за

Како Македонија од 186.000 тони дизел почна да троши 535.000 тони дизел годишно

Кусо пред почетокот на сезоната на екстремна аерозагаденост, објавуваме еден податок што неоспорно укажува на природата на проблемот кој на државата со години ѝ носи планетарна (не)популарност. Во Македонија денес се троши трипати повеќе дизел – под трошење секако дека се подразбира согорување.

загадување воздух непал
Фото: http://codefornepal.org

Просечната дневна вредност на загаденоста со честички PM уште сега е на лимит. Тоа се случува во Скопје, во Гостивар, Тетово и Куманово, исто како и во Кавадарци, Кочани и Велес, ширум Македонија. Вистината е дека сé што наводно се презема против загадувањето е фарса.

Своевремено, еден градоначалник на Скопје прскаше лепак по улиците, за честичките гареж да се залепат за асфалтот. Веројатно тој и неговиот иновациски тим се надеваа да ја унапредат својата кариера во светски рамки, затоа што дотогаш никој се немаше сетено да примени такво рудиментарно решение против загадувањето. Приближно во исто време почна и баснословна телевизиска кампања за јадење здраво, заедно со масовно отворање пилјари, кои никнуваа во секоја поголема зграда – додека од друга страна, Зелениот пазар и Буњаковец пречеа, оти беше подобро на одличната и скапа локација да никнат згради. Логиката беше, ако веќе воздухот е загаден, тогаш барем да го одложиме времето додека истиот нé дотепа. Тоа е приближно матрицата со којашто нашите одговорни и стручни лица и органи пристапуваат кон решавањето на проблемот со загаденоста „од светски ранг“.

Работата на одговорните лица и надлежни органи всушност се сведува на тоа проблемот со загаденоста да не се реши. Најголемата причина зошто државата е незаинтересирана да го стави под контрола проблемот со загаденоста – не само обична, туку светски рекордерска загаденост – лежи во наплатата на акциза. Логиката е едноставна. Колку повеќе гориво ќе се потроши, толку повеќе акциза ќе се наплати. Со акцизата, којашто не е друго туку данок за луксуз, се полни државната каса. Полна државна каса, задоволни државни службеници и среќни државни функционери. Нема поедноставно од тоа.

Во малопродажната цена на литар дизел, самото гориво учествува со 18,23 денари

За илустрација. Дизел горивото неделава чини 50,50 денари за литар. Во таа цена најмалку има гориво. Во малопродажната цена, горивото учествува со 18,23 денари. Акцизата, пак, вредна е 18,12 денари. На тоа следат уште најразлични надоместоци, меѓу кои е најголема ставката што се води како „Трошоци за работење преку склад и трговска маржа“ во висина од 5,36 денари по литар дизел.

На властите им е многу комотно откако во 2010 година почна масовен увоз на користени автомобили од Бугарија, Германија, од секаде. Бројките укажуваат многу јасно. Во 2005 година, Македонија реализирала потрошувачка на 186,43 илјади тони дизел, за потребите на патниот сообраќај. Наспроти тоа, потрошувачката на бензин во истата година изнесувала 122,2 илјади тони.

Во 2011 година, Македонија веќе троши близу 300 илјади тони дизел. Според последните објавени податоци од Заводот за статистика, во 2018 година потрошувачката расте на 535 илјади тони дизел! Тоа е речиси трикратно зголемување!

Проблемот со загадувањето се појави кога градските и се’ уште нови автомобили, ги заменивме со стари и големи автомобили од бугарските автоплацеви, за кои тогаш малкумина знаеја колку се реално скапи за одржување – за животната средина исто така

За целиот овој период, откако државата дозволи некогашниот возен парк со разумни и достапни градски автомобили, релативно нови автомобили, да се трансформира во возен парк со најголемите и соодветно најстари лимузини и теренци од автоплацевите, со најлошиот квалитет на издув, на јавноста масовно ѝ е сервирана „приказна“ дека загаденоста на воздухот произлегува од ќумбињата на дрва или од правењето скара покрај Треска.

Значи не е проблем тоа што се потрошила – а тоа значи и согорила – трипати повисока количина на нафта. Проблемот дрско и самозаштитнички се поместува колку е можно подалеку од неговото вистинско жариште. Народот треба да вози, „државата“ мора да живее – и масовно да се труе.

Каде се еколозите во сета оваа ситуација? Еколозите за своите „активности“ добиваат средства од државниот буџет. Тоа значи дека и нив им е од интерес за проблемот да не се реши, односно по можност, истиот да се одолговлекува и да се префрлува на банални случаи. Ниту една еколошка организација досега не излегла со соопштение и не спровела ниту едно истражување, иако постоеја одлични шанси за најпрецизно да се укаже на врската меѓу сообраќајот и загадувањето – во време на полициските часови. Податоците уште стојат на располагање, освен ако и тие не изгореле во вчерашниот пожар кај инспекторите за животна средина.

Научниците и експертите ја подржуваат државната стратегија што овозможува статус кво

Решението на проблемот не може да се бара ниту од експертите и научните институции, на коишто совршено им е позната целата причинско-последична спрега. Зошто? Науката кај нас работи под државна закрила. Излегувањето со најкредибилни заклучоци околу причините за загадувањето би било упад во државниот систем, а тоа е премногу политика за нашите научници и сите учени профили што за загадувањето не судат преку отворање прозорец.

Вистинските темели на фарсата всушност лежат во т.н. финска студија, којашто само претпоставува дека сообраќајот учествува со дваесетина проценти во вкупното загадување. Препоставува, затоа што параметрите што се користат ги земаат предвид фабричките вредности за потрошувачката на гориво на автомобилите, а уште понаивно, ги земаат предвид и фабричките вредности за количината на штетни материи во издувните гасови од автомобилите.

Мобилна апликација најделотворна за решавање на проблемот со екстремната аерозагаденост?

Место државата одговорно да се ангажира во обезбедување на уставно загарантираното право на чист воздух, проблемот се решава со мобилни апликации. Како што ќе напредува сезоната на убиствена аерозагаденост, така по социјалните мрежи и по тв-дневниците ќе почнат да се објавуваат скриншотови од најразновидни мобилни апликации што само ги собираат податоците од мерните станици – кои, патем, ги има сé помалку.

Сето тоа е само како вовед, аерозагаденоста е тема што нашата редакција ја обработува стручно и објективно уште од самиот почеток на порталот Аутомедиа.мк. Секако дека би сакале повеќе да ја задржиме забавната природа на нашите објави, автомобилизмот е впрочем тема што има свои обожуватели и познавачи, меѓутоа како медиум го сфаќаме подеднакво како одговорност објавувањето на реални анализи и заклучоци што водат кон подобрување на квалитетот на воздухот.

Од нашите претходни објави на тема аерозагаденост:

>>> За политичарите нема загадување, а дизел скандалот ни вози по улица

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

General Motors Honda северна америка

General Motors и Honda ќе соработуваат во Северна Америка

Maserati MC20 premiera

Maserati што му парира на Ferrari