Првите сопственици ќе го добијат новиот Kia Sorento на германскиот пазар на 10-ти октомври. Марката веќе започнува со нарачки за СУВ-крстосувачот на најголемиот пазар на автомобили во Европа, а наскоро се очекува да бидат познати и конкретните податоци за македонскиот пазар, имајќи предвид дека од Франфурт централно се координира целиот европски пазар.
Една од најважните новини кај европскиот СУВ-знаменосец на Kia е платформата што подржува електрификација, односно истата е предвидена за најразлични хибридни варијанти. Третиот ред седишта е опција во сите моделски изведби. Покрај новиот 2,2-литарски дизел, за четвртата генерација на Sorento првпат ќе биде достгапен и 1,6-литарски турбобензинец со хибриден систем. Изведба со приклучен хибриден погон ќе следи во почетокот на 2021 година. Двата мотори што се достапни во стартот се испорачуваат со преден или со погон на сите тркала. Цената за дизелот за германскиот пазар изнесува 41.419 евра, додека хибридниот 1.6 T-GDi со погон напред стартува од 42.394 евра.
Новата платформа и зголемената каросерија прават Sorento да биде меѓу најпросторните и најприспособливи СУВ модели со три седишта. Должината порасна за еден сантиметар, на 4,81 метри, но меѓу оските има три и пол сантиметри плус. Зголемен е просторот за колена напред и во средниот ред, и има повеќе простор за глава во третиот ред. Багажникот во верзијата со пет седишта располага со 910 литри, додека изведбата со 7 седишта, со соборен последен ред собира 821 литри. Хибридната изведба „губи“ само осум литри од просторот во багажникот.
Седиштата може да бидат обложени и со најквалитетна напа телешка кожа. Кокпитот се состои од дигитални инструменти од 12,3 инчи, а во повисоките нивоа се вградува и проекциски дисплеј. Во средишната конзола стандардно се вградува дисплеј од 8 инчи. Во верзијата со навигација, дисплејот расте на 10,25 инчи, а со тоа следуваат и онлајн-услугите UVO Connect.
https://photos.app.goo.gl/7b3RHWFGyKMj8HeC7
Хибридниот погон на Kia Sorento комбинира 1.6 T-GDi со електромотор со 44 kW (60 КС). Системската моќност изнесува 230 КС, вртежниот момент достига 350 Nm. Спринтот до темпо сто трае 8,6 секунди. Моќта се пренесува пореку шестстепен автоматик.
Дизелот испорачува 202 КС и 440 њутнметри. Новиот мотор со алу-блок тежи 38 килограми помалку од претходникот. За преносот е задолжен 8-степен менувач со двојна спојка. Максималната тежина на приколка изнесува 2,5 тони. Верзиите со погон на сите тркала располагаат со систем Terrain Mode за оптимална тракција на кал, песок или снег.
https://photos.app.goo.gl/3G9wJdr36x6Zi8Zj9
Kia Sorento има иновативен систем за предупредување за возило во мртов агол, со приказ на сликата од камерите директно во дигиталните инструменти. Интересна е можноста за паркирање на возилото со користење на клучот како далечинска контрола – само во комбинација со дизел мотор.
На германскиот пазар ќе се нудат четири нивоа на опрема. Основната изведба ќе поседува асистент за застој на пат, со радарски темпомат со самостојно запирање и поаѓање, систем за следење лента и дигитални инструменти, двозонска клима, грејачи во предните седишта и во воланот обложен со кожа, паркинг сензори и камера за рикверц. Сосем е реално Sorento да ја поседува оваа опрема и во основното ниво што ќе биде достапно на нашиот пазар.
https://photos.app.goo.gl/KEd5GAZvSHBWnqzeA
















