за

Тесла го распушти тимот за маркетинг, не им донесе многу корист

Тесла се откажа од тимот за маркетинг по една година откако Илон Маск кажа дека ќе се обиде со традиционалниот пристап.

Илон Маск заработи 775 милиони американски долари

Отпуштањето на стручниот тим е знак дека Тесла се откажува од намерата да ги рекламира своите автомобили, како што е стандард во браншата.

Тесла го распушти новоформираниот тим за маркетинг, како дел од бранот отпуштања од компанијата. Тоа значи дека американскиот производител се откажува од намерата да се обиде со традиционален маркетинг, по помалку од една година откако извршниот директор Илон Маск го одобри формирањето на тимот.

Тимот за „содржина за растеж“ во САД се состоеше од околу 40 вработени, предводени од Алекс Инграм. Луѓето се отпуштени од компанијата, како дел од масовните откази што се делат во Тесла, кажуваат извори што се упатени во случувањата.

Инграм се наоѓа на списокот за отпуштање, кажуваат изворите. Мала група за маркетинг уште работи за Тесла во Европа.

Многу поголем обем на откази има во дизајнерското студио на Тесла и во работниот персонал во Хоторн, Калифорнија, кажуваат луѓе што се упатени во случувањата, меѓутоа не го откриваат својот идентитет поради тоа што се работи за приватна информација.

Тесла и Маск не одговориле на барањето за коментар.

Отпуштањата се знак дека Тесла се откажува од намерата да премине на традиционален маркетинг. Производителот на електрични автомобили со години се откажуваше од рекламирање на веб, ТВ, радио, во печат. Името се градеше главно преку пренесен збор. Маск дури лани се одоброволи да се „обидеме со малку маркетинг, па да видиме како ќе оди.“ Инграм почна да го формира тимот за растеж пред одвај четири месеци.

Инвеститорите постојано бараа Маск да се посвети повеќе на маркетингот, во време кога почна да забавува продажбата на електрични автомобили во светски рамки и се појави поголема конкуренција.

Освестувањето на Тесла за маркетингот точно се совпаѓа со моментот кога Маск ја купи друштвената мрежа Твитер, што сега е преименувана во Икс. Популарната мрежа се обиде да се спротивстави на наглиот пад во наплатата на реклами, под новиот сопственик. Фирмите гласно негодуваа поради контролата над содржината и поради сопствените објави на Маск, што честопати доведуваа до контроверзи.

Укинувањето на тимот за маркетинг е дел од најголемиот бран отпуштања во историјата на Тесла, откако Маск во минатата недела најави дека ќе бидат опфатени повеќе од 10 проценти од вкупниот персонал. Блумберг прецизираше дека бројот во некои одделенија ќе достигне и 20 проценти, што значи дека вкупниот број на лица што ќе си заминат од Тесла ќе биде над 20 илјади.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Шеф-дизајнерот на Фолксваген се сели во кинески САИЦ

Забрзување кон иднината: Македонска премиера на новиот Порше Тајкан