за

Тесла поевтинува насекаде, продажбата удолу

Понудата од модели на Тесла веќе е застарена, додека соперниците во Кина постојано исфрлуваат нови и поевтини ЕВ.

Тесла ги скуси цените на сите поголеми пазари, во САД, Европа и Кина, како одговор на слабата продажба и преполнетите плацеви.

Компанијата на Илон Маск ја спушти цената на основната изведба на рестилизираниот Модел 3 во Кина за 14.000 јуани, што одговара на околу 1.800 евра. Тоа значи дека електричната лимузина од средна класа сега почнува од 231.900 јуани, односно околу 30.000 евра. Тоа е објавено официјално на вебсајтот на Тесла во Кина.

Во Германија, производителот од САД ја намали цената на Модел 3 со заден погон на 40.990 евра, од претходните 42.990 евра, откако во февруари веќе имаше едно спуштање на цените.

Паѓаат цените и на други пазари во Европа, во Средниот Исток и Африка, соопштуваат од Тесла.

Во САД, Тесла во петокот ги намали цените за Модел Ипсилон, Модел Икс и Модел С за 2.000 долари.

Спуштањето на цените се случува откако Тесла месецов објави дека продажбата во првото тромесечје е намалена за 8,5 проценти, со продадени 386.810 возила. Тоа се должи на забавената побарувачка за електрични возила, како и на заострената војна со цените на електричните автмобили, а посебно од кинеските соперници.

Тесла не ги обновува своите застарени модели, меѓу другото и поради тоа што повишените камати го разводенија апетитот на купувачите за скапи набавки.

Надежи во автономното возење

Компанијата на Илон Маск во саботата ги спушти цените за софтверот за помош при возење, што Тесла го нарекува Фул Селф-Драјвинг, или кусо ФСД. Цената е намалена за третина, и таа сега изнесува 8.000 долари во САД.

Извршниот директор Илон Маск се надева дека таа технологија ќе стане главен извор на добивка. Тој сепак со години не успева да постигне неговата технологија самостојно да управува со возилото, додека и законите стануваат сé построги.

Во изминатите недели, Тесла пушти нова верзија на софтверот ФСД. Маск најави дека компанијата ќе претстави роботско такси на 8-ми август.

Ројтерс на 5-ти април објави дека Тесла се откажала од намерата да произведува евтин електричен автомобил. Инвеститорите го очекуваа тој модел и повеќе се надеваа дека развојот повеќе ќе се насочи кон масовниот пазар, отколку кон роботско такси.

Маск кажа дека „Ројтерс лаже“, без да наведе во кој дел точно е невистинита објавата на Ројтерс. Тој не откри повеќе детали за моделот и ги остави инвеститорите во неизвесност.

Милијардерот во минатиот понеделник каќа дека компанијата ќе отпушти повеќе од 10 проценти од својата работна сила ширум светот, откако таа се соочи со првиот пад во продажбата на годишно ниво.

Во средата, Тесла објави дека ќе ги замоли акционерите повторно да гласаат против надоместокот во висина од 56 милијарди долари за Маск, што во јануари беше одбиен од страна на судот во Делавер.

Во петокот, компанијата објави дека повикува во сервис близу 3.900 примероци од Сајбертрак, заради поправка на педалите за забрзување, чијашто облога може да се откачи и да се заглави, оневозможувајќи му на возачот да забрзува или сопира.

Маск го одложи и патувањето за Индија, каде што требаше да одржи средба со премиерот Нарендра Моди, образложувајќи дека има „неодложни обврски“ во Тесла.

Тесла ќе ја објави добивката за првиот квартал на 23-ти април. Вредноста на акциите годинава е намалена за преку 40 проценти, поради загриженоста околу забавената продажба, силната конкуренција во Кина и планот на Маск за целосно да се префрли на автономни возила.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Сите Сајбертракови на Маск мора да се вратат во сервис

Врвна прецизност и динамика: претставен новиот Кајен ГТС