постигнувајќи мошне впечатлив ефект и раширувајќи го возилото. Промените во изгледот го опфатија и опашот, каде што името на моделот сега е напишано средишно по задниот поклопец, со раздвоени букви.
Производството на Opel Crossland се одвива во Сарагоса, Шпанија. Марката веќе најави дека наследникот ќе се нуди и во електрифицирана изведба, исто како секој нов модел на Opel. Од 2028 година, Opel во Европа ќе нуди само електрични модели.
Crossland во Македонија стартува од 19.010 евра за изведбата со 1,2-литарски мотор со 83 КС и ниво на опрема Edition.