за ,

„Бета-верзија“ на автопилотот ја предизвика трагедијата со Tesla Model S

Tesla направи многу пионерски потези што го сменија светот на автомобилите. Но, еден потег повлече предалеку. Додека големите производители уште се двоумат, Tesla дозволи нејзините автомобили целосно да возат самостојно. Се случи тоа од што сите стравуваа. Првата човечка жртва на автономното возење.

Иднината на автономното возење се најде под темен облак. Калифорнискиот специјалист за електрични автомобили Tesla Motors, со едномесечно задоцнување објави на својот блог дека човек загинал во нејзиниот Model S во судир како последица на неодговорно активираниот автопилот. Тоа е првата жртва на технологијата за автономно возење, поточно, на „идната“ технологија на а автономно возење.

Зошто идната? Затоа што Model S не е автономно возило, туку само делумно автономно возило. Нејзиниот автопилот е способен да изврши одредени маневри без интервенција отстрана, но возачот за сето време мора совесно да ја следи ситуацијата. Колку што во моментов е познато, трагичната незгода се случила поради „закажувањето“ на системот за самостојно запирање при опасност од судир, истиот систем што се вградува и во моделите на другите производители на автомобили и што има задача да го спречи судирот или барем да ги намали последиците од истиот.

Tesla е жртва на агресивниот маркетинг за „супериорниот“ автопилот

Проблемот е во тоа што Tesla премногу еуфорично го најавуваше автономното возење во своите модели и нарекувајќи го овој систем „автопилот“, на возачите им сугерираше дека Model S или Model X се автономни возила. Јавноста сега би можела да стекне погрешен впечаток дека трагичната незгода е последица од автономната технологија. Но, вистинската одговорност е само во Tesla. Американскиот производител на електрични автомобили во својот маркетиншки настап премногу ги охрабруваше возачите да се потпираат на супериорноста на неговата автономна технологија. Tesla е жртва на сопствениот агресивен маркетинг.

https://youtu.be/yLmxS71FIJc

Многу пионерски чекори стојат зад марката Tesla, особено во поглед на електромобилноста. Но, повлекувањето чекор во непознат правец, некогаш може да резултира и со кобни последици. Безбедноста на автомобилите е мошне чувствително подрачје, дури и најчувствително. Американците си дозволија да ја пречекорат границата на разумното. Многу поголеми производители на автомобили, со неспоредливо поголема експертиза, не си дозволуваат да ја пречекорат таа граница.

Во моментов американските автомобилски власти вршат истрага дали конструкциска грешка во системот, поточно во софтверот, ја предизвикала трагедијата. Откако ќе се прочитаат возните податоци, ќе се дознае што точно довело до незгодата, слично како со црната кутија кај авионите. Но, низа настани укажуваа и предупредуваа дека најмалку посакуваното ќе се случи порано или подоцна.

Големите производители се многу повнимателни кога се работи за безбедноста

Откако Tesla го воведе системот во своите возила, на интернет можеа да се погледаат безброј застрашувачки видеа, на кои што сопствениците на модел на Tesla буквално си поигруваат со автономната технологија во нивните возила. Најрадикалниот пример: Сопственикот седи на задната клупа, додека неговата Tesla јури самостојно по автопат. Производителот не презеде доволно мери да ги „поучи“ сопствениците на возилата дека технологијата не е семоќна, односно постојат граници.

https://youtu.be/eOYsI1cqUrw

Технологијата за автономно возење во Tesla не е ништо друго освен „бета-верзија“ на технологијата што останатите производители ја најавуваат во сериските автомобили дури за 2020 година. Проблемот: Луѓето научија да живеат со недоработени бета верзии, на своите паметни телефони или компјутери. Кај нив е вообичаено новите програми да функционираат со 90 проценти. Во меѓувреме, производителот работи на усовршување и потоа го нуди апдејтот. Но, бета-верзиите досега не биле критични за личната безбедност. Кога бета-верзија ќе се остави да решава за возењето место возачот, веќе е многу опасно. Тоа сега се докажа со трагичната незгода со Tesla Model S.

Трагичниот случај со Tesla нема да означи крај за бета-верзиите во автомобилите. Напротив, тие во иднина ќе се вчитуваат во уште поголем обем во сегашните и идните системи во возилата – но, тоа ќе бидат бета-верзии на софтверот што патниците го користат за забава додека се наоѓаат во возилото, а не и на софтверот што е релевантен за безбедноста во возењето. Овој случај конечни ќе ги разбуди институциите, за во иднина да се спречи ваква самоволност како со „автопилотот“ на Tesla.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Рајнер Цитлоу во нов потфат: Од Магадан до Лисабон за 8 денови

Mercedes сака бандажите да се менуваат како кондури