за

Грците возеле најстари автомобили во ЕУ, а Македонците возат уште постари

Деновиве масовно се препишува статистиката на АЦЕА, којашто покажува дека во моментов Грција има најстар возен парк во ЕУ – податоци за бугарија нема. Човек може да помисли дека во Македонија сигурно се возат понови автомобили.

Во најновата статистика што ја објавува лоби групата на производители на автомобили во Европа, АЦЕА, Грците возат најстари автомобили. Просечната старост на возниот парк што го сочинувале 5.495.927 патнички автомобили во 2022 година, изнесува 17,3 години. Колку во просек се стари македонските автомобили?

Грција, Естонија, Латвија, Полска, Литванија. Тоа се водечките пет земји по староста на возниот парк. Податоци за тамошните автомобили, бугарија не доставила. Исто и Малта. Понискиот стандард во споредба со другите земји не мора да се поврзува со староста на возниот парк. Хрватска, на пример, иако е 4-та земја во ЕУ по стандардот на живеење – од долу, поточно според куповната моќ, со староста на возниот парк од 13,3 години, повеќе е во средината, отколку на дното.

Уште еден добар пример се Словенија и Италија. Иако Словенците се две места подолу од Италијанците, според куповната моќ, нивните автомобили во просек се понови за околу половина година. Разлика од половина година значи многу повеќе отколку што може да се просуди со лаичко заклучување. Тоа е исто како разлика меѓу 0,1% од сто автомобили и 0,1 процент од милион автомобили.

Секако дека и оцената на домашните препородавачи на користени автомобили, што ќе кажат дека македонскиот возен парк бил стар во просек меѓу 12 и 16 години, уште од старт е утнат, затоа што со малку познавање на математиката, просек не може да биде меѓу 12 и 16 години. Просекот може да има само една вредност.

Држава

Возен парк

Просечна старост

Грција 5495927 17.3
Естонија 849294 16.6
Латвија 769345 15.2
Полска 26457659 14.9
Литванија 1347548 14.7
Словачка 2721252 14.7
Унгарија 4091975 14.6
Шпанија 25644595 13.9
Португалија 5560000 13.6
Хрватска 1836016 13.3
Финска 2740393 12.9
Италија 40213061 12.5
Исланд 236824 12
Холандија 9233107 11.7
Словенија 1221702 11.2
Франција 38856492 10.8
Норвешка 2876313 10.8
Шведска 4980543 10.7
Обединето Кралство 37050775 10.3
Германија 48763036 10
Швајцарија 4768843 10
Белгија 5877949 9.8
Ирска 2292748 9.1
Австрија 5150890 8.9
Данска 2794055 8.9
Луксембург 448454 7.9
Кипар 601131
Чешка 6425417 15.9
Романија 7865186 14.9
ЕУ 12.3

Колку тогаш навистина се стари македонските автомобили?

Според најверодостојна статистика од Заводот, просечната старост на патничките автомобили во Македонија во 2022 година била 19,5 години. Не станува збор за разлика од само две години, зад најлошите возни паркови во ЕУ, туку проблемот со којшто се соочува земјава е многу посериозен.

Истата таа статистика, што е неспорно точна, наспроти божемниот просек од 12 до 16 години кај препродавачите на користени возила, при малку повешто разгледување, открива дека во Македонија во 2022 година, постари од 10 години биле 429.000 патнички автомобили, односно 88,7 проценти од возниот парк. Тоа не е ништо помало од катастрофа.

За споредба, во 2004 година, долги години пред да се случи „револуцијата“ кога 50.000 терачи на стари автомобили со бугарски таблици, се заканија дека ќе ја блокираат државата, ако од нив се бара да ги префрлат возилата на македонски таблици, а со тоа и да платат данок, што дотогаш нé штитеше од бугарскиот отпад, просечната старост на возниот парк изнесувала 15,4 години, односно само 67 проценти од автомобилите биле постари од 10 години.

Автомобили стари до пет години, сочинувале 12,2 проценти од возниот парк во најдобрата година според тоа гледиште, во 2010 година, во годината на нападот со бугарските стари автомобили. Оттогаш, возниот парк е во постојано умирање. Во 2022 година, само 3,1 процент од возниот парк го сочинуваат автомобили стари до 5 години. Четирикратно е смален уделот на автомобили стари до пет години.

Дали тоа е до стандардот? Или можеби е нешто друго? Во времето кога во Македонија се возеа најмлади автомобили и кога возниот парк не умираше, Македонците возеа Пунто и Поло. Времето на Југо и Стокец беше одминало долго пред тоа. Македонија возеше нормални автомобили, какви што може народот да си дозволи. Меѓутоа, под влијание на бугарските разбирања за автомобили, што и самата ЕУ не ги вклучува во своите статистики, се расипа и македонскиот поим за автомобил. Место ново Пунто и Поло, стана подобро крш бемве донесено од бугарските отпади. Да се глумело. Германците велат „мер шајн алс зајн“, односно се потсмеваат кога нешто само изгледа вредно оти свети, но внатре е гнило.

 

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Автомобилскиот бренд „Гили“ отвора салон во Џевахир Мол Скопје

Новиот модел на Хавал е големо куче