за

Audi S3 не е случајно жолт како питон

Екстра технологија прави Audi S3 да има дополнителна вредност во споредба со конкуренцијата што става карта само на силен мотор.

audi s3 sportback
Audi S3 Sportback

Пред 20 години, Audi S3 го зачна сегментот на премиум спортски компакти. Сега е ред за нова генерација, со S3 во изведба Sportback и како лимузина. Дволитарецот постигнува 310 КС и овозможува спринт до темпо сто за 4,8 секунди.

Уште со појавата, новите модели S3 не оставаат простор за сомневање дека станува збор за спортски модел. Маската со решетка со крупен растер и масивните отвори за воздух доминираат напред, а куќиштата на ретровизорите за контраст имаат алуминиумски финиш. Конкавната површина над праговите дополнително ги нагласува испакнатите крила. Како опција се нудат матрични диодни светла, со 15 диоди што го сочинуваат дневното светло, вклучувајќи ги десетте диоди за вертикалните линии. Големиот дифузор назад и четирите издувни цевки го заокружуваат спортскиот настап.

Со 310 КС и вртежен момент од 400 њутнметри, дволитарскиот TFSI испорачува пристојна моќност за новите модели S3. Како повчепатлива технологија, моторот користи AVS (Audi valvelift system), кој соодветно го приспособува одот на издувните вентили, со цел да се постигне оптимално полнење на коморите за согорување. Спринтот од место до темпо сто трае 4,8 секунди, крајната брзина е лимитирана на 250 km/h. Стандардно се вградува Audi drive select, преку кого може да се влијае врз звукот на четирицилиндарскиот турбо.

Погонот quattro, приспособливите амортизери и програмата за стабилност си ги разменуваат податоците со цел да се постигне врвна динамика

Молскавично брз седумстепен S tronic во комбинација со погон quattro ги испорачува њутнметрите до сите тркала. Хидрауличната ламелна спојка пред задната оска ја приспособува распределбата на моќта меѓу предната и задната оска. Нов систем е т.н. модуларен регулатор на возната динамика, кој директно ги спојува погонот quattro со програмата за стабилност и со приспособливите амортизери што се вградуваат со доплата.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Со задна оска со четири водилки и прогресивно управување, подвозјето нуди одлична основа за возачко уживање уште во стандардната изведба. Каросеријата е спуштена 15 милиметри. Сериското спортско подвозје може со доплата да се комбинира со приспособливи амортизери. Вентили во нив го регулираат протокот на масло, со што амортизерите за илјадинка од секундата се приспособуваат според патот, според условите или според желбата на возачот.

Сите четири сопирачки дискови се вентилирани, a по желба, Audi ќе ги прелакира црните сопирачки клешти со црвена боја. Бандажите стандардно се 18-инчни, опција се бандажи од 19 инчи.

Должината на Sportback во споредба со претходниот S3 порасна за три (сега 4,34 метри), на лимузината за четири сантиметри (4,50 метри). Во ширина, каросеријата порасна за по три сантиметри (1,82 метар). Во висината (1,43 метар) и во меѓускиното растојание (2,64 метри), двете каросериски изведби се идентични. Порасна и внатрешната ширина на кабината. Багажникот во комбилимузината располага со зафатнина од 325 до 1.145 литри, во лимузината стојат на располагање 370 литри.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Спортскиот дизајн продолжува и во кабината на S3, со новиот и компактен бирач за S tronic, со украсни панели од алуминиум или карбон и со рачки на вратите што личат како предните светла. Кокпитот е завртен кон возачот, големите отвори за воздух создаваат визуелна целина со стреата над стандардните дигитални инструменти од 10,25 инчи, со што се нагласува спортскиот карактер.

Дисплејот чита кога со прст се пишуваат букви по него

Може да се доплати за Audi virtual cockpit и за неговата верзија plus, со пречник од 12,3 инчи. Спортските седишта се нови, а нивните облоги во најголем дел се изработени од рециклирани пластични шишиња. Во средината се наоѓа дисплеј од 10,1 инчи поставен на голема површина со сјајна црна боја. Дисплејот „чита“ кога со прст се пишуваат букви по него.

New photo by Automedia MK / Google Photos

Инфо-забавниот систем е од третата генерација MIB 3, со десетпати побрз процесор од претходно и со интегриран WLAN-Hotspot. Меѓу онлајн-услугите спаѓа Car-to-X. Системот го олеснува наоѓањето слободен паркинг, но и ловење на зелениот бран во градови што располагаат со таква инфрастурктура (Диселдорф и Инголштат). Меѓу новите можности спаѓа и клуч Audi connect, за отклучување на возилото и за стартување на моторот преку мобилен на Android.

Нарачките во повеќето европски држави ќе стартуваат веќе месецов, а испораката ќе следи во почетокот на октомври. Цената на S3 Sportback во Германија изнесува 46.302,53 евра, додека лимузината стои во ценовникот со 47.179,83 евра. Во почетокот се нуди и лимитирана серија „Edition one“ – достапна со питон жолта боја за S3 Sportback, односно танго црвена боја за S3 Limousine, со црни акценти, со бандажи од 19 инчи и со спортски седишта.

>>> Audi A6 стана втор најпродаван модел на Инголштат

Дарко Јаконов

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Suzuki Challenge се вози во Италија по 21-ви пат

Suzuki Challenge се вози во Италија по 21-ви пат

Kia Sorento стартува на германскиот пазар од 41.500 евра

Kia Sorento стартува на германскиот пазар од 41.500 евра