за

Новиот модел на Хавал е големо куче

Во Хавал не постои шема на марка, што во основата произведува различни големини на еден ист автомобил. Дарго се разликува во сé.

По моделите Х6 и Џолион, трет во новиот бран модели на Хавал, најпознатата марка на Грејт Волт Мотор, е Дарго. Со силен теренски нагласок, овој СУВ освојува, не со цената и не со богатата опрема, туку пред сé со концептот.

Хавал Х6 им заврши работа на сите кинески производители на автомобили на македонскиот пазар. Присутен во три генерации во понудата на Толту Моторс, овој модел со цена на компактен СУВ, а просторност на средна класа, увери дека од автомобилите од Кина не треба да се очекува првенствено ниска цена. Х6 е претставителна, солидна, издржлива, многу повеќе од тоа не треба.

Незначително помалиот Џолион следеше кусо по премиерата на третото колено на Х6 и главното што го постигна беше уверувањето дека од Хавал може да се очекува и стил што не треба да се крие зад европските марки.

Сега во салонот на Толту пристигна третиот модел од новиот бран, што концернот Грејт Вол го отпочна во пролетта 2020 година. Тогаш Кинезите го најавија своето помасовно впуштање на светскиот пазар, со нова платформа Лемон, со системи за асистенција Кофи, со електрификација. Како концерн што е во приватна сопственост, односно е акционерско друштво, што е реткост во кинеското автомобилско производство, Грејт Вол мора да се потпира на квалитетот на своите возила, а не на сумата што ќе ја добие како помош од Пекинг, што е случај со сите големи марки што дури сега згазнуваат на европско тло. Затоа, моделите на Хавал и останатите марки на Грејт Вол Мотор се разликуваат.

Третиот модел е Дагоу, така Кинезите го изговараат неговото име, што значи големо куче. Во Европа, моделот не е Дагоу, туку е Дарго. Европското име треба да асоцира на „деар ту гоу“, односно на смелост за нешто да се направи.

Публиката го избра името Дагоу на гласање

Познавачите е сосем извесно дека веќе го имаат видено Дарго и не малкумина се прашувале зошто ГВМ сега го воведува овој модел, покрај одличен Х6 и не помалку добар Џолион. Во салон е друга приказна. Првиот впечаток е робусноста. Долг околу 4,70 метри, Дарго со големите букви Хавал на маската го открива своето потекло, но во стилот одвај дека има нешто заедничко со познатите модели на Хавал.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Automedia.mk (@automedia.mk)

Идејата била да се создаде автомобил што ќе оддава стил стилен на Г-класа, па и на Дифендер, меѓутоа е далеку од тоа дека може да се зборува за копија. Дарго е одлично дизајнирано парче СУВ, што за разлика од елегантната и отмена Х6, и стилски префинетата Џолион, оди на робусност.

Од првиот поглед кон носот е јасно зошто Кинезите го нарекоа моделот „големо куче“. Вистина, човек прво ќе се праша дали Дагоу значеше „големо куче“ или „луто куче“, затоа што во ликот што го создаваат предните светла и маската се препознава токму луто куче.

Арките на крилата се обложени со масивна пластика, ветробранот е поисправен отколку кај Х6, покривот е рамен и со впечатливи кровни носачи. Светлата откриваат дека во ова возило има и технологија.

Внатре следи нешто сосем различно, па и неочекувано. Во поглед на изненадувањата што може да ги приреди, Хавал е шампион. Внатре се додадени елементи во портокалова боја, насекаде. По таблата, по седиштата, по средишната конзола. Озвучувањето Инфинити укажува дека тука не се работи за шминка, туку за сериозно склопен модел.

Хавал Дарго во нашиот онлајн-каталог АВТОСАЛОН.МК · Технички податоци, опременост, цени, можност за споредба на сите нови модели на автомобили што се во понуда на македонскиот пазар

Haval Dargo 2.0 GDIT 7DCT

Моторот е дволитарски бензинец со турбонатполнење и 192 КС, погонот е на сите тркала, со електронски контролирана распределба. Менувачот е 7-степен со двојна спојка.

Системите за асистенција вклучуваат сé што е ред, од систем за следење лента до радарски темпомат, има и камера за знаци, и камера што просторот околу возилото го прикажува во 360 степени, а кога ќе се отвори врата и камерите гледаат дека од назад доаѓа возило, велосипедист или пешак, се слупша предупредување. Не изненадува тоа што има и проекциски дисплеј, обновување софтвер исто како кај мобилен телефон, електрика и вентилација на седиштата, па и масажа.

Од важните бројки, Толту наведува 6 години гаранција/150.000 километри, и цена од 42.900 евра.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Грците возеле најстари автомобили во ЕУ, а Македонците возат уште постари

VOLKSWAGEN GOLF 8 AMBLEM

Фолксваген и лани бил најголем производител на автомобили во Кина