за

Maserati што му парира на Ferrari

Maserati повторно има спортски автомобил што ѝ доликува на марката. MC20 изгледа одлично, неверојатно е брз и од се’ има по нешто што конкуренцијата го нема.

Maserati MC20 premiera

Не му е лесно на Ferrari во овие денови. Црвените болиди заостануваат далеку во Формула 1. Сега ќе се случи и конкурентската куќа, што се наоѓа буквално зад аголот, да ги престигне суперспортските автомобили на Ferrari. Секако станува збор за вечниот ривал Maserati, кого што Маранело го победи и на улица и на трка во 1950-те и во 1960-те години. Maserati, патем, во изминативе дваесет години добива мотори од Ferrari и ги вградува во Ghibli, Quattroporte и Levante.

Maserati MC20 е суперспортски автомобил што заслужува да се нарече така. Новиот модел е многу поразличен од лимузините и брзите СУВ што неколку години наназад му носеа раст во продажбата на Maserati. Разликата почнува уште од ознаката. Место име со италијански призвук, новиот тркач се води како MC20. Тоа е кусо од Maserati Corse, како што гласи името на тркачкото одделение на куќата, коешто во раните 2000-ти години беше сериски победник во GT-шампионатот. Бројот 20 ја означува годината.

Посложено е околу технологијата на спортскиот автомобил со средишен мотор. Дури и самиот мотор е ремек дело. Така е од повеќе причини. Прво, трилитарскиот V6 е од сопствен развој и од сопствено производство. Бидејќи Maserati две децении наназад не произведуваше мотори, погонот за производство е комплетно обновен. Тоа беше платено скапо од концернот Fiat Chrysler, каде што припаѓа марката со тризабецот.

Компактниот V6 располага со т.н. впрскување во преткомора. Тоа им е добро познато на возачите на камиони. Кај тешките дизели, овој принцип делува одлично веќе со децении. Технологијата не ѝ е непозната и во формула 1. Моторите во кралицата на мотоспортот веќе неколку години постигнуваат повисока моќност и ефикасност на тој начин.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со преткомора, двојно палење, двојно впрскување и два турбополначи, моторот постигнува 630 КС од само три литри работна зафатнина. Тоа значи дека литарската моќност изнесува 210 КС, повеќе од кој било друг автомобил во сегментот. Покрај тоа, агрегатот произведува и максимален вртежен момент од 730 њутнметри. Затоа и не е чудо тоа што Maserati ја патентираше технологијата на моторот.

Истата технологија во иднина ќе се користи и за останатите модели на Италијанците. Технологијата има скалеста примена и може да се користи и кај дволитарски мотор. Спринтот до темпо сто трае 2,9 секунди, а за крајната брзина се наведува само дека е над 325 km/h.

New photo by Automedia MK / Google Photos

По купе-изведбата на MC20, наскоро ќе следат и отворен Spyder, како и чисто електрична верзија. За купето е сосем реално да чини далеку над 200.000 евра. Се планира и враќање во меѓународниот GT-спорт. Уште е неизвесно во која тркачка серија ќе се случи камбекот, поради тоа што моментно се менуваат правилата.

Maserati MC20 има одлични предуслови да биде недостижен на тркачката патека. Во каросериската структура има многу карбон, аеродинамичноста е изведена маестрално, менувачот е осумстепен со две спојки, диференцијалот по желба добива и електронска блокада, додека во подвозјето дејствуваат т.н. виртуелни водилки. Во развојот учестуваше и специјалистот Dallara.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Тежината е 1.470 килограми, што помалку од Porsche 911 и приближно е исто колку Ferrari 488 GTB. За тоа да се постигне, кабината е изведена спартански. Место украсни дрвени панели има карбон, место кожа има алкантара, а место куп прекинувачи служи дисплеј од 10,25 инчи, заедно со дигитални инструменти.

Италијански автомобил сепак не може да мине без стил во кокпитот. Алуминиумскиот контролер е изработен на фреза и тронува во речиси празната средишна конзола. Со него се избира една од петте програми за возење, од дожд до тркачка патека.

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

загадување воздух непал

Како Македонија од 186.000 тони дизел почна да троши 535.000 тони дизел годишно

BMW i4

Минхен е подготвен за почеток на производството на BMW i4