за

Кој навистина ги произведува денешните автомобили?

Автопроизводителите се соочуваат со најголемите сервисни акции во историјата. Вината е во тоа што повеќе модели користат исти делови. Денешните автомобили ги произведуваат добавувачите. Само 25 проценти од деловите се од матичниот производител.

Се сеќавате на сцената кога Хомер Симпсон е горд на тоа што вози американски автомобил? Неговиот механичар, сепак, го разочарува на крај: „Вашето возило е произведено во Хрватска од стари руски тенкови.“ Оваа сцена од култната цртана серија не е далеку од висината. Тоа што денес се продава под „made in America“ или „made in Germany“ најчесто е една дебела лага. Дури и еден од најгерманските автомобили, Volkswagen Golf, во комби изведбата во шестата генерација не се произведуваше во Волфсбург, туку во Мексико. Таму се произведуваат и Beetle и Jetta.

Во САД сé е испревртено. Јапонскиот бестселер Toyota Camry се произведува локално. Популарните теренци на BMW исто така се произведуваат во САД. Уште поинтересен е синџирот на малите добавувачи кој досега речиси до секоја точка во светот. Британската благородна марка Aston Martin неодамна мораше да објави од каде потекнуваат педалите за гас во нејзините модели. Добавувачот од Кина го утнал квалитетот на пластиката за дел од механизмот на педалата за гас. Целиот круг на добавувачи се состоел од три кинески фирми и едно претпријатие од Англија, кое што на крајот му ги испорачувало составените педали за гас на Aston Martin. Никој не забележал дека деловите се фалсификат. Купувачите сигурно нема да заборават дека во нивните суперспортски купеа вредни по 250.000 евра се вградувал фалсификуван дел од Кина.

Од овој случај сепак не треба да се заклучи дека сите 5.000 добавувачи за автоиндустријата во светот работат лошо. Кај повеќето фирми има обратен случај. Гигантите како Bosch или Continental инвестираат многу да обезбедат квалитетот на производство да биде ист во нивните фабрики во цел свет. Големите сервисни акции, од кои последните погодија преку еден милион возила на General Motors и Volkswagen, сепак покажуваат дека производителите на автомобили станаа зависни од добавувачите. На производителите на автомобили сé потешко ги држат под контрола мрежите на своите добавувачи.

Само 25 проценти од деловите потекнуват од производителот на автомобилот

Ризикот од масовни сервисни акции се зголеми откако индустријата се префрли на заеднички платформи и заеднички делови за повеќе модели и марки, како на пример кај Volkswagen. За компактите Audi A3, Volkswagen Golf VII и Seat Leon се користат исти модули и ако има грешка во модулот, тоа ќе ги погоди сите модели и ќе повлече сервисна акција за милиони возила. Тоа би било огромен финансиски удар за секој производител.

Автомобилите се светско дете

Уделот на компоненти што потекнуваат од самиот производител на автомобилот речиси се сведе на неколку завртки или електрични спојници. Во 2002 година две третини од деловите во возилото доаѓаа од добавувачите, место од производителот на автомобилот. Во меѓувреме, добавувачката индустрија вработува трипати повеќе персонал отколку производителите на автомобили, додека уделот на компоненти од добавувачкиот синџир достигна 75 проценти. Во исто време се отвораат и фабрики во други земји. Audi, на пример, во минатата година за прв пат произведе повеќе автомобили надвор од Германија отколку во земјата.

Се произведува глобално. Новата класа С на Mercedes се произведува во четири земји на три континенти: Германија (Бремен), САД (Таскалуза, Алабама), Кина (Пекинг) и Јужна Африка (Ист Лондон). Компонентите се набавуваат на глобално ниво. Само за деловите за моторите на класата С има преку 20 добавувачи. Неколку примери:

  • Брегасти и коленасти вратила: Thyssen-Krupp
  • Изолација и зашита на простор за мотор: Voestalpine
  • Разни сензори: Continental
  • Клипови, цилиндерски кошулки, вентили, филтри за воздух: Mahle
  • Систем за напојување, генератор, свеќички за палење, алтернатор старт-стоп, мотор за вентилатор: Bosch

50 фирми доставуваат делови за класата А

Списокот на најважните компоненти на актуелната класа А брои речиси 50 добавувачи:

  • Од фирмата Behr-Hella Thermocontrol доаѓа клима уредот, а од Brose вентилаторот на клима уредот.
  • Обата амортизера за задниот капак ги испорачува Stabilus.
  • Предните сопирачки облоги потекнуваат од Honeywell Friction Materials, сопирачките дискови од Brembo.
  • Elringklinger е задолжен за заптивките за главата на моторот, Federal-Mogul за клиповите, Neumayer Teckfor Group за делови од брегастото вратило и FAG за валчестите лежишта.
  • Од Delphi потекнува впрскувањето со заеднички вод за дизелските мотори.
  • Carcoustics International се грижи за звучната изолација во кабината.
  • Edscha ги испорачува шарките на вратите, Gentex надворешните ретровизори со заштита од заслепување. Потпирачот за рака потекнува од Magna, арматурната табла од Faurecia.
  • Сончевиот покрив е производ на Inteva Products, а панорамскиот покрив од Webasto.
  • Од Autoliv доаѓа воздушната перница за совозачот, рачките на воланот се од Marquardt, а анласерот со старт стоп систем е од Denso Europe.

Списокот на добавувачи на актуелниот VW Golf е ист како кај класата А на Mercedes, со неколку разлики: Thyssen Krupp го испорачува управувачкиот столб, ITT Italia ги произведува сопирачките облоги, додека од Hellermanntyton доаѓаат другите делови за системот за сопирање, Kiekert е задолжен за бравите, а Koyo за лежиштата во менувачот.

Кина купува од Европа

Кинескиот автомобил Qoros 3, од кого производителот очекува одлична продажба на европскиот пазар, користи компоненти од реномирани производители. Најчесто се работи за истите фирми што се вклучени и во добавувачкиот синџир за VW Golf или Mercedes. Неколку примери:

  • Мотор и менувач: Valeo, Mahle, Bosch, BorgWarner, Continental, PMG, Getrag
  • Кабина: Johnson Controls, Magna, Bader, Magna, Marquardt, Valeo, IAC
  • Навигација и радио: Microsoft (телематика), Neusoft

Добавувачите произведуваат според нарачката на производителот на автомобилот, што значи дека ист дел за две различни марки може да се разликува драстично во неговата сложеност. Според тоа, кога дел за евтин автомобил ќе се вгради во поскапа марка, можно е тој воопшто да не функционира.

Добавувачите ќе имаат уште поважна улога во иднина. Овие вредни помагачи не служат само како продолжение на производствениот синџир и евтин резервоар за работна сила. Две третини од најреволуционерните пронајдоци во браншата потекнуваат токму од добавувачите. ABS и воздушни перници, радарски темпомати, автоматски менувачи, диодни светла, сите овие пронајдоци се дело на добавувачите како Bosch, Denso, Magna, ZF, Continental или Hella.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Кинескиот Qoros на тест на auto motor und sport

Теренецот на Seat ќе се произведува во Чешка